[Став] За образованието да се одвојат 5 % од БДП

Стопанската комора денеска презентираше анализа фокусирана на состојбите во образованието – „Образование за 21. Век“. Тие ја потенцираат потребата за финансирање на образованието, како значаен фактор кој треба да придонесе за успешно реализирање на реформските процеси кои се веќе започнати.

Во продолжение, м-р Наташа Јаневска ги истакна клучните наоди кои довеле до нивното барање:

„Стопанската комора на Македонија бара да се зголеми процентот на издвојување средства од Буџетот за финансирање на образованието и тоа за 50% од средствата што сега се одвојуваат, или од сегашните 3,7% од БДП да се зголеми на 5%.

Ваквото барање го оправдуваме со фактот дека средствата што сега се одвојуваат не само што не се доволни, туку се и далеку под просекот предвиден од ОЕЦД.

Имено, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, од 2011 до 2016 година, трошоците за образование во нашата земја како процент од БДП, дури и се намалиле од 4,6% на 3,7 %. Овој процент, 3,7%, на издвојување од БДП за образование го имаме и денес, според проекциите на Министерството за финансии.

За споредба, просекот на земјите во ОЕЦД е 5,0% од БДП. Нашата земја одвојува за 25% помалку средства од овој просекот, а земјите кои имаат раст и успех во образовниот систем имаат поголеми одвојувања од Буџетот за таа намена. Словенија одвојува 4,3% од БДП или 14% помалку од просекот на ОЕЦД, а Финска пак 5,7 % од БДП или 35% повеќе од одвојувањето што го прави нашата земја во однос на БДП.

Но, уште позначајна споредба е онаа изразена во реална вредност преку која се гледа дека нашата земја многу малку вложува, односно инвестира во образованието по ученик.

Според Буџетот за 2018 година, вкупните трошоци, по ученик, воосновното образование изнесуваат 995 САД долари, во средното образование изнесуваат 1.355 САД долари, додека 1.198 САД долари во високото образование.

Споредено со ОЕЦД просекот, кој изнесува8.500 САД долари за основно образование,10.100 САД долари за средно образование и 15.500 САД долари по ученик за високото образование, излегува дека во Северна Македонија отстапувањето од просекот од ОЕЦД за основно образование е 88,3% , односно се издвојуваат 7.505 САД долари помалку; за средното образование отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 86,6%, односно се издвојува 8.745 САД долари помалку и за високото образование отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 92,2 %, односно се издвојуваат 14.302 САД долари помалку.

Во Словенија, вкупните трошоци по ученик, изнесуваат 8.500 САД долари во основното образование, 8.300 САД долари во средното образование и 10.208 САД долари во високото образование. Споредено со просекот на Северна Македонија, излегува отстапувањето од просекот на Словенија за основно образование е за 88,3% или во нашата земја за основното образование се издвојуваат 7.505 САД долари помалку, за средното образование, отстапувањето од просекот е за 83,6% или издвојувањето е 6.954 САД долари помалку и за високото образование отстапувањето од просекот на Словенија е за 88,3 % или се издвојуваат 9.010 САД долари помалку.

Во Финска, вкупните трошоци по ученик, воосновното образование изнесуваат9.305 САД долари, восредното 10.482 САД долари и10.391 САД долари во високото образование. Споредено со Финска, нашата земја, во основното образование за трошоци по ученик, издвојува 8.310 САД долари помалку, односно отстапувањето од просекот од Финска е за 89,3%; засредното образование отстапувањето од просекот еза 87% или издвојувањето е 9.127 САД долари помалку и за високото образование отстапувањето од просекот на Финска е дури 90% , односно се издвојуваат 9.193 САД долари помалку.

Ако на сето ова се додаде и фактот дека наставникот треба да има клучна улога во животот на учениците што потоа се одразува и на иднината на општеството во целост, врвен приоритет на државата треба да биде привлекување на најдобрите наставници во професијата. Но за да се постигне тоа треба да бидат обезбедени повеќе предуслови за кариерен развој, работните услови, а не помалку важно и вреднувањето на нивната работа.

Како податок, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика , наведуваме дека висината на вкупната исплатена просечна нето плата во образованието изнесува околу 23.448 денари (419 САД долари), додека висината на вкупната исплатена просечна нето – плата за последната, 2018 година во нашата држава, изнесува 24.276 денари (434 САД долари).

Но, реалната нето исплатена плата на наставниците во основно образование изнесува е 394 САД долари, во средното изнесува 445 САД долари и во високото образование 626 САД долари.

Споредено со ОЕЦД, просекот на плати, кој изнесува 3.075 САД долари за наставниците во основно образование,3.384 САД долари за наставниците во средно образование, нашите наставници земаат 2.681 САД долар помалку во основно образование и 2.393 САД долари во средно образование.

Во Словенија, каде постои систем на наградување согласно работното искуство, наставниците заработуваат 2.402 САД долари месечно во основно образование и 2.531 САД долар месечно во средно образование. Споредено со нашата земја, нашите наставници земаат 2.008 САД долари помалку во основно образование и 2.086 САД долари помалку во средно образование.

Наставничката професија во Финска е ценета професија и платите на наставниците се конкурентни во споредба со другите професии . Платата на наставниците во основно образование изнесува 2.896 САД долари месечно и 3.188 САД долари месечно за наставниците во средно образование.

Споредено со платата на наставниците во нашата држава, наставниците воосновно образование земаат 2.502 САД доларапомалку, додека во средно образование земаат 2.743 САД долари помалку. Очигледна е големата разлика со надоместокот на финските наставници.

Освен платата, единствени дополнителни средства, кои наставникот може да ги добие се средствата доколку прифати да биде ментор и/или раководител на паралелка (одделенски раководител). За улогата на ментор, наставникот добива 2.914 денари (52 САД долара) во основно училиште и 3.042 денари (54 САД долари) во средно училиште, а за раководител на паралелка 1.400 денари (25 САД долари) во основно и 1.480 денари (26 САД долари) во средно училиште.

Професијата наставник има една од најодговорните улоги во државата во создавање на здрава, стручна и образована единка, а тоа повлекува да биде една од најпочитуваните професии.

Овие податоци укажуваат на фактот дека доколку државата сака да има квалитетно образование кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со образованието не смее да се експериментира ако сакаме да имаме економски развиена и богата држава и затоа повторно ќе се навратам на она што го кажав на почетокот Стопанската комора на Македонија бара да се зголеми процентот на издвојување средства од Буџетот за финансирање на образованието и тоа за 50% од средствата што сега се одвојуваат, или од сегашните 3,7% од БДП да се зголеми на 5%“.