[Став] Зошто да го гледате филмот „Интерстелар“?

По Бетмен, Кристофер Нолан се зафаќа со продукцијата на „Интерстелар“. Оваа информација е доволна за многу љубители на филмот да посакаат да го гледаат овој филм. Актерската екипа е сосема квалитетна (Метју МекКонахи, Ен Хетавеј,  Џесика Частаин и други познати имиња), но присуството на Ханс Цимер како композитор е барем подеднакво незаменливо.

Филмот е научно фантастично доживување од дури 171 минута, што воопшто не започнува како такво. Ќе следат неколку „спојлери“, но ништо што не би можеле да го дознаете и од трејлерите.

Она што особено го направи убаво гледањето на „Интерстелар“ беше изложбата на Скопско астрономско друштво која беше поставена  пред влезот на салата (се надевам се уште е) и воведното кусо предавање за клучните поими од областа на астрофизиката кои се среќават во филмот (што мислам дека беше наменето само за премиерата).

Која е приказната?

ut_interstellar2_f

Земјата е во пред-апокалиптична состојба, задушена во прашина и сведена на аграрно општество во борба за прехранување. Поранешниот пилот Купер (Метју Мекхонахи) сега е фармер, кој дава се од себе да ги зачува своите, но и посевите на другите. Живее со своите две деца: синот Том и ќерката Марф и нивниот дедо, но за разлика од неговата околина – не се откажува од науката и иновацијата.  И толку за почетокот. Иако оваа приказна служи за запознавање со карактерите, нивните односи и поврзување на гледачот со судбината на планетата, не е површно претрчана. Филмот нема веднаш да ве однесе во вселената додека не се погрижи дека се грижите за карактерите и планетата.

Пред-апокалиптичната драма е повеќе од вовед во научно-фантастичниата авантура која следува. НАСА, која сега е во подземјето (буквално) за да  не бидат револтирани граѓаните кои едвај преживуваат поради парите кои државата ги одвојува за истражување на вселената, има развиено неколку последни, очајно ризични планови за спас на човештвото, а Купер е пилотот кој им треба.

Приказната и ликовите на моменти се малку шаблонски, но не би навлегувала во тоа, затоа според мене тие не го прават филмот добар колку што и помагаат на нарацијата. Ако мора да издвојам ликови, тоа ќе бидат КЕЈС и ТАРС, двете вештачки интелигенции без роботски со човечки глас и со монолитни  тела. Не воодушевува нивната изведба, колку нивниот дизајн. Првите неколку сцени овие монолити кои се трансформираат за различен терен и намена ќе ви делуваат како лоши специјални ефекти од осумдесетите, но брзо ќе ви станат иновативни и забавни. Особено откако ќе забележите дека се во чест на на познатиот филмски робот ХАЛ 9000 и монолитот од Одисеја во вселената 2001 на Кјубрик и Кларк.

casetars

Зошто „Интерстелар“ не е обичен СФ филм?

Она што го прави филмот значаен е што е прв високо-буџетски филм кој сериозно се занимава со време-просторот како единствен континуум.

Првиот момент кој посебно ќе направи да го цените филмот е што во него вселената е тивка. Нема екпслозии, звуци или шумови, во оваа филмска вселена звукот навистина не патува. Но овие сцени не се целосно неми затоа што ги исполнуваат звуците кои се слушаат внатре во бродовите од опремата и карактерите и музиката на Цимер.

„Интерстелар“ ја покажува и разликата во брзината на времето кое минува за човек на Земјата и човек близу огромен извор на гравитација како црна дупка.

Добар дел од работите кои ни се познати, се прикажани на ниво на цврста-научна-фантастика: вселенски бродови и летала, вселенски станици, астронаустки костими, а добро се прикажани и иновативни концепти како станица со центрифугална гравитација  или костими со помошни млазови за користење при ниска гравитација.

rama

Фановите на делата на Сер Артур Кларк ќе останат подзинати кога ќе видат дека во филмот се појавува и летало кое изгледа како неговата Рама. Рама е вселенски брод  кој изгледа како инверзна планета, односно цилиндер во чија внатрешност постојат цели градови  фиксирани со вештачка гравитација предизвикана од вртењето на цилиндричниот брод. Книгата за ова летало – Средба  со Рама е издадена уште во 1973, ги добива наградите Хуго и Небула, и инспирира уште 3 последователни книги кои го комплетираат серијалот Рама. Колку што знам јас, ова е првото „Рама“ летало прикажано на филм.

Мислам дека во сцените на леталото во Сатурновата орбита накусо се појавува и видео со Артур Кларк, но ова може да е само надежно препознавање, се уште не можам да најдам потрврда дека навистина има „камео“ во филмов. Настрана леталата, она што најмногу воодушевува кај Интерстелар е што  ќе видите нов визуелен приказ на филм за како изгледаат црвоточина, црна дупка и сингуларитет.

Филмот не е совршен

interstellar-christopher-nolan

Во „Инстерстелар“ има и пропусти. Се појавуваат непотврдени претпоставки: „Може ли да се комуницира низ црна дупка?“, „Дали може да се преживее пат низ црна дупка?“… Има очигледни грешки: „Каде е ѕвездата од која трите светови околу црна дупка добиваат светлина?“, „Дали воопшто може да има планета на работ на црна дупка?“ …

Постојат проблеми со карактерите и приказната: „Зошто астронаути и физичари си објаснуваат теории и појави меѓу себе кои треба да ги знаат?“, „Зошто нема план за мисијата и се носат одлуки дури откако е започната?“, „Зашто Купер не е земен за пилот намерно туку откако „случајно“ ќе се појави во НАСА?“… Во филмот има и некои непотребни делови, како нејасниот коељовски говор на Амелија за љубовта -„Love is the one thing that transcends time and space.“

Но што и да забележите треба да ве радува зашто или сте останале доволно свесни покрај визуелното дожувивање да обрнете внимание на грешките кај карактерите, или затоа што вашето разбирање на поимите во филмот е доволно големо да ги фатите грешките.

За мене „Интерстелар“ е меѓу најдобрите нови филмови кои ги имам гледано. Интерстелар е прекрасно аудио-визуелно доживување со  пристојна приказна, но одлични теми кои ги обработува. Филмот е визуелно беспрекорен, со ненаметлив CGI, добри реални специјални ефекти и одлична фотографија. Адуиото на филмот, од звукот до музиката, со исклучок на некои дијалози го комплетира доживувањето. Филмот има свои сличности со култни СФ филмови. Но, Интерстелар не е филм кој ги имитира Одисеја во вселената 2001 и Космос, туку им оддава почит.

А, ако веќе сте го гледале „Интерстелар“, препорачувам да си поиграте малку на веб-страницата на филмот.

@malaovca