[Став] За студентската окупација и по неа

Ако сега спроведам една мала анкета и ги прашувам луѓето што е окупација, сигурна сум дека сите ќе ми кажат дека окупација е физичко заземање на одреден простор. И ќе бидат во право, совршено формално ќе го опфатат актот на окупација.

Ако сега спроведам една мала анкета меѓу луѓето кои всушност до пред еден ден окупираа, ќе ви кажат дека окупација не е (само) физичко заземање на одреден простор и ќе бидат во право, затоа што знаат што значи да се спие на бетон.

Многупати досега слушнав и прочитав дека нам ни било интересно да си играме окупација. Мислам дека тоа треба да проба да му се каже на студентот по камера кој снимаше и сликаше 14 дена со мали паузи за спиење, или да пробаат да и го кажат на студентката по книжевност која секој ден спремаше по две соопштенија за печат, или да пробаат да и го кажат на студентката на Правен факултет која едвај спиеше меѓу две средби со официјални лица, претставувајќи го Пленумот, или, последно, но не и неважно, на студентите кои спиеја на бетон, во соба со 15 луѓе кои едвај ги познаваа, без никаква приватност, без пристап до туш, и со минимален пристап до тоалет.

Окупацијата, и покрај многуте можни црни сценарија, помина мирно, среќно, друштвено и успешно. Успеавме да добиеме ветување за нов Закон за високо образование, но поважно, успеавме да докажеме дека, да искористам излитена политичка реченица, силата е во народот. Ако сакаш, имаш идеја и енергија, можеш да ја спроведеш.

Како дел од окупацијата, активно следев што, како и кој пишува за окупацијата. Прочитав многу теории, толкувања, гледни точки, од внатре и од надвор. Прочитав дека студентите победија затоа што издејствуваа нов закон, дека студентите покажаа дека можат да се сменат работите, студентите направија пат, студентите го разбудија општеството. Многу ласкави зборови, но ниту еден напис не ја долови суштинската придобивка за студентите и општеството, според мене.

Суштинската работа која ја научија и согледаа студентите за овие 14 дена е како да живеат и функционираат заедно. Пред да се случи оваа окупација, ние сите, минимум, имавме заборавено на социјалните способности а во некои алармантни случаи, социјалните способности веќе не постоеја. Немаше интеракција меѓу единките, а тоа доведуваше до непостоење на социјална кохезија, чие отсуство доведе до збир од изолирани единки.

За 14 дена, ние научивме да се дружиме, да зборуваме, да делиме работи, во добро и лошо. Ние сме генерација која успеа да се сплоти на ниво на кое ниту една друга не успеала да се сплоти. Емпатијата, па дури и чувството за припадност, повторно се роди. Желбата да бидеме заедно е постојано присутна.

Генерација која има сила, енергија, знаење, сплотеност и желба, е тука, присутна и будна. Прашањето е дали некој ќе ја активира.

Автор: Ана Нешовска