[Став] „Викторија“ – идеологијата на комунизмот прикажана преку човековото тело

„До Венеција има само 1245 километри“…

Политички и филозофски филм со доза на хумор кој ја отсликува во целост идеологијата на комунизмот, во кој луѓето меѓусебно се нарекувале „другар“, млекото е спакувано во ќеси и има цврста доминација на партијата врз животот на бугарскиот народ.

„Викторија“ е бугарско-романски филм на режисерката Маја Виткова. Филмот, кој трае 155 минути претставува времеплов кој ве носи во старите „закоравени“ времиња на комунистичката администрација, нешто што и денес ни е познато и можеме да го почувствуваме.

„Викторија“ е филм кој ја покажува врската помеѓу физичкото и партиското тело. Прикажува како едно човечко суштество може да биде симбол на комунизмот.

Годината е 1979 година, десет години пред распадот на комунизмот. Борјана (Ирмена Чичкова) и Иван (Димо Димов) се обидуваат да имаат интимни односи без да ја разбудат нејзината мајка.

Иван е доктор по професија кој сака да има ќерка и е почитувач на комунизмот. Од друга страна, Борјана очајно сака да замине кон Запад каде партијата ќе биде далеку зад неа. Но, дотогаш, таа крие шише Кока-Кола во тоалетот и пуши цигари без никој да ја види, гледајќи во Статуата на слободата. Нејзината мајка е член на партијата и иако во филмот таа не може да зборува, кажува многу, преку одличната глума на Маријана Крумова.

[Став] „Викторија“ – идеологијата на комунизмот прикажана преку човековото тело

По неколку обиди да ја спречи бременоста, Борјана во себе носи девојче, а режисерката во неколку наврати ни дозволува да ѕирнеме во утробата и да ја видиме реакцијата на фетусот секојпат кога свири химната.

Се раѓа Викторија – детето на декадата. Таа се раѓа без папочна врвца. Истовремено, се раѓа и Стефче, момче со деформитет на едната нога. И двете бебиња ја претставуваат иднината на бугарската држава, куца и полна со комплекси.

Викторија се раѓа со сите можни привилегии во тој период. Добива апартман, нејзиниот татко се вработува, добиваат кола. Таа секој нејзин роденден е она со подароци и во својата соба има телефон преку кој секоја вечер зборува директно со Тодор Живков, претседател на комунистичката партија, воедно нејзин кум. Но, овде е и Стефче, бебето родено во ист ден како нејзе. Тој не ги добива сите привилегии како Викторија. Тој ги добива трошките што остануваат зад неа. Ова всушност покажува како сепак комунизмот не бил еднаков за сите.

Непризнавањето и апатичноста на Борјана кон Викторија ја покажува омразата што таа ја чувствувала кон комунизмот. Таа не поднесува да гледа млеко бидејќи самата во себе го немаше. Таа не можеше да ја гледа својата ќерка бидејќи самата не се чувствувала доволно одгледана од својата мајка, која за неа преставува само партиски член.

1989 – распадот на комунизмот во Бугарија. Борјана слави додека целиот свет на Викторија се руши. Сега Викторија ќе мора да се научи сама да пешачи по снегот наместо некој да ја носи со кола до училиште. Сама ќе треба да се качува во гранките без некој да ѝ аплаудира. По распадот на комунизмот ја гледаме Викторија (Калина Виткова) во адолесцентските години, доволно зрела и сосема сменета.

Филмот, кој многумина го опишуваат како епски, ни го покажува не само распадот на една идеологија, туку и распадот на една личност желна за поголема слобода. Низ замислените кадри на Виткова, кои покрај сивилото и дождот од млеко ни покажува и трошка хумор во кој секој би се препознал.

„Викторија“ е филм кој почна да се прикажува по кино салите од јануари годинава. Воедно, тој е првиот бугарски филм кој некогаш се прикажал на филмскиот фестивал Sundance, каде доби позитивни критики.

Емилија Петреска