[Став] За лагите и лажните вести

Во јазикот постојат одредени „генерички марки“ (genericized trademarks, proprietary eponyms) каде еден производ со текот на времето станува синоним за сите производи од тој тип. На пример, селотејп од еден тип леплива лента, станува епоним, односно име за сите видови лепливи ленти. Такви примери за други производи има многу: џип, џакузи, целофан, термос, диктафон, фреон, плексиглас, вокмен и др. Поимот лажни вести стана токму таков епоним (над-термин) во кој повеќе не сме сигурни што сè влегува. Со лажни вести сега се ословуваат појави кои порано се нарекуваа пропаганда, политички маркетинг, дезинформации, шпекулации, измами, теории на заговор, новинарски патки и ред други поими и фрази, пишува комуникологот Сеад Џигал за Окно.

Што всушност се лажни вести?

Засега нема општ консензус околу ова прашање, дискусиите се уште во тек и во различни земји се разликуваат сфаќањата за него. Поимот се актуелизира со претседателските избори во САД во 2016 каде лажните вести се појавуваат со две значења поврзани со кампањите на двата претседателски кандидати, Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Првото значење се поврзува со случаи на фабрикувани и измислени вести кои беа објавувани на интернет и се проширија преку социјалните мрежи. Нивната цел беше да се наштети на кампањата на тогаш фаворитот за претседател, Хилари Клинтон. Најпознатиот случај е т.н. „Пицагејт“ во врска со инцидентот од 4 ноември 2016 кога лице наоружано со автоматска пушка влетало во пицерија во Вашингтон и испукало рафал во воздух. Напаѓачот претходниот ден во онлајн дискусија прочитал дезинформација дека во таа пицерија се одвивала проституциска трговија со малолетници, a која наводно била поврзана со кампањата на Хилари Клинтон. Разбеснет од ова тој седнал во кола и од Северна Каролина и вооружен се заакал кон Вашингтон. Откако се уверил дека информациите се неточни тој се предал на полицијата. Вакви фабрикувани стории кои се ширеа преку Фејзбук и Твитер имало стотици, веројатно и илјадници, а дел од нив беа објавувани на сајтови креирани во Велес, Македонија.

Второто значење на лажни вести се поврзува директно со Доналд Трамп. Трамп во своите говори и изјави за медиумите често го користи поимот „лажни вести“ за оние информации во главните медиуми кои во суштина не му се допаѓаат. Тој сметаше дека вестите кои се дел од негативната кампања против него од големите медиуми во САД се „fake news“. Во ова значење Трамп продолжи да ги нарекува критичките вести за него и до ден денес, особено оние кои доаѓаат од CNN и New York Times.

Лажните вести во овие свои две значења не се нова појава и тие имаат свој подолг историјат. Бенџамин Франклин пишувал за „вреќи од белечки скалпови пронајдени во регионот на Њујорк“ како дел од кампањи на американските весници против домородното население; британскиот печат во 1917 година пишувал за измислени германски фабрики за топење човечки тела во Првата светска војна, а познат е и случајот Глајвицкаде нацистите во 1939 нападнале германско радио облечени во полски униформи и за тоа ги обвиниле Полјаците. Наредниот ден Хитлер ја окупирал Полска.

Како да се пријде правилно на овој разводнет и веќе конфузен поим?

Лажните вести во комуниколошки контекст

Од комуниколошка гледна точка треба да се разликува лажна вест од лажна информација, или дезинформација. Информациите можат да бидат точни, неточни и лажни.
Неточните информации се погрешни информации (misinformation) кои без свесна намера се објавуваат преку медиумите. Причините за неточноста на информациите можат да бидат различни, од брзање, човечка или техничка грешка, непочитување на професионални практики во новинарството, пренесена неточна инфромација, неконсултирање втора страна, и слично.

Лажните информации се свесни лаги, односно дезинформации (disinformation) кои плански се објавуваат со одредена цел. Дезинформациите можат да се јават во различни форми: (1) измешани точни информации и дезинформации, (2) точни информации врамени во манипулативен наслов или коментар, (3) точни информации измешани со манипулативен коментар претставен како информација, и конечно (4) дезинформации за измислени или фабрикувани настани, односно лажни вести (Fake News). Покрај Пицагејтот, школски лажни вести се и оние велешките, Мишел го мамела Обама, Барак збеснал!, Бил Клинтон збесна во тек на интервју и призна дека е убиец! Поттип на лажни вести се сатиричните вести, како оние на Onion, Njuz, Коза ностра и пара-вести на Окно, кои и не се лажни вести во вистинска смисла, бидејќи се објавуваат со назнака дека се измислени од забавни или поучни побуди.

Лажните вести во политички контекст

На поимот лажни вести мора да му се пријде и од политичка гледна точка, и не смее да се заборави како започна целата фама околу лажните вести. Тие се актуелизираа во текот на политичките кампањи за изборите во САД во 2016 и во политичката арена. Лажните вести се актуелизираа како дел од информациската војна на големите (мејнстрим) медиуми во САД со Доналд Трамп. Иако се неспорни манипулациите во текот на кампањите, особено во делот на ширење онлајн дезинформации, вистинскиот ефект на лажните вести за успехот на Трамп засега не е потврден. Не е докажан ни степенот на влијание на руските хакери, а ни на Кембриџ аналитика. Овие појави беа присутни, сигурно биле фактор, но колкаво било нивното реално влијание уште не знаеме.

Извесно е дека големите медиуми во САД му даваа голем медиумски простор на Трамп и неговите провокативни настапи во текот на кампањата за републикански кандидат. Откачените и контраверзните настапи на Трамп беа вистинска посластица за медиумите. Тие преку неговите ексцеси и скандалозни настапи привлекуваа публика и сериозно ја зголемуваа гледаноста и читаноста. Оние медиуми кои подоцна ја поддржаа Хилари Клинтон во нејзината кандидатура, веројатно пред да ја официјализираат својата поддршка за неа, сметале дека со своето медиумско покривање на Трамп, за сметка на противкандидатите републиканци, ќе им наштетат на посериозните кандидати од Републиканската партија, а во евентуалното соочување на Клинтон и Трамп, таа полесно би победила. Оваа сеирџиска и калкулирана поддршка на медиумите за Трамп навистина му донесе победа на Трамп кај Републиканците, но фамата која се создаде околу него и неговата, благо кажано, атипична кандидатура тие понатаму не можеа да ја „контролираат“ преку своите наративи за него како кандидат. Трамп едноставно излезе од информациска контрола на медиумските големци коине успеаја да го наметнат својот став за него во јавноста, а тој победи на претседателските избори.

Бројните оспорувања кои потем следуваа за победата на Трамп, од лажните вести, руските хакери до Кембриџ аналитика, се засновани на реална загриженост и факти, но прашање е колкаво било тоа влијание, а колку е дел од возвратната медиумска војна која Трамп секојдневно ја водипротив нив, главно преку својот Твитер налог. Валидно прашање е дали можеби се работи за грижа на совест на мејнстрим медиумите од САД, и делумно од Британија, кои несвесно помогнаа во подемот на Трамповиот популизам. И лажните вести и Кембриџ аналитика сè повеќе наликуваат на своевидна борба за одбрана на митот за американската демократија како најразвиен демократски модел чие првенство во очите на светот не смее да биде оспорено. Таа борба се одвива околу парадоксот на популизмот; како е можно САД да го демократизираат светот и да се борат против популизмите на Путин или Орбан, кога дома кај нив владее исто така во најмала мера подеднаков популист како и тие. Да, Трамп е претседател, но само зашто го „хакирал“ изборниот процес.

Токму во таа смисла, лажните вести се длабоко исполитизиран поим, дел од една поширока информациска војна, во која се вклучени неколку инфо-сектаријански страни, и која допрва ќе се разгорува. Остатокот од светот треба да внимава како ги прифаќа овие поими и наративи, и секако како се споредува себеси со нив и таа реторика развиена во специфичен политички контекст. Домашните новинари имаат обврска да не ги користат поимите погрешно, и да прават погрешни аналогии, како во употреба на поимите, така и во преземање на наративите при информирањето на граѓаните за локапната политичка и општествена реалност. Ова е особено важно по информациите дека се вбројуваме во земјите со најслаб индекс на медиумска писменост. Не е баш сè што е онлајн политичка пропаганда или онлајн дезинформирање, лажна вест. Нивното разграничување е многу важно бидејќи е неопходно во справувањето со нив и наоѓањето решенија против нив.