[Став] Зошто и како објективно да се известува за мигрантите и бегалците

Од 2014 година, па до денес, бегалците и мигрантите во македонските и интернационалните медиуми беа демонизирани, двојно виктимизирани, користени за евтини политички поени и како контра-аргумент за секоја мерка на десничарските влади во Европа.

За целиот тој период, нивните најголеми проблеми не се решени, што индиректно значи – новинарите и не ја завршиле најдобро својата работа. Човечките приказни најчесто не биле центар на проблемот, само бројките, статистиките и полемиките за тоа што бегалците и мигрантите би донеле доколку се населат во некоја земја. Имајќи искуство со пишување за бегалската криза, воочив неколку причини зошто е неопходно да се предочи зошто е неопходно објективно, професионално, и пред сè етичко известување за бегалците и мигрантите.

Најпрвин, затоа што ниту еден новинар кој ја сака и почитува својата професија не би спинувал и не би ширел лажни вести за некоја „повисока цел“, притоа повредувајќи човечки битија. Етичкиот код треба да важи за сите подеднакво, и пред автор на текст да напише лажна или застарена вест со нов контекст, треба да се сети дека неговата професија го прави одговорен пред субјектите на текстот, публиката, но и пред целото општество.

Познавањето на македонското и интернационалното право е исто така неопходно за да се известува за мигранти, бегалци, баратели на азил, жртви на криумчарење… Сите овие поими се различни, со различно значење и дефиниција во правото, но и различно ги третира правниот систем. Нема простор за претпоставки и лични заклучоци доколку се известува за ова.

Говорот на омраза исто така постои во огромна мера на социјалните мрежи, а кога не е говор на омраза, најчесто се навреди и директни напади. Наместо да поттикнува говор на омраза, новинарот треба да стори сè што е во негова моќ да едуцира, да информира и да спречи понатамошно разгорување на нетрпеливоста кон овие луѓе.

Коментари на Фејсбук страната на Радио МОФ

Коментари на Фејсбук страната на Радио МОФ

Понатаму, во изминатата година во Македонија се случија неколку, за мене, бизарни случаи кога бегалците и мигрантите беа користени како ПР трик на политичките партии. Пред локалните избори во октомври 2017 година, видовме и собирање на потписи за петиција со која граѓанска иницијатива бараше референдум против отворање на бегалски кампови. Од бегалските кампови и згради за домување нема ниту трага, а паранојата сè уште трае – сега Прифатен центар за бездомни лица кој се гради во Визбегово, е причина за паника дека во него ќе се населуваат бегалци. Во државава има луѓе кои се сè уште заглавени и не можат ниту да се вратат во својата земја, ниту да стигнат до таму кон каде тргнале. Нивното демонизирање во медиумите за да се зацрни кариерата на одредени политичари со шпекулација која ќе биде заборавена за три дена, сигурно не влијае добро на и онака лошата состојба која ја имаат овде. Ксенофобијата е нешто што треба да се елиминира со образование, а не да се подгорува.

Медиуми се повикуваат на Фејсбук групи

Ме иритира и мрзеливоста на некои колеги, кои се неволни да запознаат макар и еден бегалец или мигрант, да одат во транзитен камп, да позборуваат со луѓето кои се овде и да ги дознаат нивните причини за напуштање на земјата. Секако е полесно и поудобно да препишуваш анализи на својот лаптоп во канцеларија, но како би ја знаел вистинската слика од статистики кои овие луѓе ги претвораат само во бројка? Најпосле, секоја сторија е почитлива и луѓето се за неа поприемчиви, доколку ѝ се даде лице и име.

Лажна вест заснована на Фејсбук група

 

 

 

 

 

 

Она што е особено чудно е што и оние новинари кои навистина се трудат да ја прикажат состојбата најблизу до вистината, наидуваат на генерална незаинтересираност, па дури и цинизам од публиката. Презаситеноста на медиумскиот простор со секакви вести за бегалците и мигрантите, и точни и неточни, го умртви увото на просечниот слушател и веќе не регистрира вакви вести. Судбините на овие луѓе за некои станаа само бел шум. Поминаа веќе седум години од војната во Сирија, миграцијата од Авганистан и Ирак трае со децении, глад, сиромаштија и полициска држава во Еритреја се чини имало отсекогаш и ќе има засекогаш, а ние европејците сме само подебели, позагадени и поглуви за тоа што се случува вон нашите граници. Ги избираме и реизбираме таквите како Орбан и Курц, гласно ја браниме државата од „крадци, силувачи и екстремисти“, истовремено наплаќајќи им 200 денари за да го наполнат телефонот во нашиот дом. Пливаме во море од информации, а не знаеме ништо вистинито. Токму затоа е неопходно читателите да се истражуваат, критички да се анализираат и реанализираат, да читаат сто вести и да формираат самите една вистина.

А новинарите, да не заборават дека основата на новинарството, освен навремената и точна инфомација, е и хуманизмот. Не ја злоупотребувајте својата професија за да наштетите некому кому помош му е најпотребна.

Стефанија Тенекеџиева, Радио МОФ