[Став] Во кој правец ќе дувне ветрот во Грузија?

Весна Попоска

Историјата на Грузија е обележана со политички промени, конфликти и деликатен баланс помеѓу западното усогласување и руските интереси. Неодамнешните протести ги одразуваат подлабоките тензии и загриженоста за демократските вредности и суверенитетот.

Грузијците протестираат од 17 април, против контроверзниот закон за „странскo влијание” (foreign influence act/foreign agents bill). Парламентот на земјата го помина првото и второто читање на Предлог-законот за „странски агенти”, кој предизвика бес. Во пресрет на третото читање, 50.000 граѓани излегоа на протест.

Грузијците стравуваат дека законот може да го задуши граѓанското општество и да ја ограничи слободата на изразување. Предлог-законот бара од субјектите кои добиваат повеќе од 20 отсто од нивните финансиски средства надвор од Грузија да се регистрираат како странски агенти – вклучително, граѓанските организации, тинк-тенковите и медиумите. И покрај претходната заложба на Владата за „безусловно повлекување” на ваквата легислатива, Прeдлог- законот беше повторно воведен на агендата.

Демонстрациите како одговор

Првичното откажување, во март 2023 година, се сметаше како победа за граѓанското општество и понижувачки пораз за владејачката партија – „Грузискиот сон“. Владејачката партија сега е со став дека Предлог-законот е неопходен за да се спречи она што го смета за штетно странско влијание врз политичката сцена во земјата и да се спречат неидентификуваните странски актери – да се обидат да ја дестабилизираат политичката сцена во земјата. Опозицијата го нарекува предлогот „руски закон”, бидејќи Москва користи слична легислатива за стигматизирање на независните новинарски медиуми и организации кои се критични кон Кремљ.

Според неа, фактот што Предлог-законот сега е пред гласање во парламентот е знак за наводното влијание на Москва врз Грузија. Опозиционерите се плашат дека тоа ќе стане пречка за долго очекуваниот  на земјата за членство во Европската Унија. Изборот што го направија нејзините водачи и граѓани, значително ќе влијае на траекторијата на нацијата.

Полициското насилство на протестите ја шокираше Грузија, додека организациите и активистите за човекови права предупредија дека безбедносните сили користеле „непропорционална сила”. Грузиското здружение на млади адвокати соопшти дека „мирниот протест е механизам за промовирање на демократските процеси во рацете на граѓаните, и секој обид да се потисне тоа е антиуставен акт”.

Западните политичари и дипломати повикаа на прекин на насилството, откако безбедносните сили користеле воден топ, солзавец, зашеметувачки гранати и гумени куршуми за да ги прекинат преку ноќ, мирните демонстрации против Предлог-законот. ЕУ, која и додели кандидатски статус на Грузија, „остро го осуди” насилството и ја повика Владата да го почитува правото на мирен протест.

Историска позадина

Грузија, земја во Јужен Кавказ, се стекна со независност од Советскиот Сојуз во 1991 година. Првите години на независноста, како и во сите транзициони држави, биле одбележани со политичка нестабилност, економски предизвици и конфликти, предизвикани од специфичната геополитичка положба. Со излез на Црното Море, Грузија е гранична држава помеѓу Русија и Турција, а граничи и со Азербејџан и Ерменија. Нејзината  стратешка локација ја направи важна трговска и културна крстосница низ вековите.

Во 2003 година, широко распространетите протести, познати како „Револуција на розата”, доведоа до соборување на претседателот Едуард Шеварднадзе, поранешен советски министер за надворешни работи од времето на Горбачов, кој ја водеше Грузија кон независност и застана против абхазиските сепаратисти.

Движењето беше поттикнато од обвинувањата за изборни измами за време на парламентарните избори.

Опозицискиот водач Михаил Саакашвили се појави како клучна фигура во овој период, а во 2004, стана претседател на државата. Неговата администрација се фокусираше на антикорупциските мерки, економската либерализација и прозападната политика.

2008 година ја одбележа петдневната грузиско-руска војна, во врска со отцепените региони јужна Осетија и Абхазија, проследена со интензивна дезинформациска кампања и сајбер-напади, и онеспособување на институциите. Русија ги призна овие региони како независни држави, што доведе до тековни тензии. Партијата на Саакашвили ја изгуби власта во 2012 година, а коалицијата „Грузиски сон” на Биџина Иванишвили – новиот премиер, ја освои власта, додека политичкиот пејзаж се оддалечи од прозападниот став на Саакашвили. Во пресрет на изборите, предвидени за крајот на годинава, по двегодишна пауза, тој го најави своето враќање во политиката.

Можни импликации

Ситуацијата во Грузија е тензичнаАко Владата не го повлече законот, извесно е дека демонстрациите ќе продолжат. Единствена шанса за граѓаните, во тој случај, ќе биде правото на вето на претседателката на државата, Саломе Зурабичвили.

Во изјава за новинарите, таа ги поддржа протестите, велеќи дека Грузија уште еднаш му покажа на светот, на моќен и мирен начин, дека нема да дозволи да се доведе во прашање европската иднина. Сепак, ветото може да биде заобиколено, доколку влајдечката партија собере 76 гласа, со што претседателот на парламентот ќе го потпише указот.

Грузијците може да продолжат да го изразуваат своето незадоволство преку митинзи, маршови и граѓанска непослушност. Владејачката партија, „Грузискиот сон“, би можела да избере или да отстапи од законот за странско влијание, или да го измени предлог текстот, но и да инсистира да ја продолжи постапката во неизменета форма.

Дејствата на власта значително ќе влијаат на политичката клима и на јавното мислење. Западните земји, вклучително и Европската Унија и САД, изразија загриженост во врска со Предлог-законот. Дипломатскиот притисок ќе се интензивира и изјавите на меѓународните лидери може да влијаат на одлуките на грузиската Влада.

Грузија треба да одржи парламентарни избори подоцна оваа година. Исходот од овие избори би можел да го оформи политичкиот пејзаж на земјата и да ја одреди нејзината насока. Влијанието на Предлог-законот врз организациите на граѓанското општество и медиумите ќе треба внимателно да се следи. Односите на Грузија со соседните земји, особено со Русија, ќе продолжат да играат улога. Балансирањето на прозападните аспирации со регионалните реалности – останува предизвик.

Грузија се соочува со критична точка каде политичките одлуки, јавната мобилизација и меѓународните реакции ќе ја обликуваат нејзината иднина. Исходот ќе зависи од тоа како различните учесници ќе постапуваат во оваа сложена динамика.

*Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.