[Став] Зошто не реагираме исто на Лахор и Анкара како на Брисел? Не е до расизмот, туку до стравот

Минатата недела на телефон ми се јави еден нервозен човек. Сакаше да дознае зошто медиумите посветиле толку многу простор на терористичките напади во Брисел, во споредба со оние малку текстови посветени на Анкара и Истанбул една недела пред тоа.

Тој не беше единствениот кој ги споредуваше реакциите на злосторствата во овие две земји. Други би гледале и подалеку од медиумите за да ја пресметаат пошироко навидум различната јавна реакција на бомбите во Белгија и нападите во Турција. Некои заклучија дека станува збор за фундаментално расистички наратив: ги цениме животите на белите Европејци повеќе од животите на луѓето со темна кожа надвор од европските граници. Можеби мислат дека известувањето за бомбардирањето во Пакистан уште повеќе го разгорува огнот.

Досега, што се однесува на The Independent, неодамнешните терористички акти во Турција беа далеку од игнорирани. После бомбата-автомобил на 13 март во Анкара, објавивме повеќе текстови кои информираа и го анализираа нападот. Сепак, точно е ако се каже дека нашето покривање на експлозиите во метрото и аеродромот во белгискиот главен град минатата недела беше поекстензивно. Делумно, тоа е одраз на практични причини – физичкиот пристап до Брисел не може да биде поедноставен, на пример.

Но, во тоа се одразува и поголемото ниво на шок на ова злосторство во Белгија меѓу луѓето во оваа земја. Тогаш, останува прашањето дали зголеменото чувство на хорор е мотивирано од некој вид на свесен или несвесен расизам. И доколку е, дали медиумите се додворуваат и одржуваат евроцентричен, ксенофобичен став со своето известување?

Да заклучиш дека е така се чини едноставно. Го игнорира фактот дека за повеќето Британци кои слушнаа за нападот во Брисел, првата точка за споредба не е Анкара, туку Лондон, или другите поголеми градови овде. Белгискиот главен град е, сепак, на многу начини сличен на Лондон. Тоа е град кој многумина Британци го посетиле, дом е на Европската комисија и сето обезбедување, нема граници со земји во конфликт. Накратко, станува збор за место кое го препознаваме.

Поголемиот фокус на Брисел, а не на Анкара, во тој случај не е поради расата или религијата, туку поради стравот. Луѓето во оваа земја се ужаснати од терористичките напади во Турција (и Пакистан и Мали и Буркина Фасо), но е многу поверојатно да бидат исплашени од тоа што го гледаат во сличните западни градови. Ако може да се случи таму, може да се случи и овде. Солидарноста покажана во исходот на масакрите во Франција и Белгија е на многу начини механизам за справување со овој страв, и е едноставен израз на сочувство за изгубените животи на луѓе кои не ги познаваме.

Но, ако е така, нели треба медиумите да се спротивстават на таквата психолошка состојба? До одреден степен, важно е да се земе предвид дали известувањето за било која трагедија, било која сторија, е пропорционално. Но во тој случај, нели е тројно бомбардирање во главниот град на Белгија поизненадувачко од терористички напад во Турција? Не е поужасно, не е посмртоносно и погротескно, но понеочекувано и понепредвидливо? Секако дека е. Не претставува ли прашање за нашите сопствени безбедносни агенции, кое не го наметнуваат убиствата во Турција, Ирак, Нигерија или Мали? Секако дека изгледа така.

Затоа, ако за минатонеделните напади во Брисел се известуваше повеќе во британските медиуми, отколку за терористичките дела на било кое друго место, тоа е така поради рационални причини. Тоа не треба да значи дека некои луѓе индивидуално не се мотивирани од ксенофобичен инстинкт. Но подеднакво е апсурдно да се претпостави дека некој кој пишува или чита повеќе за Брисел или Париз, отколку за Анхара или Лахор е или расист или не се грижи за мртвите во Турција или Пакистан.

Вил Гор