[Став] Во време на криза, обновливите извори на енергија напредуваат, a фосилната енергија губи

Пишува: Џеј Ди Фаруџиа

2020-та не е лесна година. Коронавирус пандемијата го погоди секој аспект од нашите животи. Анализата на енергетските системи низ Европскиот континент за првата половина од годината ни покажува како во текот на овој период, производството на обновлива енергија се зголемува, додека неизбежниот колапс на фосилната индустрија може да се случи побрзо отколку што можеме да замислиме.

 Тинк-тенкот за клима и енергија Ембер спроведе полугодишна анализа на податоците за електрична енергија добиени од цела Европа за  периодот  помеѓу јануари и крајот на јуни 2020-та година.

Анализата покажува дека производството на обновлива енергија се зголемило во текот на првата половина од годината и без прекини обезбедувало енергија за домаќинства низ целиот континент. Прекини на добивањето на обновлива енергија не се предвидени ниту за време на летните месеци. Ветрот и сончевата енергија учествувале со 21% од вкупното производство на електрична енергија во Европа. Особено ветровитиот февруари проследен со поволни услови во второто тримесечје од годината помогнало производството на ветерната енергија да се зголеми за 11% и сончевата за 16% во текот на првата половина од оваа година во споредба со истиот период лани.

Во Данска, неверојатни 64% од генерираната енергија била од ветер и сонце, но и други земји како Ирска со 49%  и Германија со 42% исто така се со многу ветувачки резултати. Иако COVID-19 го забави самото инсталирање на нови соларни и ветерни системи, во овој период се докажа дека тие можат да дадат голем придонес во електричната мрежа. Со подобрувања на постоечките мрежи со цел истите да бидат пофлексибилни, ветерната и сончевата енергија можат да ги надминат проблемите како „негативната енергија на големо“. Ова се однесува  на создавање  повеќе ветер и / или соларна енергија отколку што е потребно односно отколку што има побарувачка. Со оглед на тоа што постоечките мрежи се сѐ уште „нефлексибилни“, трошоците за балансирање на мрежата генерално паѓаат на грбот на крајниот корисник.

Од друга страна пак, во 2020-та година уделот на фосилните горива на енергетскиот пазар се намалил за 18% како резултат на зголемувањето на производството на обновлива енергија и падот на побарувачката за електрична енергија воопшто од 7%, благодарение на COVID-19. Најлошо погоден во овој период бил јагленот, чие учество паднало за цели 32% и во моментов учествува на пазарот со само 12% во земјите од ЕУ-27. Секоја од земјите земени во предвид во анализата кои во моментов генерираат енергија од јаглен, објавиле значителен пад на производството на јаглен. Во Германија производството на јаглен се намалило за цели 39%.

Производството на фосилен гас се намалило во единаесет земји. Шпанија и Италија произвеле 20% и 16% помалку фосилен гас. Во периодот на првата половина на 2020-та, нуклеарната енергија претрпела слична судбина, особено во Франција каде забележала пад од 29,5%. Нуклеарната енергија била заменета со повеќе ветерна енергија.

The Climate Herald  го контактираше Дејв Џонс, Виш аналитичар за електрична енергија во Ембер, во врска со ситуацијата во Северна Македонија. Нецелосните податоци од МЕПСО, операторот за електрична мрежа во земјата го отежнувал процесот на доаѓање до било какви цврсти заклучоци во врска со енергетската состојба во државата, но се чини дека производството на јаглен значително опаднало и овде во текот на анализираниот период. За жал, учеството на ветерната и сончевата енергија во енергетскиот микс на државата е сѐ уште далеку зад фосилното за да се осигура потребната транзиција на Северна Македонија од валкана (фосилна) во чиста (обновлива) енергија. Г-динот Џонс за The Climate Herald изјави:

„Тешко е да се биде сигурен што точно се случило досега во Северна Македонија оваа година, бидејќи не можеме да се потпреме на податоците од операторот на електричната мрежа. Производството на јаглен се чини дека опаднало значително, што е добра вест за [намалувањето на] емисиите на јаглерод во Северна Македонија. Сепак, се чини дека зголемувањето на производството на ветерна и соларна енергија е многу мало, [па наместо од обновливи извори на енергија во национални рамки], потребата за електрична енергија која е обично произведена од јаглен, била заменета со дополнителен увоз од соседите. Северна Македонија размислува колку брзо ќе се потрошат нејзините единици на јаглен, но треба да ја забрза замената на ваквото производство на електрична енергија со чиста обновлива енергија час порано“.
– Дејв Џонс, Виш аналитичар за електрична енергија, Ембер

Пандемијата COVID-19 откри многу празнини и неправди во нашите политички и економски системи, но исто така ни покажа и што функционира, а што не. Дејв Џонс вели дека „обновливите извори на енергија се покажале како поотпорни од фосилните горива во оваа криза“. Во продолжетокот на борбата против коронавирусот и неизвесностите околу него, од витално значење е донесувачите на одлуки и јавноста да обезбедат можности за забрзана транзиција од фосилна кон обновлива енергија.

——–

Климатски Набљудувач / The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Превод и адаптација: Симона Гетова