[Став] Зошто Болоњскиот систем мора да се укине (2): Универзитетот се претвори во пазар, а образованието во бизнис!

По првиот ваков текст, младинската организација „Мугра“ го објави вториот дел од серијалот текстови во кои го изразува критичкиот став кон Болоњскиот процес:

„Втората сериозна причина поради која сметаме дека Болоњската декларација е штетна е токму комерцијализацијата на образованието.

Во основниот текст од 1999 година, меѓу главните цели отворено се вбројува промовирање на: „…вработливоста на Европските граѓани и меѓународната конкурентност на Европскиот високообразовен систем…“, како и достигнување степен кој „ …ќе биде релевантен за Европскиот пазар на труд…“. Зошто е ова проблематично? Бидејќи, токму со овие цели универзитетот раскинува со својата првобитна улога на агенс на универзалното знаење и се насочува кон производство на кадри кои ќе бидат „вработливи“ и употребливи за потребите на пазарот.

На тој начин, образованието претрпува промена од јавно во економско добро и универзитетите почнуваат да се уредуваат по т.н. претприемачки модел, кој важи за светот на бизнисот. Што знaчи тоа ? Јавните добра се соголуваат од своите етички и морални димензи, и истите тие се заменуваат со јазикот на профит, трошоци, ефикасност и конкуренција на пазарот. Сето она кое не е подложно на квантификација се потценува или се напушта.

Таков пример е расцепот кој настанува помеѓу природно-техничките и општествено-хуманистичките науки.  Првите се повеќе се врзуваат за барањата и потребите на индустријата и овозможуваат бесконечно зголемување на производството, а со тоа и бесконечна акумулација на капитал. Вторите, додека некогаш претставувале општи науки кои го преиспитуваат општественото уредување, или почнуваат да се третираат како излишни и неупотребливи, или се насочуваат кон репродукција на капиталистичкиот систем со воведување термини како менаџмент,  маркетинг, човечки ресурси и сл. кои се нужни за продажба на производи, услуги и сл. Тие се корисни единствено под услов да се реорганизираат и да ги насочат своите дејности кон конкретни, апликативни истражувања, бидејќи во спротивно, се заканува укинување на смерови, програми и отсеци, како и масовно отпуштање на академските кадри. Сето ова зборува дека универзитетот е автономен до степенот до кој ги исполнува барањата на пазарот.

Дополнително на тоа, универзитетите претрпуваат намалување на финансиите кои ги добиваат од страна на државата, со што се принудени да бараат нови начини на финансирање под услови кои ги диктира бизнис светот.Така, тие ги користат ресурсите со кои располагаат како начин да заработат пари: просторот го издаваат на приватни бизниси како бифеата и разни невладини организации, додека самите студенти не располагаат со свој простор; масовно ги шират квотите на студенти, што директно резултира со пад во квалитетот на наставата поради немањето услови да се изведе истата. На тој начин, универзитетите стануваат слуга на приватниот сектор и служат како фабрика за производство на човечки капитал кој треба да се продаде на пазарот на трудот, додека студентот е редефиниран како потрошувач кој треба целосно да го носи товарот за финансирање на своето образование, кое, исто така, се гледа како производ.

Предавањата и научните истражувања имаат за цел да ја унапредат културата и да овозможат секој поединец потполно да го развие својот потенцијал во рамки на своите способности и интереси, преку љубопитност и креативна работа. Со адаптирање на програмата и силабусот кон потребите на пазарот, како што предвидува Болоња, и со претворањето на образованието во инструмент за потребите на економските институции, настанува перверзија на овие принципи.Автономијата во рамки на пазарот или било која друга форма на надворешна моќ не е автономија од системот.Универзитетот е спречен во остварувањето на својата цел и мисија насочени кон развој на општеството и генерално, човештвото.

Овој принцип на претворање на универзитетот во фабрика за дипломи и однапред предвидени профили одредени од пазарот на труд сè поексплицитно, дури и вулгарно се провлекува низ секоја наредна министерска средба, а карактерот на дискурсот се менува од доброволен кон императивен. Со текот на времето, постепено владите и работодавците заземаат сè поголема улога и стануваат сè поголем фактор во менувањето на  образовниот систем, што претставува фатален удар за автономијата на универзитетот и неговата самостојност во планирањето на наставните програми и научно-истражувачката дејност.  Сето ова говори дека всушност, вистинската идеја на Болоња, затскриена зад маската на систем кој ветува еднаков пристап до образование, повеќе е поврзана со постепено воведување низа реформи за задоволување на потребите на работодавачите, наместо на академската заедница и истата веќе е длабоко вкоренета во нашето општество.
Тоа може да се воочи при следните формулации:

  • Прага, 2001: „Министрите особено  потенцираа дека квалитетот на високото образование и истражувањето е и треба да биде важен фактор за меѓународната привлечност и конкурентност на Европа.“
  • Берлин, 2003: „Министрите ги земаат предвид заклучоците од Европските совети од Лисабон (2000) и Барселона (2002) со цел Европа да се направи „најконкурентната и динамична економија базирана на знаење…“
  • Берген, 2005: „Ја поздравувамеподдршката на организациите кои го претставуваат бизнисот и социјалните партнери и со нетрпение очекуваме да се интензивира соработката во достигнувањето на целите на Болоњскиот процес…. ЕПВО е структуриран околу три циклуси, каде што секое ниво има функција на подготовка на студентот за пазарот на трудот…“
  • Лондон, 2007: „Владите и високообразовните институции ќе треба да комуницираат повеќе со работодавците и други засегнати страни за потребата на нивните реформи. Ние ќе работиме, како што е соодветно, во рамки на нашите влади за да обезбедиме сигурност дека вработувањето и кариерните структури во рамки на јавниот сервис се целосно компатибилни со новиот систем на степени“
  • Лувен, 2009: „ Нашата цел е зголемување на почетните квалификации, како и одржување и обновување на квалификувана работна сила преку тесна соработка меѓу владите, високообразовните институции, социјалните партнери и студентите. Ова ќе овозможи институциите повеќе да одговорат на потребите на работодавачите (!) и работодавачите подобро да ја разберат образовната перспектива.
  • Будимпешта, 2010: „Убедени сме дека високото образование е главниот двигател на социјалниот и економскиот развој, како и на иновациите во светот кој сè повеќе е воден од знаење“
  • Букурешт, 2012: „Нашата цел е да ја поттикнеме вработливоста, како и личниот и професионалниот развој на дипломираните студенти во текот на нивните кариери. Ова ќе го постигнеме со подобрување на соработката меѓу работодавачите, студентите и високообразовните институции, посебно со развој на студиски програми кои помагаат за зголемување на иновацискиот, претприемничкиот и истражувачкиот потенцијал на дипломираните студенти.“
  • Јереван, 2015: „ Ќе ги поддржиме високообразовните институции во истражување на различни мерки за да се постигнат овие цели, на пр. со зајакнување на нивниот дијалог со работодавачите, воведување програми со добар баланс меѓу теоретските и практичните компоненти, негување на претприемачките и иновациските вештини на студентите и понатамошен развој на кариерите на дипломираните студенти“

Според наведеното, можеме да заклучиме дека Болоњскиот процес е метод за потчинување на високото образование на економските принципи водени од идеологијата на правење профит и менување на самиот концепт на образованието како алатка за економска корист. Оттука,  доколку воопшто може да се зборува за позицијата на студентот, тој е сведен на примател на услуги за кои има обврска редовно да исплаќа одредена вредност. Следствено, навистина би било зачудувачки доколку тој ја премине вака одредената граница и се вмеша во управувачката политика на Универзитетот. Според сугестиите на Болоњската декларација (и нејзините дополнувања) студентот едноставно не може и не смее да се меша во прашањата кои не се во областа на понудените услуги од страна на Универзитетот.“