[Став] Време е да се соочиме со вистината за имиграцијата

Расположението низ Европа се влошува додека очајните луѓе продолжуваат да ги преплавуваат границите во потрага по засолниште или бегство од сиромаштијата.

Унгарскиот бескомпромисен лидер побара „европска одбранбена линија“ на грчките граници. Норвешка им нареди на илјадници бегалци да одат во Русија со велосипед. Дури и либералната Шведска ја засили граничната контрола. Во меѓувреме Швајцарија, една од најбогатите нации со сомнителна историја на криење на украдена сопственост, ја поддржа Данска во барањето на бегалците да ја предадат личната сопственост на државата.

Колку лош начин да се започне 2016. Бесот и стравот пораснаа после силувањата во германските градови за време на новгодишните прослави. Продавниците таму ги продале сите залихи на спреј за самоодбрана, јавен базен забрани влез за мажи-баратели на азил, а хуманиот одговор на Ангела Меркел е виновен за  опаѓањето на нејзината популарност. Сепак, нејзината партија останува во водство на анкетите, а нејзиниот став го поддржува половина од нацијата, и покрај тоа што 51395 нови бегалци пристигнаа во првите две недели од јануари.

Виктор Орбан, авторитарниот премиер на Унгарија, е во право барем за една работа: ова е биде проблемот кој мора да се реши оваа година. Огромниот наплив на луѓе претставува сериозен предизвик за европските вредности, за идеалите на човечност, слобода и еднаквост. И покрај бурните мориња, бројот на луѓе кои влегоа во Европа во првите десет дена од јануари беше три пати поголем од нивото на луѓе кои влегоа во последниот месец од минатата година. Шеесет луѓе веќе се удавија обидувајќи се да го преминат Средоземното Море оваа година.

Ни треба искрена дебата за проблемите кои ова ги создава. Сите проблеми. Секако дека има културолошки импликации за било која држава кој прифаќа голем број на луѓе од други општества, додека ниту една европска нација не нашла совршено решение за интеграцијата. Но, моралната паника е бесцелна. Секој бран на масовна имиграција провоцира стравови. Прво католиците, потоа евреите, а сега и муслиманите се обвинувани за страни обичаи и поделена лојалност. Дури и големиот либерален лидер Вилијам Гладстоун одржувал говори против католиците, предупредувајќи дека тие ќе ги уништат британските вредности и ќе го зголемат криминалот.

Вреди да се потсетиме на една клучна работа поврзана со миграцијата сред оправданиот бунт поради криминалите во Келн. Истражувањата всушност покажуваат дека е помалку веројатно да извршат кривично дело отколку домашното население, и покрај тоа што имаат помали примања и живеат во сиромашни области. Една теорија предлага дека тоа е така бидејќи тие кои пристигнуваат во Европа се амбициозни луѓе кои сакаат да работат и да ги подобрат своите животи.

Многу се дискутираше за непропорционалните броеви на млади слободни мажи при напливот на бегалци кои пристигнаа во Европа преку море, што ги зголеми стравовите за родов дисбаланс. Сепак, ова е неизбежна последица на хаотичниот пристап на Европа во контролирање на миграцијата, со оглед на тоа што земјите се обвинуваат една со друга и многу малку политичари покажуваат вистинско лидерство. Ако единствената рута до бегство од војната и безбедна иднина е тешка и опасна, семејствата ги праќаат најсилните членови први, како што слушнав многупати од бегалци во Грција, Италија, Франција и Германија.

Политичарите со подбив се трудат да изгледаат силни, но малкумина признаваат дека масовното движење на луѓето е во чекор со глобализацијата која ја поттикнува нашиот просперитет. Сиромашните земји стануваат побогати, а тоа значи дека повеќе луѓе ќе се селат низ светот, а тоа е нешто што ние на Западот го сметаме за наше право од раѓање. Клучот е да не се преправаме дека ова може да се спречи и да најдеме начин да управуваме со миграцијата, да ги заштитиме бегалците и да ја подобриме интеграцијата. Срам за Европа е што посиромашните земји како Јордан, Либан, Турција, Пакистан, Иран и Уганда покажаа повеќе великодушност од паничните нации кои обожуваат да ги понтифицираат чесноста, слободата и човековите права.

Градењето на ѕидови нема да го спречи приливот, само ги збогатува криумчарите, кои според Европол, заработиле околу четири милијарди фунти. Тие предизвикуваат смрт, додека решените мигранти и очајните бегалци бараат начини да ги заобиколат. Истражувањата покажуваат и дека рестрикциите можат да бидат контрапродуктивни преку превенција на циркулацијата на луѓето, обесхрабрувајќи го враќањето и поттикнувајќи ги мигрантите да најдат трајно сместување. Ова ја покажува потребата за информирана дискусија, со оглед на тоа што секој дели интерес за решавање на кризата, настрана од гангстерите и екстремните десничарски групи кои го експлоатираат моменталниот неред.

Британија, земјата која одби дури и да ги поддржи спасувачките емисии на Средоземното Море, се труди да стои настрана. Министрите знаат дека нашата островска земја е заштитена од водата и додека одбиваат да примат дури и сирачиња бегалци, тврдат дека давање на финансиска помош на соседите на Сирија е најпаметниот одговор.

Министрите се борат за правата на бегалците да работат во земјите домаќини. Ова може да направи голема разлика. Многумина заработуваат бедна сума на пари на црниот пазар. Шефовите ги екслоатираат, а тоа ја поткопува и положбата на домашните работници. Запознав еден Сириец во Аман кој работеше 14 часа на ден, седум дена во неделата, во пекара каде го плаќаат помалку од половина од вообичаената плата. Не е ни чудно што многумина ризикуваат да стигнат до Европа. Сепак, Британија им забранува на повеќето баратели на азил да работат и наметнува строги рестрикции за малкуте на кои им е дозволено да работат. Таква е дволичноста околу проблемот кој е секој ден позамаглен, подепримирачки и поотровен.

Ian Birrell за Independent