[Став] Зошто битката за СПУКМ е исклучително важна?

За да создадеме и да одржуваме ново општество, потребно е да се создаде и да се одржи нова свест. Културата е местото каде што нашата свесност е всадена: правилата, обичаите и дискурсот што го прават нашето секојдневие. Во таа смисла, културата е она што ни е водилка за доброто и лошото, праведно и неправедно, грдото или убаво, возможно или невозможното. Кога културата станува хегемониска, таа станува “здрав разум” (common sense) за мнозинството од граѓаните, пишува Владимир Делов за Гласови за демократија.

Она што често се слуша во јавноста како: „Треба да се промени свеста кај граѓаните”, сугерира на културолошка борба на своите погледи и разбирања за себе, општеството, слободата, еднаквоста итн. Џеповите на слободата како што ги нарекол Грамши подоцна “контра хегемониска” култура, односно начини на размислување и пракса кои што имаат револуционерен потенцијал поради фактот што го предизвикуваат целокупниот систем на доминантната култура. Во нашиот случај на организирано незадоволство како Плоштад Слобода, Стоп за Полициска Бруталност, Аман, Критична Маса, Пленуми и други.

За да се одржуваш на власт, потребна е културна репродукција на сопствениот примерок. СПУКМ ја има токму оваа улога на факултетите. Но, постојат граѓаните кои што доаѓаат во допир со воспоставената култура и се прашуваат дали е таа токсичен невидлив непријател во кој што, опортунистички ќе се претопат, или ќе ја фрлат ракавицата пред него и ќе го предизвикаат. Овие “џепови на слобода” се генерално, студентска и средношколска маса.

Студентските претставници од политички подмладоци, значително придонесоа за “универзитетската автономија” во изборот за професори, сенатори, декани, ректори, со кои што партиските структури се трајно инсталирани на факултетите. Штетата е непроценлива. Тие се филтерот на подобни и неподобни. Партиската војска во редовите на универзитетот. Од своето постоење тие го оневозможуваат гласот на студентот и решавањето на нивните проблеми. Но овде, врзувањето на партискиот подмладок со студентското претставување ќе го поврзам со една друга, многу пострашна и позагрижувачка асоцијација.

Видовме дека фалсификувањето на изборите не им беше мака, ниту срам. Фалсификувањето е веќе апсолвирано во нивниот светокруг како нормално, дури и како “кул” .Гордо и достоинствено. Со мускули и златни ланци, по рамбовки на факултет. Замислете како ќе биде кога оваа генерација ќе ги спроведува изборите? Нема потреба, показна вежба за тоа како се спроведуваат парламентарните избори, беше изборот за студентски лидер. Дополнително, оваа генерација веќе има учествувано во изборни нерегуларности во спроведувањето на локалните и парламентарните избори. Да не се залажуваме и да прекинеме со нашата замисла дека дечките се премногу млади за да прават толку гнасни работи на тие години.

Ако го извалкаш образот на овие години, долго време ќе го носиш валкан. Тој срам на долги стази е претежок.

Победата на вакви студентски избори тешко се квалификува и како “прв во село”. Овие луѓе веќе газат врз вашите грбови. Можете да ја промените играта или да ги трпите цел живот. Нивното одржување на власт е нашиот најголем пораз. Тоа е култура која што размножува и поздравува криминал, тоа е култура што те сели надвор од Македонија. Овие “млади” се тие кои вистински аболицираат.