Пишува: Александар Самарџиев
Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. Некои користат интернет и додека се во тоалет. Основачот на Фејсбук сака да донесе интернет до секој човек на планетата. Треба ли интернетот да се користи во секој аспект од животот или значително помалку.
Секојдневното користење на интернетот доведе до ситуација во која секој човек понекогаш си го поставува прашањето – колку интернетот е дел од неговиот живот, од неговиот културен идентитет и комуникација со останатите. Ако не си поставил фотографија на Фејсбук од некој настан исто како да не се случил. Оваа реченица која луѓето во последно време ја употребуваат најсликовито го објаснува масовното користење на една од најпопуларните социјални мрежи, но истовремено на интернетот и ваквиот начин секојдневна комуникација. Луѓето ставаат фотографии или посветуваат статуси за се` што прават во текот на денот или за некоја поважна животна прилика или неприлика.
Ако порано, пред две-три децении, граѓаните се информираа за општествено-политичките настани и состојби еднаш или два пати дневно преку главните информативни изданија на телевизиските и радио станици или пак весниците, денес преку интернетот, се дознаваат дури и неколку минути по одреден настан.
Таква споредба може да се направи и за добивањето на неформалните информации. Станувањето наутро порано подразбираше купување леб и млеко во продавница, а во разговор со соседите и пријателите таму да се дознаат различните вести и новости, а денес пиењето кафе задолжително го следи комуницирањето преку интернетот, односно социјалните мрежи.
Комуницирањето преку интернет несомнено и во иднина ќе биде составен дел од живеењето. Оттаму се поставува прашањето дали човекот станува дел од системот наречен интернет.
Дали го живееме животот или интернетот ни го создава дневниот ред?
Комуникацијата преку интернет за луѓето носи и голем број поволности, придобивки, па дури и заработка. Се смета дека во Естонија, постои најдобро организиран систем на владини услуги кои можете да ги добиете преку интернет. Тамошната влада овозможи на странците виртуелно да станат државјани на Естонија со цел да да им се олесни одвивањето на бизнисот. На социјалната мрежа Linkedin се прикажуваат професионалните биографии па тоа е можност за членовите онлајн да добијат понуда за работа.
Иако се смета за напорно и тешко, голем број луѓе се обидуваат да заработуваат преку интернет. Еден од најлесните начини е преку Гугл Адсенс (Google AdSense). Доволно е да направи сопствен сајт или да се има домен, каде треба да се прикажат реклами. Заработката ја носат посетителите на сајтот кои кликнаат на рекламите на Гугл. Оние со повеќе познавања на технологијата, заработуваат и од создавање на интернет сајтови, програмирањето и слично.
Токму млади луѓе од Македонија, од Велес, станаа познати дека со објавувањето на лажни вести околу претседателските избори во Америка, со кои заработувале но и дека публиката таму ги земала во предвид овие информации пред се насочени кон оцрнување на кандидатката Хилари на Клинтон и влијаеле да победи Доналд Трамп.
Трговијата преку интернет и електронското плаќање станува еден од најисплатливите бизнис. Основачот на сајтот Али Баба, Џек Ма, стана еден од најбогатите луѓе на планетата.
Постојат онлајн клубови за гостопримливост, (Hospitality club) – членовите патувајќи низ светот добиваат бесплатно сместување кај луѓе од други држави кои исто така членуваат таму. Така се стекнуваат пријатели во реалниот живот, а придобивката е дружењето и запознавањето на нови културни средини. Поврзувајќи се преку специјализирани страници луѓето се запознаваат и за бизнис, за бракови и љубовни врски и други видови интеракција и интеркултурна комуникација.
Една од најзначајните позитивни страни е тоа што интернет комуникацијата претставува начин да се надминат физичките, социјалните и други ограничувања или пречки во комуницирањето меѓу поединци или групи на луѓе.
Но, постојат и негативни аспекти од интернетот, поточно од неговото користење кое надминува одредени квантативни и квалитативни граници. Примерите одат дотаму што човек кој треба да направи избор дали да ја среди градината или да зборува со некого на интернет, одбира да седне пред компјутер и да се допишува со некого, иако во дворот не може да помине поради тоа што тревата ја покрила патеката за движење.
Според д-р Дарко Хиниќ, во својот труд “Интернет комуникации и пореметувања поради употреба на интернетот” (2013), постојат две групи луѓе кои прекумерно користат интернет. Првите се зависни поради проблемите кои ги имаат во вистинскиот живот, како што се општите социјални односи, здравствените проблеми, менталните пореметувања како што се депресијата и анксиозноста и слично. Втората група ја сочинуваат корисници кои немаат посебни лични проблеми, освен компулсивна прекумерна употреба на интернетот и апликации кои кај нив создаваат позитивни чувства и расположение – ако на пример преку интернет купуваат, се дружат или дебатираат.
Како што велат авторите на книгата „Интеркултурна комуникација во контексти”, луѓето како пристапуваат кон таквиот начин на комуникација преку интернетот така создаваат сопствени т.н. културни простори. Тие лични простори се нивни социјални и културни контексти во кои се формира и нивниот (онлајн) идентитет.
На интернет постои и одредена опасност. Преку електронската пошта или на социјалните мрежи се развиени т.н. фишинг измами каде измамниците бараат луѓето да дадат лични податоци наводно како добитници на пари од лотарија или наследство. Измамниците потоа ги користат тие податоци за да одземат пари од сметките на жртвата. Исто така, измами околу вработувања, посредувања и слично.
Присутни се и говор на омраза и сајбер-насилство (навредување, лажно клеветење и закани пред се на социјалните мрежи) најмногу кај малолетниците и децата, за што веќе невладините организации одржуваат работилници и имаат издадено прирачници за заштита.
Во Македонија е карактеристично што социјалните мрежи влијаат на развивање и прифаќање на нова говорна терминологија, пред сé кај младите. Во научниот труд „Младите во Фејсбук комуникацијата” на доц. д-р Сузана Џамтоска-Здравковска се објаснува дека се користат нови зборови и фрази како „адни ме“, „лајкни ме“, „тагни го“, (во својата оригинална форма, на англиски јазик, се: add, like, tag ). Иако во македонскиот јазик постои соодветен превод за овие фрази, кај младите тренд е нивната употреба во оригинална форма. Така сите се разбираат и комуницираат, се наведува во трудот.
Лично определуваме колку време ќе користиме интернет
Интернетот, социјалните мрежи и сличните платформи со оглед дека станаа основно средство за комуникација и во иднина ќе бидат составен дел од човечката интеракција. Нивната употреба е евтина, лесно достапна и широко распространета. Дури се смета дека уште повеќе ќе се употребува со оглед на постојаниот развој на технологијата, компјутерскиот софтвер како и самите интернет начини на комуникација. Освен меѓу поединци, комуникацијата преку компјутерите и интернетот се повеќе е присутна и во образованието, институциите, бизнис секторот.
Дилемата дали е добро или лошо тоа што интернетот стана секојдневие и е со нас секогаш и насекаде претежно се става во контекст на тоа дека интернетот како технологија не предизвикува ефекти сам по себе, туку зависи од нивото на употреба, сфаќање и интерпретирање од страна на поединецот. Се смета дека треба да се користи повеќе или помалку.
Така, канадскиот писател Мајкл Харис во својата најнова книга Крај на отсуството (The End of Absence) не се задржува на тоа дали интернетот е добро или лошо. Тој смета дека интернетот е тука пред нас и од луѓето зависи колку ќе го користат. Потенцира дека луѓето родени пред 1985 година се од “раса”- генерација која изумира, како единствени кои ќе знаат каков е животот без интернетот во споредба со неговата масовна употреба и користење. Објаснува дека тој самиот израснал во еден сосема поинаков свет, со ограничени канали на комуникација, помалку форми на забава, како и помало јавно искажување на секојдневните активности, но не смета дека тоа било добро или лошо, туку дека такво било времето. Според него, користењето на интернетот е лична работа, а самиот за да ја напише последната книга поминал еден месец без интернет, но потоа се вратил на истите онлајн навики.
Од друга страна, основачот на една од најпопуларните социјални мрежи Фејсбук, Марк Закерберг смета дека без разлика каде живее, секој човек на планетата треба да има достапен интернет. Неговата компанија веќе развива проект наречен Тераграф, односно нов начин на пренесување терестиријален интернет сигнал со брзина од 60 гигахерци или десетина пати побрз од денес. Закерберг смета дека ако некаде во светот каде нема интернет, барем 10 луѓе да добијат интернет врска, еден од нив ќе излезе од сиромаштијата и дека ќе се создаде или отвори најмалку едно работно место.
Несомнено, интернетот ќе расте насекаде околу нас. Од личниот пристап ќе зависи дали поединецот се` повеќе ќе користи интернет и ќе ги занемари сите останати начини на комуникација, интеракција со луѓето и однесувањето кон општествените појави, состојби и ситуации. За секој поединец би требало користењето на интернетот да биде основа врз која ќе ги подобрува комуникациските односи со уште повеќе луѓе, како и тоа да има одредена придобивка од социјален, образовен, економски и слични општествени аспекти.
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.