[Став] Живеејќи во ЕУ

Пред да си заминам од дома, со куферот спремен за заминување за преселба во странство, стоев пред огледалото во мојата соба и со очи полни емоции, возбуда и страв, се погледнав во огледало и си реков „Каде ли одам?“. Стиснав заби, се поздравив со мајка ми и татко ми, и заминав. Никогаш нема да го заборавам тој ден, кога знаев дека ми почнува патувањето кое засекогаш ќе го смени мојот поглед кон светот и начин на живот. Имав 21 година кога се преселив во Париз.

Првиот ден кога пристигнав, уште на огромниот аеродром „Шарл де Гол“ веднаш го забележав високото ниво на различност на националности, вери и малцинства кои преовладуваат во Франција. Одејќи накај метрото измеѓу колони на луѓе, се чуствував исплашено, но во исто време и возбудено, дека ќе имам можност да ја спознаам сета таа различност и општествениот и вредносен систем кој таа различност ја охрабрува и унапредува.

Една од првите примери за вредносниот систем кој е застапен во Франција, го научив од мојот тим во првиот месец. Требаше да одлучиме за рефундирање на патни трошоци за меѓународната конференција во Истанбул, Турција. Франциско де Соса, беше член на тимот од Португалија кој последен беше избран и последен се приклучи во тимот. На состанок се дискутираше за дали да се рефундираат средства во ист износ како и за другите членови на тимот. Се дискутираше отворено и во еден момент Орели Коефик (Aurelie Coeffic), Французинката во тимот, стана и страсно рече „Каков пример ќе покажеме ако еден член не е рамноправен со другите? Без разлика кој кога се приклучил, тука сите сме исти, и верувам дека сите исто треба да бидеме рефундирани, дури и тоа да значи помалку финансии за секој поединечно од нас“. Сите се погледнавме и знаевме дека има право. Принципот на „еднаквост“ стана столб на функционирањето на нашиот тим. Потоа, како што работев со различни млади од универзитети низ цела Франција, се уверив дека принципот на „еднаквост“ е длабоко вкоренет во образовниот и општествен систем на Франција, земја членка основач на Европската унија. Без разлика кој колку е различен, кој од каде доаѓа, дали е од Того или од Мороко, муслиман, евреин, христијанин или атеист, секој се третира еднакво со другите.

После 14 месеци живеење во Франција, мојот пат продолжи во Холандија, поточно во Гронинген, северна Холандија, каде работев за мала фирма која произведуваше фотографии испечатени на канвас. Во Холандија останав да живеам и работам 16 месеци. Од пргавите Холанѓани, научив за работна етика, напорна работа и почитување на правила. Во фирмата каде што работев, во работилницата за изработка на дрвените рамки за сликите, имаше претежно млади луѓе од 15 до 20 години. Иако, сите млади живееа со своите родители и можеа да имаат удобен живот, тие сите работеа секојдневно, пред и после училиште. Ми текнува еден разговор со еден од тинејџерите кои работеа во работилницата, го прашав: „Што правите обично после школо?“. Работиме во работилницата – ми одговори. Зарем немате социјални активности, одење на кафе или во кино заедно со друтарите и другарките? „Имаме да, но само преку викенди. За време на работната недела, сите работат некаде“– ми одговори. Тоа ме замисли да размислам јас како го поминував моето време како тинејџер пред и после училиште.

По искуствата во Франција и Холандија, се вратив во Македонија, мотивиран да создадам организација за млади која ќе почива на вредности кои ќе придонесат за одржлив развој и заштита на животната средина, и така се формираше „Гоу Грин”. Моето 2,5 годишно искуство во земјите од Европска Унија, ме направија многу посвесен за вредноста и убавината на различноста и соживотот со луѓе од различни култури и ме научија дека без напорна работа нема успех.

Но, моето живеење во ЕУ не беше завршено. Во 2015 година, добив работа во Европскиот Парламент во Брисел, во групацијата на зелените (The Greens in the European Parliament). Првите службени патувања во Брисел не ми оставија голем впечаток за градот и имав измешани чувства за тоа како ќе биде овој пат.

Првата работа што ми се допадна беше еколошката свест и навиките за селектирање на отпадот кои ги стекнав. Секоја општина си имаше назначено ден кога се собира пластиката, ден кога се собира хартијата итн. Тоа влијаеше на моите навики и свест околу количеството отпад кое го создавам. Набрзо и сфатив дека претходно го немав искусено вистинскиот социјален и културен живот на Брисел. Полн со музеи, паркови, локални пазарчиња, културни и музички настани, Брисел почна да ме воодушевува од ден во ден. Но, тоа што најмногу го обележа мојот 9-месечен престој во Брисел беа саботните пикници во Парк Сeнкантенер (Parc Cinquantenaire). Почнавме да се собираме само Хрвати, Срби, Македонци, и секој следен пат секој почна да вика свои пријатели, и набрзо бевме голема група составена и од Германци, Французи, Белгијци, Шпанци, Италијанци, Грци, Унгарци, Романци, Словенци.. Секој придонесуваше со нешто свое, храна, пиење, музички инструменти, реквизити за забава. Сето тоа измешано со добро расположение и искрени разговори се претвораше во 7-8 часовна дружба и забава. Во тие моменти, навистина се осеќав во центарот на Европската Унија и вистински ја разбрав убавината на таа заедница на различни култури. Секој е како што е, сите различни, а исти, секој со своја приказна и позадина, секој придонесува со колку што може, и секој со чувство на одговорност дека треба да придонесе кон заедницата. Тоа ми создаде чувство на припадност на оваа меѓународна заедница и ме направи да се чуствувам како дома.

Земјите од Европската Унија се дел од мојата животна приказна и имаа значајна улога во дефинирање на мојот карактер и личноста која сум. Тој ден кога стоев пред огледалото, знаев дека го напуштам се она што го познавав претходните 20 години. Знаев дека зачекорувам во нешто ново и непознато и тој ден имав измешани чувства и немир. Многу години потоа, можам да кажам дека таа одлука ме направи личност со повисока свест и совест, активист за демократија, еколошка правда, со желба за живот и соживот со сите различни култури, и со чувство на глобален граѓанин. Навистина го почуствував вистинското значење на поговорката „Животот почнува онаму каде завршува комфорт зоната“. Посакувам на сите да ја направат таа храбра одлука и да излезат од она што им е познато бидејќи тогаш суштински ќе направат прогрес, да ја преиспитаат својата перспектива и да развијат вредности и навики кои обезбедуваат просперитет и квалитетен живот.

Антонио Јовановски

* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.