[Став] Влијанието на изборните системи врз родовата застапеност

Пишува: Даниела Антоновска

Гласачите често се помалку расположени да гласаат за жени. Се гласа повеќе за ,,познати“ и „видливи’’ фигури, кои имаат поголема моќ за кампањи на терен и контакт со гласачите, а тие фигури се најчесто мажи.

Меѓу клучните бариери за политичкото учество на жените, покрај родовите стереотипи и скептицизмот кон способностите на жените спаѓа и моделот на изборниот систем. Постои корелација помеѓу изборните системи и процентот на застапени и избрани жени на национални и локални избори.

Родова застапеност во пропорционален и мнозински изборен модел

Како два главни изборни системи се пропорционалниот и мнозинскиот изборен системи. Најголем број од европските земји имаат пропорционални изборни системи со исклучок на неколку земји како Франција, Обединетото Кралство, Германија кои имаат усвоено мнозински или мешовит изборен систем. Кај речиси сите земји со пропорционален изборен систем застапеноста на жените е над 40%. Земјите со мешовит и/или мнозински изборен систем имаат помал процент на жени во националните парламенти.

Во Република Северна Македонија пропорционален изборен модел со родова квота од 40% се применува при избор на пратеници и при избор на советници. Процентот на избрани жени во парламентот е 42% и е највисок процент досега.

При избор на градоначалници и при избор на претседател на државата во Северна Македонија се применува мнозински изборен модел. Резултатите од сите претходни избори за градоначалници укажуваат на мал процент на кандидирани и избрани жени за градоначалник. Последните локални избори во 2021 г. резултираа со 2 жени и 79 мажи избрани за градоначалник.

Затворени наспроти отворени листи во пропорционален систем

Од земјите во ЕУ кои применуваат пропорционален изборен модел, 17 имаат пропорционален изборен систем со отворени листи. Најголем дел од нив немаат законски праг на гласови.

Пропорционалниот изборен модел покрај како модел со отворени, се карактеризира и со флексибилни и затворени листи. Затворените листи се партиски центрирани и даваат поголема моќ на партиското раководство при номинација на кандидатите. Повеќе наликуваат на списоци на партиска елита и партиски послушници отколку што се фокусирани на квалитетите на кандидатите.

Пропорционалниот изборен модел со отворени листи дозволува поголема инклузивност и диверзитет во изборот. Истиот може да промовира внатрепартиска демократија и ограничување на моќта на партиските раководители. Може да поттикне и внатрепартиска конкуренција и борба за превласт помеѓу кандидатите.

Зависно од правилата, гласачите можат да гласаат за листата и/или за еден и повеќе кандидати. Во Луксембург и Швајцарија, има можност да се гласа и против кандидатот. Гласачите можат да додаваат свои кандидати, односно да формираат нова листа од преферирани кандидати. Одредени отворени листи дозволуваат и непартиски кандидати.

Родовата застапеност во пропорционален модел со затворени листи

Во пропорционалниот модел со затворени листи, партиите пред усвојувањето на задолжителната родова квота, често ги ставаа жените на недобитните односно на пониските места на листите. Ова беше најчесто практикувано во потрадиционални и помалку родово рамноправни општества.

Задолжителната родова квота и ,,зип системот’’, односно наизменичното подредување на кандидатите од двата пола, го зголемија процентот на жените во политиката. Пред усвојување на квотата во Северна Македонија, процентот на избрани жени во Парламентот се движеше помеѓу 3-5%. Со усвојување на 30% родова квота во 2002 год. процентот од 2002 до 2014г. изнесуваше помеѓу 19-34%, или 23-42 жени. Во 2015г. се усвои родовата квота од 40% со што процентот на избрани жени се зголеми над 35%.

Од примерите во Северна Македонија евидентно е дека пропорционалниот изборен модел со затворени листи, квота и зип систем е добра варијанта за повисоко ниво на родова застапеност.

Родова застапеност на отворени листи

На затворените листи преку задолжителната родова квота и наизменично рангирање на кандидатите од двата пола, жените имаат обезбедено место. На отворените листи, кандидатките мораат да бидат повидливи, да имаат подиректен контакт со електоратот, да лобираат за себе и да водат индивидуални кампањи со цел да освојат гласови.

Отсуството на родовата квота на отворените листи ја намалува можноста жените да бидат соодветно застапени на листата. И во тој случај исто како и на затворени листи без квота би биле позиционирани во долната половина на листата. Ова претставува двоен ризик бидејќи гласовите од електоратот можат да бидат или награда или казна. Доколку електоратот поддржи жени постои поголема можност за избор и покрај ниското позиционирање.

Во пропорционален изборен систем со отворени листи претходни истражувања заклучуваат дека има поголем поттик кај кандидатите да остварат подиректен контакт со електоратот. Индивидуалните кампањи на кандидатите значително можат да им помогнат да бидат избрани. Но, жените имаат помалку ресурси, помалку обученост и знаење за лични кампањи.

Примерите од соседните земји кои применуваат отворени листи со родови квоти како Косово и Албанија покажуваат процентуално помала застапеност на жените во парламентите од застапеноста на жените во Северна Македонија.

Изборниот систем во Косово е пропорционален со отворени листи со 30% родова квота при што гласачите имаат можност да гласаат за пет претпочитани кандидати. Притоа Косово го користи концептот на „губитник“ според кој ако нема доволно избрани жени, тогаш жените со највисоки гласови на листата ги заменуваат мажите кои имаат најмалку гласови.

Ваквите примери се помалку пријатни бидејќи влегуваат кандидатки со помалку освоени гласови од мажите кандидати само поради родовата квота.

Од 2020 год. во Албанија се применуваат отворени листи со родова квота од 30% и праг од 1%. Со преференцијалното гласање, гласачите можат да влијаат на рангирање на кандидатите на листата. Но, процентот на избрани жени е 34,3%.

Дали гласачите би гласале за жени на отворени листи?

Клучно прашање кое се наметнува е дали гласачите би поддржале жени на отворени листи. Анализите од европските земји и земјите од Балканот даваат спротивставени резултати. Иако укажуваат дека родот на кандидатот не е одлучувачки фактор, сепак практиката покажува дека при гласањето приоритет се дава на мажите.

Резултатите во Естонија, чиј изборен систем ги комбинира отворените и затворените листи даваат малку докази дека на гласачите им е важен родот на кандидатот. Во средината на 90-тите има околу 10% избрани жени преку отворени листи. Во периодот од 2007-2011г. процентот се зголемува на 22%. Oва се должи повеќе на менување на традиционалните сфаќања за улогата и местото на жената во општеството.

Во Хрватска, во 2016г. неколку кандидатки позиционирани подолу на листата беа избрани со преференцијални гласови и покрај ниското рангирање. Но, има и спротивни резултати. Жени позиционирани погоре на листата поради преференцијални гласови за мажи беа потиснати на дното на листата.

Во Босна и Херцеговина, со воведување на отворените листи во 2002 год. и покрај родовата квота, се намали бројот на избраните жени споредено со претходните избори.

Гласачите често се помалку расположени да гласаат за жени. Се гласа повеќе за ,,познати, видливи’’ фигури, кои имаат поголема моќ за кампањи на терен и контакт со гласачите, а тоа најчесто се мажите.

Во Северна Македонија, истражувањата направени од Реактор, велат дека електоратот нема предрасуди против жените кандидати. Мнозинството ги поддржува жените и родот не е важен фактор за време на изборите.

Во анализата на ИФЕС испитаниците го рангирале родот на кандидатот дури на седмото место. Како најприоритетни фактори се; минатите постигнувања на кандидатите, општественото потекло, степенот на образование и професионалното искуство.

Дали вреди да се даде шанса на отворените листи во Северна Македонија?

Последниве години се водат повеќе дебати околу воведувањето на отворените листи. Отворените листи се концепт со повеќе варијанти кои различно функционираат во различни земји. Извештајот на Венецијанската комисија нагласува дека постои ,,опасност” на отворени листи да бидат избрани помал број жени.

Сѐ зависи од контекстот во државите, од способноста за водење кампањи, од организирањето на жените и женските организации да лобираат, од претходното искуство на жените.

Отворените листи се добра варијанта за намалување на моќта на партиските елити, за поголема инклузивност на кандидатите и за поголема улога на граѓаните во изборот на кандидатите. Но, не даваат значително подобри резултати за родовата застапеност.

Пропорционалните модели со затворени листи со квота остануваат како подобра варијанта за процентуално поголема застапеност на жените. Во општество каде политиката сѐ уште се смета за машка професија иако електоратот е родово непристрасен, сепак е невозможно да се предвиди дали ќе се гласа за маж или жена.

*Даниела Антоновска е магистер по родови студии со 20-годишно работно искуство во домашни и меѓународна невладини организации. Беше членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати. Алумни е на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институтот, алумни на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ и на Школата за жени, мир и безбедност на италијанската Агенција за градење на мир. Авторка е на две книги, поголем број истражувања, анализи, текстови и колумни на македонски и англиски јазик.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.