[Став] Збогум Сидо!

Стефан Сидовски, кого сите го викавме СИДО, беше легенда! Беше филозоф со голема дарба, но уште поголема скромност. Беше човек достоинствен, со мерка, како некој еремит. Беше една од најимпресивните, најбогатите со духовност и образование личности во Македонија. Имаше харизма од најблагиот вид. Таа што ги собира жедните за познание и уметност околу себе, како што цветот ги привлекува пчелите. Генерации негови ученици му се восхитуваа. А тој широкоградо ги сееше во нив семињата на љубовта за филозофијата, за уметноста, за културата воопшто. Тој беше педадгог во совршената форма – како да беше излегол од романите на Херман Хесе!

Постар беше од мене четири-пет години.Никогаш не бевме колеги како студенти. Почнав да студирам филозофија кога тој веќе беше апсолвент. Само што сите уште тогаш раскажуваа за Сидо. Затоа пак постојано се среќававме кога станав асистентка по естетика во Естетичката лабораторија. Уште почесто се гледавме кога се отвори Кинотеката на Македонија, каде тој беше на сите проекции, на сите гостувања на познати режисери. Имаше некоја благородна повлеченост во неговата појава. Ненападен, внимателен, без патетика, а полн со љубопитност, со критичност и луцидност. Каде што ќе се појавеше Сидо, таму имаше магија и восхит. Затоа што остроумните забележуваа со колкава жед за уметност живееше тој човек. Во тоа Скопје на крајот на седумдесеттите, кое не беше преполно со споменици и барокни градби, но беше полно со автентична култура и луѓе жедни за неа. Како Стефан Сидовски. Како Горан Стефановски. Како Златко Лечевски. Сите тројца си заминаа прерано.

Таквите луѓе, како Сидо, како Горан, како Златко тогаш, во седумдесеттите, правеа Скопје да биде европска метропола. Тие живеја во Скопје како да се во Хајделберг или Лондон. Колку повеќе размислувам за тоа време, за некои чудесни луѓе со кои студирав и потоа работев на факултетот, толку повеќе ми станува јасно дека културата не е само културна политика. Без такви луѓе, кои сиот свој живот го посветуваат на уметноста, на филозофијата или на литературата, нема вистинска културна јавност. За да може да се создаде културна јавност, мора да има луѓе со творечка и лична харизма – таква како таа на СИДО! – кои, пред сè, со својата човечка чесност, со својата целосна предаденост на уметноста или на филозофијата, ги допираат срцата и умовите на луѓето. Културата е таму каде што таквите луѓе обичната просторија ја преобразуваат во култен простор, во храм на уметноста. Таква дарба зрачеше Стефан Сидовски, кога ќе се појавеше во некое кино или на некоја дускисија.

Трагично е што Македонија ги губи најдобрите толку рано. Горан, а сега и Сидо. Си заминуваат тивките, благите, мисловните луѓе. Тие што ја поседуваат „меката сила на љубовта”, за која Горан пишуваше во својот последен есеј „Пофалба на обратноста”. Тие не можат да издржат во таа пустина на омразата еден кон друг, во каква се има претворено македонската политичка, но и културна јавност.

Колку копнеам еднаш во Скопје пак да го доживеам тој благословен восхит за уметноста, со кој беше исполнето времето на нашата младост на Филозофскиот факултет! Мојата поранешна катедра – сегашниот институт по филозофија – во седумдесеттите беше фокусот на културните случувања. Особено Естетичката лабораторија, каде што доаѓаше секој што бараше средба со уметноста, со критичката мисла. Секако, на сите значајни настани беше и Стефан Сидовски, вљубеникот во филозофијата и во филмот – големиот човек и мислител. Вечен спомен за мојот драг колега Стефан Сидовски!

Пишува: Кица Колбе

Извор: Окно.мк

____________________________

*Професорот Стефан Сидовски Сидо ќе биде погребан во недела (7 јули). Службата ќе започне во 10:20 часот во капелата на градските гробишта Бутел.