[Став] Во потрага по нормален живот: личната приказна на Македонка мигрантка

Се викам Анастасија. Имам 26 години и сум од Скопје, Македонија. Откако дипломирав, бев практикантка 7 месеци во Скопје. Меѓутоа, немаше можност за вработување подоцна. Се обидував да најдам работа  неколку месеци, но безуспешно.

Тогаш дознав за ЕВС програмата (европска волонтерска служба). Ова е програма која обезбедува мноштво волонтерски можности за младите да станат активни и да го подобрат нивното општество и вештини преку волонтирање во друга земја. Прочитав многу волонтерски приказни од млади кои волонтирале преку оваа програма и се стекнале со многу вредно искуство, па бев инспирирана да се пријавам. Ме примија во едногодишен проект во организација во Франција. Моите задачи се состоеја од пружање помош на деца и младинци кои имаат висока стапка на испишување од училиште, па претежно им помагав со пишување на домашната работа, училишните активности итн.

Оваа волонтерска можност беше одличен начин да се придонесе кон општеството, но исто така, и возбудлива можност за да одам некаде и да сретнам луѓе од други култури, како и да научам француски. Поради тоа што повеќето волонтери доаѓаа од разни земји, имав можност да се запознаам и спријателам со млади од Ерменија, Кипар, Германија итн. На овој начин научив дека има многу заеднични работи помеѓу луѓето од Македонија и луѓето од другите земји, најинтересно можеби беше кога дознав дека сармата е често јадење во Ерменија исто така! Покрај овие млади мигранти, сретнав и многу мигранти од Африка. Интересно беше да се научат нивните културни практики, како прекрасниот танц кизомба.

Во споредба со Скопје, заедницата каде бев сместена беше малечка, па искусив вистински живот во заедница, дури и се вклучив во организирање локални прослави со локалното население за да се зајакне животот во заедницата. Отпрвин не беше лесно сепак да се снајдеш во потполно ново општество, но поради тоа што го научив јазикот прилично брзо, добро се интегрирав и бев добро прифатена од локалното население.

Невладината во којашто волонтирав дури и ми понуди работа откако завршив мојот волонтерски ангажман, да продолжам да го правам истото и да им помагам на младите. Но, добивањето на работните документи (работна виза и слично) беше многу тежок процес. Иако се беше во согласност со официјалните процедури, морав да чекам 7 месеци да ги добијам потребните документи. Постојано живеев во страв, бидејќи немав документи – на овој начин искусив нешто слично на она коешто бегалците и мигрантите го искусуваат кога тие се „недокументирани”. На крај, ја добив работната дозвола и бев пресреќна.

Кога заврши проектот, се вратив во Македонија, но реинтеграцијата не беше толку лесна првично. Имајќи стекнато искуство во невладиниот сектор во странство, знаев дека сакам да продолжам да работам во невладиниот сектор и во Македонија. По 3 месеци, почнав да работам во локална младинска организација и искрено, среќна сум што си најдов работа која ме исполнува во Македонија, исто така.

Многу бегалци и мигранти транзитираа низ Македонија во изминатите години, бегајќи од војни, конфликти и во потрага по нормален живот. Мислам дека сите луѓе кои ги напуштаат своите земји го прават ова бидејќи бараат беззбеден живот, живот кој ќе ги исполнува, достоинствен живот. Македонците не се исклучок.

Луѓето кои мигрираат од една земја-членка во ЕУ во друга земја-членка во ЕУ исто така не се исклучок, на пример, Шпанци кои мигрираат во Шведска – и тие се мигранти. Мислам дека Македонците покажаа солидарност со бегалците кои поминуваа низ Македонија и мислам дека можеме да направиме уште повеќе.

Во Македонија имавме многу случаи кога Македонците биле „откорнати” од своите домови, при земјотресот во Скопје, при неодамнешните поплави во Скопје и секако, многуте случаи при коишто особено млади Македонци ги напуштаат своите домови во потрага по безбедна работа…Можеме и секако треба да најдеме емпатија во нас да се идентификуваме со тешкото искуство низ кое поминуваат бегалците и мигрантите.

*Приказните се собирани од активисти на Легис и се поддржани од GIZ во име на BMZ.

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammmenarbeit (GIZ) GMBH.