[Став] Знаењето е сила, но дали и на Медицинскиот факултет?

Maj.2013„Една стара поговорка вели: еднаш професор, цел живот професор. Токму затоа иако веќе ја започнувам втората деценија како пензиониран професор, мојата приврзаност кон УКИМ и сите настани во него се уште се дел од моите пензионерски денови. Секои 15 дена со задоволство го прелистувам оn line изданието на Универзитетскиот билтен, ги следам сите активности и се уште секој четврток ги посетувам своите колеги. Свежи ми се моментите од пред повеќе од 25 години, кога на седниците на Универзитетскиот сенат на УКИМ долго дискутиравме, како да го подобриме квалитетот на Универзитетот и да успееме да го рангираме во првите 500 Универзитети во светот.

Таа скоро достижна цел во тоа време, денес изгледа како невозможна мисија и нашиот Универзитет би бил среќен денес да може да се рангира во првите 1500 универзитети во светот.
Во оваа градација, несомнено клучно место завзема квалитетот и рејтингот на Наставниот кадар. Само квалитетен наставен кадар може да произведе подготвени дипломци. Во некои дамнешни времиња, селекцијата на овој кадар беше многу сензитивна, со избор на најталентираните студенти кои потоа постепено ги минуваа сите инстанци потребни за формирање на еден Редовен професор на Универзитет. Сите ние кои предававме на другите факултети бевме љубоморни, бидејќи секогаш таму можноста за врвна селекција беше најголема и не е ни чудно што тој факултет има најголем број на Професори.

Но, денес очигледно работите тргнале по некој сосема друг тек.  Во Билтенот бр. 1072 од 03.03.2014 година инаку јавно достапен на http://www.ukim.edu.mk/mk_bilten.php?meni=118&glavno=32 , меѓу многубројните други материјали од страната 364 до 408 се објавени приговорите и одговорите на Рецензентската комисија на изборот на наставници по Интерна медицина.

Сите приговори се поткрепени со многубројни факти и докази кои очигледно ја доведуваат во прашање елементарната непристрасност на Рецензентската комисија.

Зачудува арогантноста во одговорите од страна на Рецензентската комисија, која на потполно различни, аргументирани приговори одговара со идентичен стереотипен, неаргументиран одговор. Сепак тоа што несомнено е без преседан е изборот на Андон Чибишев, за кој се поднесени два приговори. За илустрација ќе преземам само еден мал дел од поднесените приговори:

„Предложениот кандидат нема ниту ден стручно-научно усовршување во некој странски центар , ниту учество на конгрес, симпозиум или конференција надвор од  границите на Републиката, поради непознавање на ниту еден светски јазик. Очигледно е дека најголемиот број на бодови ( 216 бода) кандидатот Андон Чибишев ги добил од делот стручно-апликативна дејност, односно во делот дејности од поширок интерес, што значи учество во многу државни комисии и тела и во подготовка, на пример, на законот за локална самоуправа , или пак учество во изготвување на три правилници од Законот за безбедност во железничкиот сообраќај, што од една страна не е ангажиран експерт избран од таа област, а од друга страна, таа дејност воопшто не е важна за наставниот профил ( НАСТАВНИК) во што се избира кандидатот” извадок од приговорот на Проф. Д.Чапароска.

„Предложениот кандидат ИМА ПРОСЕК 6.70 со што не ги исполнува критериумите дури ни да запише докторски студии, а уште помалку да биде наставник. Останатите два кандидати имаат просек над 9.50.“ извадок од приговорот на еден од оштетените кандидати.

Почитуван Ректор на УКИМ, Проф.Др. Велимир Стојковски, почитуван Декан на Медицинскиот факлутет Проф.Др.Никола Јанкуловски, дали сметате дека со ваков скандалозен избор на кандидати ќе се подобри квалитетот на Универзитетот, или што е многу посигурно во следното рангирање нашиот Универзитет нема да биде ниту меѓу првите 10.000. Каде замина автономијата на Универзитетот??? Каде неповратно замина автономијата на Универзитетот?“

Пензиониран Проф.др. Владимир Јаневски

Извор: Либертас