Младите добија лажиран и фалсификуван процес за избор на младински претставник, без запазување на службените процедури и норми, при што во изборот учествуваа младински организации што немаат никакви активности поврзани со млади, пишува Блажен Малески, претседател на Националниот младински совет на Македонија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Една од познатите и често користени македонски поговорки е „наведната глава сабја не ја сече“, притоа напоменувајќи дека поговорката ги влече своите корења уште од времето кога отоманската империја владеела со територијата на Балканот. Два различни државно уредувачки системи подоцна, стигнуваме до една епизода на македонскиот народ наречена суверена демократска (по своите државнички карактеристики) Република Македонија, при што народната поговорка е актуелна и користена како во времето на своето креирање. Во досегашната 25-годишна демократска историја се чини дека државните функционери не само што се единствените чие противзаконско одлучување немало правни разрешници, туку токму и тие најчесто успеваат да ги казнуваат оние што ја кажуваат вистината. Па така низ таа 25-годишна историја на независност и демократија имаме случаи каде што народните избраници си кројат сопствени правила коишто ни тие самите не ги почитуваат, без притоа да разберат дека во демократски услови државните институции воспоставуваат правила за да им припаѓаат на граѓаните, токму за главата никогаш повеќе да не биде наведната.
Примери за непочитувањето на правилата, законите и процедурите во Република Македонија веројатно има толку многу што би можеле да воспоставиме засебна библиотека при Државниот архив на републиката. Еден од примерите којшто е релативно нов и актуелен е процесот за избирање на младински претставник за Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO), каде што младинското граѓанско општество требаше да номинира претставник. Самиот концепт на управниот одбор на RYCO е нешто сосема ново за односите граѓански сектор – државни институции, не само бидејќи е првата регионална младинска политика, туку и поради тоа што за прв пат гарантира место на младите на масата за одлучување.
Она што го добија младите е лажиран и фалсификуван процес за избор на младински претставник, без запазување на службените процедури и норми, при што во изборот учествуваа младински организации што немаат никакви активности поврзани со млади, ниту пак имаат јавни гласила којшто беа условите за учество во работната група за избор на младински претставник во управниот одбор на RYCO. Дополнително е дозволено да се кандидираат лица без потребната документација, како што е случајот со моментално нелегитимно избраната претставничка која што доставила една препорака од граѓанска организација наместо три како што предвидува повикот. Со други зборови, претходната гарнитура во Агенцијата за млади и спорт не водела грижа за условите која што самата ги постави и слепо понатаму го водела процесот. Ваквото однесување не само што им наштетува на младите во Република Македонија, туку и го нарушува регионалниот углед на институциите на државата.
Сето горе наведено го отвора прашањето – како понатаму? Една друга стара македонска поговорка вели „што ќе си посееш, тоа ќе си жнееш“, а во моментов ги жнееме лошите практики воспоставени во нашите институции. Токму од тие мораме да учиме како не треба да се постапува за доброто на граѓаните, или во овој случај младите на оваа држава. Жнеењето ќе значи пронаоѓање на сите пропусти во Агенцијата за млади и спорт и барање на одговорност за истите. Една дополнителна стара македонска поговорка вели „лозје не бара молитва, туку мотика“, а тоа во овој случај ќе значи дека сите заедно, младинскиот граѓански сектор и Агенцијата за млади и спорт и другите државни институции кои се надлежни за млади ќе мора да се потрудат да најдат заеднички решенија за вклучување на младите во политиките. Само така можеме да градиме демократска држава која што ќе им служи на граѓаните, а не на луѓето во институциите.
Денеска имаме можност да посееме позитивни примери, за понатаму да жнееме позитивни практики, оттаму со заеднички сили да ја искористиме оваа историска шанса за воспоставување на добри практики за креирање на политики и вклучување на младите, баш додека политиката е „жешка“ и дозволува обликување. Во спротивно сите ќе изгубиме.