[Став] Зарем ќе дозволиме светот да продолжи да гори?

Стефан Митиќ


Луѓето се непостојани суштества кои често сакаат да ги надвладеат трагедиите од кои најмногу стравуваат. Го прават ова затоа што не ја чувствуваат мизеријата на другите за своја. Најитниот аларм во моментов е крикот на природата. Топлотните бранови се само еден од неверојатно големиот број на апели кои ги испраќа животната средина.

Во книгата „Како да разнесете нафтовод“, Андреас Малм вели дека со оглед на постојаниот еколошки колапс, потребна е силна молба упатена кон климатските движења да ги ескалираат своите методи. Тој тврди дека ние мора со нашите дела да ја разбиеме и уништиме опремата за извлекување на фосилни горива за да го запреме уништувањето на околината. Накратко, треба да започнеме да ги разнесуваме нафтоводите.

Назад на статус кво

Деценискиот климатски активизам привлече милиони луѓе на улица, но тие не успеаја да го променат текот на брановите на гасни емисии, па дури и инвестиции во областа на нафтата. Цитирајќи студија од 2019 година во списанието „Природа“, Малм забележува дека, мерејќи според капацитетот, 49 отсто од енергетската инфраструктура што гори фосилни горива во моментов е во функција уште од 2004 година. Кога ќе се додадат на тоа очекуваните гасни емисии од проектите во некоја фаза од процесот на планирање, се гледа дека сме на добар пат кон затоплување на светот за 2 степени Целзиусови – факт што научниците го сметаат за застрашувачки и повеќето светски влади постојано ветуваа дека ќе го избегнат. Некои се надеваа дека пандемијата ќе го промени текот на светот, но тоа не се случи. Потрошувачката на нафта се враќа на истото ниво пред здравствената криза, а побарувачката за јаглен, најлошиот од горивата, се зголемува.

„Еве што треба да направи ова движење од милиони луѓе, за почеток“, пишува Малм. „Најавете ја и спроведете ја забраната. Оштетете, па и уништете ги новите уреди што емитуваат СО2. Одделете ги, уништете ги, изгорете ги, кренете ги во воздух. Дајте им до знаење на капиталистите кои продолжуваат да инвестираат во нафта и си играат со оган, дека нивните имоти ќе бидат уништени“.

Разнесувањето нафтоводи сепак не е најпродуктивното решение

Централното прашање во книгата на Малм е зошто ова веќе не се случува. „Да не управувавме со разум како суштества, денес ќе бевме на барикадите, влечејќи ги возачите на Ренџ Ровери и Нисан патроли од своите места, окупирајќи ги и затворајќи ги централите што горат јаглен …и барајќи пресврт во економскиот живот драматичен како оној што го доживеавме кога влеговме во војна со Хитлер“, вели тој.

Малм нуди два одговори за решителното ненасилство на климатските движења. Првиот е „стратешки пацифизам“, верувањетo дека ненасилниот протест е поефикасен од насилниот отпор. Тој сигурно е во право дека како суштества повеќе се вртиме кон тоа да ги санираме минатите востанија, величејќи ги миротворците, зацрнувајќи ги или заборавајќи ги имињата на насилниците. Постои барем аргумент дека тоа е интеракција на силите што ги трансформира општествата.

Што се однесува до тоа дали тука би функционирало разнесување на нафтоводи, Малм е помалку убедлив. Доколку се случи тоа, најверојатен исход е дека неколку десетици климатски активисти ќе бидат затворени со години (некои веќе се затворени), а бран закони што криминализираат дури и мирен протест ќе ја зафатат нацијата. Малм нема одговори за оние кои се плашат од веројатните политички последици: непосредна реакција што ги внесува непријателите на климатските активности во власта, елиминирајќи ги дури и кревките надежи за напредок во политиката.

Нападни тактики нема да ја соединат работничката класа

На друго место во книгата, Малм цврсто се спротивставува на тактиките што можат да сигнализираат презир или непријателство кон работничката класа. Но, последицата од бранот бомбашки напади за уништување на енергетската инфраструктура ќе биде да се покачи цената на енергијата веднаш, низ целиот свет, и најголемиот товар да падне на сиромашните. Малм се обидува, на моменти, да ја реши оваа напнатост, сугерирајќи дека можеби целите на напад би можеле да бидат јахтите на супер богатите, но генерално тој зборува за нафтоводите, а нафтоводите носат горива за користени Нисани и стари фериботи, не само за јахти.

Повисоките цени на енергијата се политички отров, што е, според објавеното аудио, причина зошто „Ексон Мобил“ поддржува данок на јаглерод: компанијата знае дека секој политичар што ќе се осмели да предложи ваков данок, ќе стори повеќе за да му наштети на климатското движење отколку да му помогне. Затоа, тешко е да се поверува дека зголемувањето на цените на истите горива преку кампања со бомбашки напади ќе ја мобилизира работничката класа во име на климатските активности.

Сепак, насилството често се спроведува, дури и ако е контрапродуктивно, во име на причини кои носат многу помалку последици од климатската криза. Значи, скептицизмот кон практичните придобивки од насилството не го објаснува целосно неговото отсуство во едно огромно движење. За таа цел, Малм го цитира писателот Џон Ланчестер, кој во 2007 година прашал дали отсуството на еко-насилство е затоа што „дури и луѓето кои се чувствуваат најсилно за климатските промени на некое ниво не можат сосема да поверуваат во тоа“.

Ова прашање не се однесува само на насилството. Тоа се однесува на потивки прашања од политичката стратегија и барањата на политиките, и често се поставува за климатското движење. „Стана модерно да се повикува на мобилизација во стилот на Втора светска војна за борба против климатските промени“, напишал Тед Нордхаус, основач на Институтот „Пробив“, во есејот со прашање дали климатските активисти веруваат во сопствената реторика. „Но, практично никој нема да повика на каква било активност што [на пример] САД ја презедоа за време на нивната воена мобилизација – рационализирање храна и горива, заплена на имот, национализирање на фабрики или индустрии или суспендирање на демократските слободи“.

Индивидуализам или колективизам?

Нордхаус додава дека „нејаснотијата и скромноста на Зелениот нов договор на САД не е доказ дека прогресивците и екологистите се неоткриени социјалисти. Поточно, според него, доказ е дека повеќето климатски активисти, иако несомнено се вознемирени, всушност не ги гледаат климатските промени како непосредна и егзистенцијална закана за која тие сугерираат дека се.

Голем дел од скромноста што ја идентификува Нордхаус е роднина на политичкиот реализам што, во други контексти, тој го фали. Многу климатски активисти избираат аскетизам во своите животи што не би се осмелиле да го побараат од другите, не затоа што сметаат дека е погрешно или непотребно, туку затоа што се плашат од политичко уништување. Повеќето вегани што ги познавам, делумно избегнуваат месо од климатски причини, но тие знаат дека би било погубно за каузите за кои се грижат ако политичкиот состав го направи веганството законски задолжително.

Вистина е дека постои несогласување помеѓу реториката за климата и нормалноста на животот што го живеат многумина од нас. Јас не го гледам тоа толку како откривање на политички погрешна насока туку како постојан неуспех на човечката природа. Ние сме неконзистентни суштества кои рутински сакаме да ги победиме катастрофите од кои најмногу се плашиме. Ние го правиме тоа затоа што не ја чувствуваме болката на другите како наша сопствена.

Договарањето околу пристап, наместо конкретна акција, прави регрес

Сето ова го размислувам неколку недели од причини што треба да бидат несекојдневни, но станаа ужасно чести. Јуни 2021 година беше најжешкиот јуни досега забележан на планетава. Светската политика досега нема направено значителен напредок околу климатските промени, и не сум оптимистичен дека ситуацијата ќе се смени во 2022, 2023 па дури и 2025.

„Климатскиот алармизам е бескорисен“, твитнал Хуан Морено-Круз, канадски истражувачки претседател за енергетски транзиции на Универзитетот во Ватерло. „Ефектите од климатските промени се тука. Да разговараме за климатскиот реализам“. Проблемот, продолжил тој, е во тоа што „разговорите за климатските решенија не нè оставија подготвени за реалните климатски промени. Ние продолжуваме да измислуваме модели и да се бориме за тоа кое „решение“ е најдобро, но не сторивме ништо за да ги решиме влијанијата на климатските промени. Истражувањето и спроведувањето на адаптацијата се сериозно недоволно финансирани“.

Морено-Круз создава силен аргумент, затоа што таков голем подвиг како адаптација е монструозен предизвик, веројатно потежок и поскап отколку што би било едноставно намалување на емисиите на гасови. Потребна е инфраструктура, поддршка за миграција, приход, обезбедување на храна и многу повеќе, а финансирањето мора да тече од богатите земји во сиромашните земји.

Зошто обновливите технологии се соодветен одговор за климатските промени?

Ние ги потценуваме ужасите на кои ќе се прилагодат луѓето. Но, нема доволно големо страдање што гарантира сочувствителен одговор. Остатоците од коронавирусот потсетуваат дека дури и смртта на членовите на семејството, пријателите и соседите нема неизбежно да ја трансформираат нашата политика. Повеќе од 5.000 македонски животи се изгубени, и за сето тоа време целиот македонски политички, здравствен, економски и образовен систем доживеа мноштво минорни адаптации.

Не сакам од овој текст да се извлече чувство на очај, бидејќи таа емоција е бескорисна за овој проблем. Корисно е само здраво размислување за климатските промени и собирање дијапазон на различни податоци кои отвораат пат кон конкретна акција и раширено влијание. Ако не успееме да го одржиме загревањето под долгогодишната глобална граница од 2 степени Целзиусови, ќе мора да се задоволиме со тоа дека 2 степени сепак се подобри од 2,5 степени. А, 2,5 е далеку подобра граница од 3. А човештвото повеќе би сакало да има 3 отколку 3,5. И така натаму, и така натаму. Нема точка во која откажувањето има повеќе смисла од борбата.

Но, на непосредното прашање – како да се принуди политичкиот систем да стори нешто доволно брзо, за да се избегне масовно страдање? Не го знам одговорот, па дури и ако воопшто има таков. Законодавната политика тешко дека ќе биде доволна да направи нешто со какво било краткорочно усогласување на моќта. Се сомневам дека бранот бомбашки напади кои Малм ги опишува ќе ги забрза промените, па дури и ако верував во спротивното, кој може да ги предвиди последиците?

Темпото на развој на обновливи технологии е одлично изненадување и би сакал да потрошиме бескрајни милијарди на технолошки дострели – вклучувајќи нуклеарна енергија (како чист и ефикасен начин на вриење вода за правење пареа која се претвора во струја) па дури и геоинженеринг истражувања. Нема ништо што не треба да се обидеме да го направиме, но дури и ако ги измислиме горивата на иднината, ќе ни требаат политичари за да ги распоредат тие горива со поголем авторитет од приватните индустрии што сакаат да профитираат од машините и бунарите со нафтата од минатото.

Мора да го сфатиме денешниот ден исто толку сериозно колку и утрешниот

Добрата вест е дека најлошото што климатската криза може да го направи се чини сè помалку веројатно. Ние сме на пат кон 3 степени на затоплување, измерено во Целзиусови, а не 4 или 5. Но, 3 степени е сепак катастрофа од незамисливи размери, која повеќе ќе им влијае на сиромашните во светот отколку на богатите. И тоа мора да се смени.

Човештвото потроши илјадници години во градење на социјални организации и технолошко мајсторство за да се изолира од каприците на природата. Ние го трошиме наследството од тоа градење, враќајќи го часовникот наназад. Модерниот начин на живот наложува експресно брзо секојдневие во кое постојано сме во движење, во главата ни се вртат мисли за тоа што се случува тука и сега и како да се ослободиме од моменталните проблеми, на овој или оној начин.

Мнозинството не размислува како денешните постапки ќе влијаат во блиската иднина, особено кога се работи за климатските промени, па личи како луѓето да живеат од ден за ден. Не верувам дека ова ја открива нашата вистинска склоност кон светот во кој ќе живеат нашите потомци. Верувам дека ја открива нашата длабоко човечка неспособност да ја визуелизираме и сфатиме иднината исто толку сериозно како што ја сфаќаме сегашноста.

Стефан Митиќ 

– – – – – – – – – – –

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.

Стефан Митиќ е студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби (NYU Abu Dhabi) каде студира на факултетот за Политички науки и факултетот за Општествени истражувања и јавни политики. Тој е новинар во студентскиот весник Д Газел (The Gazelle) и е член на организацијата „Модел Обединети Нации“ при универзитетот. Области од особен интерес му се човековите права, климатските промени, климатската правда и можните решенија, етиката при користење социјалните мрежи, употребата на лични податоци и безбедноста на интернет, како и поврзаноста помеѓу политиката и технологијата.