[Став] Зошто да не се отворат училиштата?

Кога се прогласи вонредна состојба никој не знаеше што да очекува. Никој не беше спремен, и никој не беше сигурен во што да верува, владееше паника, а тоа се виде и по огромните редици во супермаркетите уште првите недели. Сите бевме преплашени затоа што се најдовме во состојба на незнаење во која дури и интернетот не помагаше.

Кои се вистинските вести? Кои се вистинските препораки? Дали е доволна само маска? Проверка низ дупчето на вратата да не има луѓе пред да излезам?  Темелно миење на рацете?! Едноставно никој не знаеше од каде да почнеме. Страв ти е оној до тебе да не е заразен, не знаеш дали самиот си заразен. Друго беше.

Сега, веќе не се ни пазиме толку, веќе ни е преку глава. Секој ден нова вест за вирусот, се пренесува вака, така, маската не те заштитува… Делува како крајот на светот. Секој ден нешто полошо и полошо. Но хеј, можеби е крајот на светот, не знаеме. Ама се покажа колку не ни е гајле.

Во една ваква ситуација потфрли една од највиталните, ако не најбитната институција на нашево општество – училиштето. Институцијата која треба да ни ги даде сите знаења за понатаму, нè остави на цедило. Нè остави без доволно знаење, нè остави да заборавивме дека постои. Многу ретки беа професорите кои се снајдоа и се трудеа да го одржуваат континуитетот на наставата и контактот со учениците, при тоа трудејќи се да се осигураат дека сме ги сфатиле насоките или сме ја разбрале материјата. Потребна е поголема системска промена во нашиот образовен систем, и тоа се виде најдобро сега.

Но, за старт, не треба да се отворат училиштата во септември! Доколку се одвојат 30 минути во еден ден, може да се проучи било која апликација за онлајн настава. Единственото нешто што е потребно, е професорите да одржат состанок на кој ќе да се договорат која апликација е најефикасна и најсоодветна, да нè исконтактираат преку класните раководители и да нè снабдат со сите битни информации (која апликација, кога, како, од колку до колку би ни траеле часовите, на што да обратиме внимание итн.). Навистина, не е толку тешко. Навистина е милион пати подобро отколку сите да одиме на училиште со маски, да се трудиме да држиме дистанца која не е возможна, макар и да нè прераспределат да одиме во различни денови…

Ако ништо друго, овој текст нека ве натера да размислите со каква инвестиција и реорганизација се соочувате, и колку сме спремни да ја спроведеме. Размислете дека ќе треба повеќекратно да се чисти, да се сменува распоред во училниците, да се ангажираат луѓе кои ќе се грижат да се почитуваат безбедносните мерки итн. За жал и во нормални услови организацијата не е нашата најјака страна. Секогаш нешто бега од контрола.

Навистина мислам дека онлајн наставата е одличен избор за оваа ситуација. Јасно ми е дека никој не го очекуваше ова и дека никој не беше спремен, на сите ни требаше стабилизација, но сметам дека професорите се тие кои треба да ја разберат ситуацијата и да се адаптираат за и ние да ја гледаме посмирено, и мислам дека тоа е дел од работата на просветните лица: да нè водат, да ни помогнат, да ни бидат потпора кога сè се ниша. Ние сме генерацијата што не знае дали ќе има шанса за нормален живот.

А, штом технологијата ни овозможува да направиме фотографија од црна дупка, да ја преправи  фикцијата во реалност, да бидеме во контакт со луѓе од целиот свет, не знам зошто да не ја користиме кога најмногу ни треба.

Пишува: Леона Јариќ, средношколка во гимназијата „Никола Карев“, Скопје