Земјоделството е еден од секторите кои се најмногу погодени со негативните влијанија од климатската криза не само по прашање на безбедноста на нашата храна, туку и благосостојбата на милиони луѓе низ целиот свет чија егзистенција зависи од тоа. Ова е особено изразено на Балканот; регион што многу се потпира на земјоделство. Жените кои работат во овој сектор се особено ранливи на предизвиците кои претстојат и нивното опремување со алатки за прилагодување на климатската криза е неопходно за секторот како целина.
Земјоделците, особено малите производители, ја имаат една од најважните улоги во заедниците низ целиот свет. Но со оглед на тоа што побарувачката за храна продолжува да се зголемува, овие производители се соочуваат со многу препреки заради бројните негативни влијанија од климатските промени, индустриското земјоделство и генералниот пад на природното обработливо земјиште и ресурси. Земјоделството е сектор кој е најчувствителен на климатските промени и малите производители се едни од најранливите на ефектите од климатската криза.
Околу 2,5 милијарди мали производители се потпираат на земјоделството и други сродни активности и управуваат со повеќе од 80% од 500-те милиони фарми низ целиот свет. Четири петтини од храната што се конзумира во земјите во развој потекнува од такви активности. Бидејќи локалното знаење и практики се пренесуваат од генерација на генерација, овие земјоделци се исто така и кустоси на земјата и домородното знаење добиено низ вековите, што обезбедува стабилно производство на храна на начин што обезбедува зачувување на природните ресурси.
Земјоделството во Западен Балкан
Климата и природните својства на многу земји од Западниот Балкан се идеални за здрав земјоделски сектор. Всушност, земјоделството игра голема улога во економиите на земји како Северна Македонија и Србија.
Земјоделството сочинува 8,2% од БДП на Србиа и е главна економска активност во многу области низ целата земја. Над 40% од територијата на земјата се користи како земјоделско земјиште одговорно за производство и извоз на производи како пченка, пченица, јаболка и замрзнати малини што достигнуваат околу 21% од целиот извоз на Србија. 40% од населението живее во рурални области и 20% од работоспособното население е вработено во некоја земјоделска гранка.
Во Северна Македонија, земјоделството придонесе за 7,2% од БДП на земјата во 2018-та година и земјоделското земјиште зафаќа 50% од територијата на државата. Во Северна Македонија има 193.000 семејни фарми што е многу голем број со оглед на релативно малото население.
Адаптација (приспособување) на климатските промени
Регионот на Западен Балкан е подложен на природни опасности како поплави, суши, лизгање на земјиштето и шумски пожари, а климатската криза ја зголемува нивната фреквенција и интензитет. Секако, се’ ова има негативно влијание врз земјоделскиот сектор и врз безбедноста на храната во регионот. Ова се надоврзува на горливите нерешени прашања поврзани со зачувувањето на животната средина, како што се деградација на земјиштето, урбанизацијата и употребата на земјиште.
Според новата студија, Србија доживеа голем број на поплави помеѓу 1990-2014-та година, кои исто така беа проследени со екстремни температури и земјотреси. Поплавите, предизвикани од подолги периоди на врнежи од дожд, интензивно топење на снегот и / или летни бури, го погодија многу сериозно земјоделскиот сектор. Интензивните врнежи од дожд помеѓу април и мај во 2014-та година резултираа со најголемите поплави пријавени во текот на еден век кои зафатија 24 општини. Ова ја чинеше земјата приближно 1,5 милијарди евра; 228 милиони евра само за земјоделскиот сектор. Лошото одржување на насипите, системите за одбрана од поплави и урнатини во реките и одводните системи дополнително ја влошија ситуацијата. Србија е исто така многу склона кон суша и во летото 2012-та година, овој сектор сушата го чинеше над 1,7 милијарди евра.
Северна Македонија е склона кон слични ризици, кои исто така се интензивираат поради климатскиот колапс. Секторот се соочува со помало производство, повеќе оштетување на земјоделските култури и добиток и поголема ерозија на почвата. Пад на производството веќе е забележан од 2008 до 2012-та година заради одолговлечени суви периоди и суши. До 2050-та година, можеме да очекуваме намалување од 21% на производството на пченица и намалување од дури 56% на производството на пченка. Јужните и југоисточните региони во државата се особено ранливи на вакви опасни настани. Како што објавивме во претходна статија, бројот на сушните денови ќе се зголеми во зависност од тоа колку ќе дозволиме планетата да се загрее.
Помалку пченица во зима ќе ја разниша безбедноста на храната во земјата, намаленото производство на грозје ќе ја погоди винската индустрија, а помалку производство на луцерка ќе ја намали продуктивноста на добитокот и производите од животинско потекло како месо и млечни производи.
Жени фармери на Балканот
Улогата на жените во производството на храна често се занемарува, иако тие сочинуваат околу 43% од глобалната земјоделска работна сила во земјите во развој. Работата што ја вршат жените во секторот, општо земено, има тенденција да биде потешка и вклучува многу неплатена работа во домаќинството. Во Северна Македонија, само 5% од жените кои живеат во рурални средини се сопственици на земјиште, во најголем дел заради традицијата дека земјиштето се дели помеѓу машките членови во семејството. Со ова им се намалува можноста на жените да аплицираат за заеми без средства на нивно име. Жените кои се мали производители на храна имаат помал пристап до информации и можности за градење на нивните капацитети. Овие, како и други фактори ги прават жените кои работат во земјоделскиот сектор поранливи на негативните климатски влијанија.
Истражувањето со група жени земјоделки во Србија открива дека над половина (57%) од испитаничките биле неплатени семејни работнички и за 53% од нив, земјоделството не е главниот извор на приход. Најчестите видови активности во кои биле вклучени жените се: сеење, отстранување на плевелите, преработка и складирање, но многу помалку биле вклучени во задачи како подготовка на земјиште и транспорт. Тие истакнаа дека сушата е главна закана за нивната продуктивност и исто така како закани ги споменаа и: недостаток на финансиска поддршка, природни опасности, ниско-профитни маржи и лош квалитет на почвата.
Потребата за адаптација и градење капацитети
Со оглед на ризиците што се присутни и уште повеќе оние што претстојат, од најголема важност е да се заштити благосостојбата и егзистенцијата на земјоделските заедници во земјите од Западниот Балкан, особено на жените вклучени во секторот кои се непропорционално поранливи.
При гореспоменатата студија во Србија, повеќето интервјуирани земјоделки истакнале дека разработувањето на нови практики со различни земјоделски производи значително ќе ги зајакне и ќе ја подобри нивната отпорност, но се смета дека ова е тежок чекор за многумина заради недостатокот на финансиска поддршка (вклучително и владини субвенции и заеми), како и несоодветен пристап до информации. Повеќето од учесниците во анкетата посочиле дека никогаш не добиле „никакви информации, совети или алатки за градење на нивниот капацитет за проширување за земјоделското производство“.
Можностите за градење на капацитети, како што се обуки и пристап до информации, може значително да ја подобрат егзистенцијата и производството на овие земјоделци. Васе Мојсовска, сопственичка на лозје и претседател на Националната Федерација на Фармери во Тимјаник, Северна Македонија е една од ретките жени земјоделки кои имаат можност да поседуваат земјиште и пристап до обука и градење на нивните капацитети. После нејзиното вклучување во проектот за прилагодување на климатските промени во 2012-та година, таа се има здобиено со вредно знаење за различни техники за да го направи производството на лозови производи поотпорни на климата и оттогаш ги користи истите.
За да се изгради отпорност во земјоделскиот сектор кон влијанијата на климатската криза, мора да земеме во предвид дека неопходно е следново:
- Обезбедување на поголеми можности за градење капацитети на земјоделците, како во поглед на стекнувањето на знаење, така и во поглед на пристапот до фондови;
- Дистрибуирање на информации за добри практики и технологии достапни за помош за намалување на ризикот од катастрофи;
- Решавање на родовата нееднаквост во рамките на овој сектор.
**Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.
Превод и адаптација: Симона Гетова