[Став] Зачувување на слободата на говор преку медиумската писменост и стандарди како одговор на дезинформациите и општествениот притисок 

Лука Павиќевиќ

Необорив факт е дека слободата на говор е постаментот врз кој е градена современата западна цивилизација. Можноста за непречена размена на идеи, за противставување на сопствените гледишта и мислења со тие на другиот, за јасна и отворена критика на секаков и сечив авторитет придонела кон коренитата преобразба на политичкиот систем, економијата, културата и целокупната општествена сфера од 18. век па наваму.

Меѓутоа, денес ова темелно начело е сериозно загрозено од најмалку две сили коишто целат да го злоупотребат за остварување на своите намери, а истовремено да направат граѓаните сè помалку да ја вреднуваат оваа нивна фундаментална слобода. Додека едната произлегува од различни општествени групи, втората е неретко предизвикана од државни, геополитики или финансиски интереси. Првата се воочува преку честиот притисок за деплатформирање, а втората е составена од дезинформациите.

Во последно време, откако во јавноста одредена личност или организација ќе пласира тези и ставови што дадена општествена група – сосема е неважно дали станува збор за граѓански сектор, групи со заеднички интереси, невладини организации, демографски категории – ги смета за несоодветни или контроверзни, често следуваат критики и осуди (со право!), но и повици личноста да биде замолчена, односно казнета за искажаното мислење, преку, на пример, отпуштање од работа или разрешување од функција – накратко, да ѝ биде одземена можноста да говори. Ваквите појави не се забележуваат само во Македонија, туку низ целиот свет. Иако сакаат меѓусебно да се обвинуваат, честопати и светската десница и светската левица издаваат вакви барања.

За мене, да се бара деплатформирање наместо да се полемизира, да се побиваат искажаните ставови и да се соочат различните мислења е своевидна капитулација. Некако како имплицитно да се признава исплашеност за силината на својот светоглед, та за да не биде доведен во прашање мора спротивниот да не биде слушнат.

Понатаму, промена во нечие мислење може да се случи исклучиво преку дебата и дијалог. Така што, деплатформирањето не гарантира дека исклучените лица ќе ги сменат своите ставови, туку подеднакво може да се случи тие да продолжат да ги шират. Овојпат тајно наместо јавно. Исто така, мнозинството луѓе сакајќи да избегнат јавна осуда би почнале да се самоцензузираат и своите ставови да ги презентираат во поинаква амбалажа – нешто налик на романите на Хаксли.

Сепак, мора да се каже дека понекогаш овие постапки се, и те како, оправдани. На пример, повикувањето и промовирањето на насилство, силување и убиство повлекуваат кривична одговорност, а негирањето на Холокаустот е забрането во многу земји. Оливер Вендел Холмс, судија во Врховниот суд на САД, во една прилика кажал: „И најстрогата заштита на слободата на говорот не би го заштитила човекот кој лажно вика: ‘Оган’ во театар и предизвикува паника“.

Втората сила се дезинформациите. Поимот „дезинформација“ означува лажна, неточна информација којашто се пласира намерно за да служи на некаков наратив или да го постигне посакуваниот ефект – бил тој корист или штета.

Честопати се вели дека социјалните медиуми овозможуваат еднаквост при креирањето и пласирањето на информациите, но мошне тешко е обичен човек да создаде дезинформација со широк опфат. Дезинформациите се секогаш комплексни операции проследени со соодветна заднина и поддршка. На пример, однапред е востановено кои (лажни) профили ќе треба да ја споделат дезинформацијата, а за сево ова постои и определен буџет.

Целта може да биде финансиска, односно генерирање на повеќе профит за тој што ја објавил дезинформацијата, ако истиот има реклами на својата веб страница. Исто така, може да се стреми кон остварување на политички и идеолошки цели. Понатаму, дезинформациите неретко служат и на геополитичките интереси, па често се случува моќни држави преку своите влади да пласира дезинформации во друга држава.

Тука го поставувам клучното прашање: како може општеството да се справи со овие предизвици без да ја ограници слободата на говор? Јас предлагам зголемување на стандардите во медиумскиот простор и посилен фокус на медиумската писменост во образованието.

Сите граѓани на нашата држава ќе добијат многу ако има што поревносно почитување на медиумските стандарди. На пример, Кодексот на новинарите на Македонија ги припишува начелата на професионалното, објективното и етичкото медиумско работење. За почитувањето на Кодексот се грижи Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), а постои и Комисија за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Бидејќи се имам обратено до обете институции, потврдувам дека посветено и одговорно ѝ пријдуваат на својата работа и должност. Затоа и апелирам до сите медиуми да се придржуваат до нивните препораки.

Општеството не смее да ги обвинува медиумските работници, туку треба да има предвид дека тие се соочуваат со децениско и присилно обезвреднување на новинарската работа, намален број на вработени во редакциите и финансиски предизвици.

Ваквата поставеност на работите честопати не дозволува еден новинар темелно да се посвети на даден општествен проблем, туку мора истовремено да известува за повеќе, иако сите сме свесни дека читателите/гледачите имаат бенефит од јадровита анализа на прашањето за кое се информираат.

На пример, јас сметам дека многу би помогнало доколку во рамките на еден медиумски запис се вметнати линкови коишто го водат читателот до претходните стории на истата тема, овозможувајќи му преглед на хронологијата на проблемот.

Второто решение е воведувањето на медиумската писменост во формалниот образовен процес. Веќе е јасно зошто оваа вештина е нужна за современето живеење. Тоа кај младите ќе создаде отпорност од дезинформациите, но ќе им ја вгради и потребата постојано да го преиспитуваат тоа што го слушаат или читаат.

Медиумската писменост не е ништо повеќе од критичко мислење применето врз медиумскиот контекст. Таа од младите – поточно од сите граѓани – изискува веродостојноста на добиената информација да ја проверат со други извори и претпазливо да ја консумираат.

Медиумската писменост всушност треба да присутна во сите наставни предмети, а особено во тие од општествените и хуманистичките науки, во облик на компетенција за извлекување на сопствени заклучоци преку анализа и евалуција на различни извори, како и нивната содржина, цел, предности и ограничувања.

На овој начин образованието ќе успее да создаде граѓани кои ќе бидат медиумски писмени, односно ќе ги анализираат информациите што ги добиваат, не верувајќи на сè и сешто. Оттука, тие ќе бидат отпорни на дезинформациите и подготвени своите ставови отворено да дебатираат и да ги бранат своите ставови.

Лука Павиќевиќ, член на УРА тимот и претседател на Сојуз на средношколци 

*Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е имплементиран од ИРЕКС заедно со Младинскиот образовен форум (МОФ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Оваа колумна е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на ИРЕКС и локалниот партнер Младински образовен форум (МОФ), и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на Соединетите Американски Држави.