[Став] Здраво, јас сум дигитален зависник и патам од инфоманија

Неодамна бев опишан како „современ дигитален зависник“.

Дијагнозата ми беше дадена, делумно како шега, од д-р Dimitrios Tsivrikos, психолог од University College London, кога му ги опишав моите симптоми. Откако го поминувам мојот работен ден куцајќи, пишувајќи мејлови и вртејќи слики, доаѓам дома и и покрај преголемиот умор и тиковите на очите, сакам да консумирам повеќе на интернет. Но, не ги ни примам текстовите, твитовите и објавите на кои им се посветувам. Само скокам од страница на страница, од линк на линк.

Kelsey Lakowske, слушателка од Калифорнија, ми напиша мејл од очај. „Сакам да ги прочитам сите тие текстови за сѐ, од последниот супститут на шеќерот развиен благодарение на науката, сѐ до обемна анализа за косата на Donald Trump“, вели таа. „Тоа е како некој различен вид на FOMO (fear of missing out)… Тоа е страв дека нешто ќе пропуштиш и нема начин да знаеш сѐ“.

Tsivrikos ми рече дека го гледа овој проблем најчесто во градските луѓе како нас, кои мислат дека ако си ги наполнат мозоците ќе бидат пообразовани, поинформирани и поповрзани. Но, не е можно да ги примиме или задржиме сите содржини на дигиталните медиуми кои се обидуваме да ги консумираме. Не само што тоа е залудно, туку и ни предизвикува стрес. Можноста на нашите уреди да нѐ одржуваат информирани ги промени социјалните очекувања, и ја надминува моќноста за процесирање на нашиот мозок. Време е да направиме  работењето во рамки на капацитетот на нашите мозоци да биде социјално прифатливо, наместо работењето со капацитетот на интернетот.

Психолозите имаат правено истражувања за негативните ефекти на мултитаскингот и заморот од носење одлуки, но долгорочните последици од овој вид на „предозирање од информации“ се непознати. Во анкета направена пред неколку месеци од компанијата за дигитално мапирање и анализа Esri UK, 61 посто од анкетираните ја нарекле „потребата од читање и водење сметка за информациите од премногу извори“ сериозна грижа во нивните секојдневни животи, а 45 посто рекле дека „стресот од премногу податоци влијае или на нивното спиење, или на врските со семејството и колегите“. Вкупно третина од анкетираните јавиле дека имаат потешкотии при процесирањето на содржината од сите мејлови, објави на социјалните медиуми, вести и документи кои ги сретнале.

Веќе знаеме дека читаме поразлично и паметиме помалку кога примаме информации онлајн. Има и доста истражувања за тоа како дигиталните медиуми го променуваат нашиот опсег на внимание. Но, истражувачите на интеракцијата меѓу луѓето и компјутерите штотуку почнаа да проучуваат зошто цел ден исполнет со дигитални задачи и прекини на работата прави да копнееме по уште повеќе дигитални задачи и прекини на работата. Зошто би поминале часови пред компјутер, за потоа да одиме дома и несвесно да отпловиме на Facebook или Pinterest?

Прво, кога ќе се измориме, полесно се предаваме на оваа тенденција. Професорката Gloria Mark од одделот за информатика на UC Irvine неодамна заврши студија која тврди дека колку помалку спиеме, толку е помал нашиот опсег на внимание на било кој екран наредниот ден, и поголема е можноста да „гравитираме“ кон социјалните медиуми.

„Ако сте навистина уморни, не сте ментално подготвени за тешка работа. Тежнеете кон лесни активности, како Facebook. Лесно е. Не бара многу ментален напор. И секако, имате помалку внимание, поради што се движите меѓу повеќе екрани и различни активности бидејќи ги немате менталните ресурси да се фокусирате и сконцентрирате на едно“.

За многумина од нас, ова станува волшебен круг. Знаеме дека вниманието ни е ограничено, но дури и ако телефонот не ни завибрира, самите се прекинуваме. Ја проверуваме електронската пошта уште еднаш. Проверуваме Twitter и Instagram. Не даваме отпор пред да кликнеме на оној линк. Можеби е смешен! Или можеби содржи информација која ќе ни го промени животот! Во најмала рака, ќе обезбеди тема за разговор за забавата на која треба да одите. Ненамерно ги тренираме нашите умови да бараат дигитална интеракција со малку подлабоко интелектулно значење.

Не знам дали има лек за инфоманија, но верувам дека треба да ги провериме симптомите. Треба да придадеме поголема вредност на времето кое го посветуваме за синтеза и интерпретација и да се осврнеме на информациите кои ги примаме секој ден. Следниот чекор во дигиталната писменост не е само да се разбере како да се најдат веродостојни онлајн извори, туку и да ја насочиме нашата консумација на содржина според нашите лични приоритети и цели.

Дел од проблемот е едноставното сортирање на планините од информации со кои си имаме работа. Daniel Levitin, професор на психологија и неврологија, автор на книгата „The Organized Mind: Thinking Straight in the Age of Information Overload“, ја објаснува потешкотијата која ја имаме при разликување и одбирање од различни содржини.

„Во текот на денот, кога ќе дојде информацијата, не сте сосема сигурни колку е тоа важно или колку ќе биде важно. Немате систем за тоа. Ја ставате информацијата во вашиот мозок и на некој начин си ја предавате наоколу, бидејќи не се поврзува со ништо“.

„Само одморете на момент, земете здив и обратете внимание“, советува тој. Ако има нешто многу важно за вас, почекајте момент за ментално да го „забележите“.

Треба и да се запрашаме себеси: Која е поентата на овој незаситен глад за информации? Што навистина добиваме од него? Можеме да поставиме граници преку поставување на лични цели, да сфатиме што сакаме и да научиме повеќе за тоа. Можеби само сакате да бидете во чекор со моменталните вести и настани. Или, сакате да добивате пооригинални идеи. Можеби сте решиле дека е крајно време да совладате некоја вештина или тема. Можеби сакате да ставите акцент на вашиот личен живот и да станете поблиски со пријателите и семејството, можеби и со самите себеси. Можеби само сакате да бидете посмирени и порелаксирани.

Информациите кои ги консумираме треба да бидат одраз на овој личен избор. Tsivrikos предлага да си поставиме цели пред да „одиме онлајн“, да ги запишеме и да ги ставиме на местото каде најмногу примаме податоци. На тој начин, вели тој, ќе знаете што барате, ќе ги насочите напорите  ќе има помали шанси да застраните. Имањето цели и држењето до нив го оттргнува напорот за процесирање на непотребни информации. Исто така, нѐ ослободува од чувството никогаш да не бидеме задоволни.

Оваа одговорност треба да им биде дадена на децата што порано, за да ја научат вредноста на тоа да размислуваат преку цели и да ги разбираат последиците на животот поминат во впивање информации. Ако не избираат, уредите и активностите онлајн ќе одлучат место нив.

Најмногу од сѐ, треба да ги „ресетираме“ сопствените очекувања и очекувањата на нашето општество. Треба да биде нормално да можеме да кажеме „Не го видов/прочитав тоа“. Инаку, сте го поминале животот гледајќи нови содржини на Netflix, читајќи „top ten“ листи, или да гледате GIF-ови пратени од колегите. Ако тие активности се совпаѓаат со вашите цели, тогаш добро. Но, ако не ве доведуваат поблизу до постигнување на тоа што навистина сакате да го постигнете утре, наредната година или во наредните пет години, намалете ја нивната важност во вашиот живот.

Manoush Zomorodi, водител и уредник на подкастот Note to Self на WNYS, за Los Angeles Times