[Став] Заминав од Македонија бидејќи наместо да ме унапредат, овде ме деградираат

[Став] Заминав од Македонија - наместо да ме унапредат, овде ме деградираатПишувам бидејќи сум фрустрирана од владата, поточно од Министерството за образование, бидејќи цело време се рекламираат секакви проекти и трошат пари, а нема никаква реализација. На пример, со проектот Stop Brain Drain, треба да се враќаат македонските умови. Според новиот закон за високо образование, луѓе што докторирале на престижни универзитети треба веднаш да се вработат со посебни бенефиции (како покачување на платата и сл.).

Ете, јас лично докторирав на New York University (рангиран на 27 место во светот) на катедра која ја нема во Македонија, поднесов барање до МОН за работно место и никогаш не добив повратен одговор. На матичниот факултет, каде работното место (помлад асистент) ми беше во мирување не ми понудија ништо, дури ми рекоа дека според правилникот на универзитетот треба да чекам до 2015 година за именување во асистент! Затоа повторно заминав од Македонија, бидејќи наместо да ме унапредат, овде ме деградираат.

На матичниот факултет во Штип (после 5 години мирување на моето работно место како помлад асистент) ме одбија за именување во асистент, а камо ли „доцент“, бидејќи имале посебен закон за „звања“. Всушност, мора да имам стаж на УГД и на ниту едно друго место. Ми рекоа дека за асистент треба да чекам до 2015. На крајот поднесов оставка, бидејќи беше неподносливо деградирачки. Во правилникот јасно пишува како се собираат поени за избор на звање на УДГ (стр. 131). Како прво, сите универзитети надвор од Македонија, без разлика како се рангирани, се класифицирани како „странство“. Страшно!

Понатаму, ако ги разгледате редовите, ќе забележите дека постојат категории кои во нормален свет се сметаат за плагијаторство и се казнуваат со затвор и губење на работното место; кај нас официјално се наградуваат (интерна скрипта, издавање наставни содржини и сл.). Не знам по кои нормативи е градена оваа табела. Имам посетено многу добри универзитети и никаде немам видено вакво нешто. Изгледа дека тие што ја правеле ја скроиле по нивен терк. Инаку, го цитирав УГД во два труда со висок импакт фактор (без никакви финансиски придонеси) кои имаа големо влијание во покачувањето на рејтингот на универзитетот. Ама баш им е гајле.

Се пријавив и во МОН и поднесов барање за отворање ново доцентско место според новиот закон за високо образование, каде се вели дека ако си докторирал на некој од топ 200 универзитети и ако имаш учествувано во проект на некој од топ 50 универзитети, ќе ти најдат работа и ќе ти ја покачат платата (повторувам докторирав на New York University, пласиран на 27 место).

Го контактирав Агим Рушити (agim_rushit@yahoo.com) од МОН кој бил задолжен за ова, и прво ми одговори со фина порака дека сериозно ќе се ангажира и побара да му пуштам официјално барање и документи по мејл. Никогаш не ми одговори повторно, иако неколку пати му пишував, дури и му се јавував на мобилен.

После долго живеење во Македонија, знаев дека треба да имам план Б. Така, уште пред да се вратам од Њујорк, се пријавив за постдокторска работа во институт при Австриската академија на науките. По интервјуто преку Скајп, мејл-препораката од моите ментори од NYU и приложените објавени трудови, бев примена веднаш. Дури и добив funding од ЕУ пред два месеци. Сега сум во Виена со моето семејство.

И така, тешко дека пак ќе се вратам и ќе барам работа во Македонија.

Даниела Ристова

Извор: Окно