[Став] Зошто Болоњскиот систем мора да се укине?

Имплементацијата на Болоњската декларација во високото образование носеше лажна надеж за  подигнување на квалитетот на високото образование, а наместо тоа, стана едно големо разочарување и негова деградација. Процесот започна со потпишување на оваа декларација во 1999 година, која претставува договор меѓу министри од 29 европски земји, а е насочена кон создавање „Европски простор за високо образование“ заклучно со 2010 година, со акцент на постигнување меѓународна конкурентност на високообразовните институции. Ова е важно, бидејќи основната идеја зад самиот процес не е образовна, туку економска и политичка.

Македонија станува потписничка во 2003 година, под изговор да се доближи до европските стандарди на образованието. Денес, по 12 години од потпишувањето на Болоњската декларација, ние се уште се наоѓаме во ситуација на збунета управа и бирократизирани универзитети, додека нејасниот Болоњски процес остава голем простор за импровизација поради апстрактните одредби кои не нудат никакви показатели за спроведување на реформите. И покрај очигледната дисфункционалност, Министерството за образование и наука, без да се консултира со академската заедница, се обидува да ја наметне оваа декларација како непроменлива вистина, изјавувајќи дека „од неа целосно не можеме  да се откажеме, но таа остава простор за модификација“.

Во неколку наврати подетално ќе ја разгледаме основата на Болоњската декларација и ќе видиме колку не чини овој европски сон.

Директно нарушување на автономијата на универзитетот

Покрај тоа што во Болоњската декларација неколку пати се наведува дека ја почитува автономијата на Универзитетите, ваквата изјава е бесмислена, бидејќи завршува со суптилен императив: „ универзитетите навремено и позитивно да одговорат и активно да придонесат кон успехот на нашиот стремеж“. Всушност, споменатиот стремеж е обид на европските државни министри и секретари да спроведат политика која ќе го прилагоди образованието кон потребите на капиталот, што ја доведува во прашање релевантноста на декларацијата за академскиот свет, а повеќе ја врзува кон пошироките европски економско-политички интереси.  На тој начин, универзитетите едноставно се сведуваат на тела со егзекутивна функција, кои се обврзани да спроведат рефоми диктирани однадвор.

Дополнително на тоа, се наведува дека „формирањето на Европската област на високо образование бара постојана поддршка, надзор и адаптација кон постојаниот развој на потребите“. Секои две години, министрите од земјите потписнички одржуваат состаноци на кои ги разгледуваат достигнувањата и усвојуваат завршен документ во кој поставуваат приоритети за следните две години. Во превод, тоа значи дека универзитетите наместо самостојно да ја развиваат академската, критичката и научната мисла и дејност, тие постојано се предмет на набљудување под лупата на европските власти кои ја цртаат траекторијата по која треба да се движи таквата дејност. Во нашиот контекст, со станување дел од Болоњскиот процес во 2003 година, државата започнува директно да се меша во универзитетската работа со тоа што преку законот за високо образование бара универзитетите да го започнат воведувањето на ЕКТС и да го уредат студирањето и наставните програми во согласност со принципите на Болоњскиот процес. Според тоа, што претставува ова барањето освен врзување на рацете на универзитетот и директно узурпација на неговата внатрешна политика и наметнување на принципи кои се најмалку поврзани со образованието ?

Повреда на интелектуалната и моралната автономија на универзитетот

Една од главните цели на Болоњската декларација гласи:
„Усвојување на систем суштински заснован на два главни циклуси, додипломски и постдипломски. Пристапот до вториот циклус бара успешно завршување на студиите од првиот циклус, со времетраење од минимум три години. Степенот доделен по првиот циклус, исто така, ќе биде релевантен за Европскиот пазар на труд како соодветно ниво на квалификација. Вториот циклус треба да доведе до магистерски и/или докторски степен како во многу европски земји.“

Ако се повикаме на еден документ од голема важност, Magna Charta Univrsitatum од 1988, кој, за разлика од Болоњската декларација е потпишан на универзитетот во Болоња од страна на ректори, неодминлива е забелешката дека погоре споменатата цел е во директен судир со универзитетската автономија, која, патем, е најважниот поим третиран во  Magna Charta Universitatum. На што конкретно мислиме?

Во Член 2 од Основните принципи на Magna Charta Universitatum експлицитно е потенцирана потребата од морална и интелектуална независност на универзитетот од страна на политичката и економската моќ со следнава формулација:
– „ За да одговорат на потребите на современиот свет, универзитетите во рамките на својата мисија во науката и образованието мора да имаат морална и интелектуална независност наспроти политичката и економската моќ.“

Имајќи ја предвид ваквата констатација, неизбежно се наметнуваат неколку прашања:
– Дали, доколку студиите (или поконкретно, првиот циклус од студиите) се насочени кон потребите на Европскиот пазар на труд, не се потпаѓа под директна зависност од економската моќ (во конкретниот случај Европскиот пазар на труд)?
– Дали ваквата насока која Болоњската декларација ја дава, универзитетите не ги претвора во центри за обучување на кадар кој би ги задоволил потребите на Европскиот пазар на труд?
– Дали во практичната примена оваа препорака не ги поедноставува и скратува нашите студиски програми и  образованието не го сведува во систем на информирање, наместо во систем кој би развивал критичко размислување и запознавање со науките (преку кои единствено се доаѓа до вистински развој на поединецот и самата научна област)?

Според нашето толкување, оваа одредба ја скратува интелектуалната и моралната независност на универзитетот со тоа што го вјармува универзитетот во насока на остварување на потребите на Европскиот пазар на труд. Имено, според Болоњската декларација, работата на универзитетите треба да оди во насока на произведување на кадар кој би соодвествувал со потребите на ЕПТ, наместо во насока на поттикнување на критичко размислување (и кон ЕПТ) и подробно запознавање на научните области кои се изучуваат.

Со сите овие одредби се загрозуваат академската слобода, во смисла на слобода од мешање на политиката и партиите, слободата на негување критичка мисла во академската заедница, слобода на истражување и творење, самостојност во одлучувањето за курикулумот и начините на оценување како и во управувањето на универзитетот, што е сериозен напад врз автономијата и доволна причина за укинување на Болоњскиот систем.

Ова е првиот од повеќето делови преку кои низ аргументи Младинската организација „Мугра“ ќе го изрази својот критички став кон Болоњскиот процес.