[Став] Виена сепак не е најдобриот град во светот

Во вторникот, гигантот за човечки ресурси Mercer ги објави резултатите од 18-тата годишна анкета за квалитет на живеење. Виена беше прогласена за град во кој е најдобро да се живее годинава. Како и што се очекува, ова предизвика австриските медиуми да извикаат едно колективно „OMG“, но ја изгубија секоја способност да размислуваат критички и рационално. Од вторникот наутро, секој во Австрија пишува за тоа колку сме ние Австријците добри.

Иако анкетата не е сосема погрешна, победата која ја доделува на Виена не е толку едноставна. Секако, тоа е одлично за јавниот морал, особено поради тоа што интернационалните медиуми ја опишуваат Австрија како нација против бегалците. Но со фалењето доаѓаат и прашањата: Кому се обраќа анкетата на Mercer? Како го дефинира квалитетот на живот? Како може да се измери среќата?

Кон кого е упатено истражувањето на Mercer?

Прво, треба да ја сфатите основата на оваа анкета. Тоа не е научна студија и не спроведува интервјуа со сите поголеми демографски групи за да создаде репрезентативна слика на комплексноста и условите за живеење на секој град. Нејзината цел е да им помогне на мултинационалните компании да решат каде да ги испратат своите вработени. Според Mercer, „безбедноста е клучен фактор“ во прашалникот на студијата.

Не е дека Mercer нема поента овде. Ако сте растечки бизнис кој бара добра локација да се пресели или да отвори нови канцеларии, Виена е добро место за вложување. Тоа е така бидејќи луѓето вообичаено живеат во најдобрите соседства, престојуваат во најдобрите хотели и, генерално, ретко се преселуваат во посомнителните делови од градот. Ако одите во потемните делови на Виена и испрашате 500 бездомници, невработени или зависници од дрога, резултатите веројатно ќе бидат поразлични.

Mercer анкетата не ви кажува многу за вистинскиот квалитет на живеење за просечните луѓе. Наместо тоа, е одговор на прашањето: Во кој град со пристојна инфраструктура и добри места за купување, има помала веројатност бизнисмените да се сретнат со грдата, вознемирувачка реалност на војната и насилството?

Како Mercer го дефинира квалитетот на живеење?

…Што ме доведува до дефиницијата за квалитет. Како што кажав и претходно, клучен фактор за Mercer е безбедноста. Затоа ќе го кажам ова – Виена е навистина безбедна. Одењето по улиците овде изгледа како да шетате низ Disney World – сѐ е уредно и има некаков антиквитетен изглед. Иако живеењето во Disney World може да звучи како живеење во рајот за некои, за други не е така. За многу жители на Виена, градот е дотолку досаден што се чувствуваш засолнето и секој аспект на културата е пет години зад Велика Британија и САД. Освен тоа, полно е со кучешки измет.

Истовремено, иако Виена е многу безбедна, не е толку безбедна. Според Legatum Safety & Security Index 2015, најбезбедни земји во светот се Кина, Исланд и Финска. Австрија е на 16-тото место на таа листа.

Понатаму, прилично е тешко да се измерат „меките вештини“ на еден град, како тоа колку се љубезни луѓето во него, колку е лесно да запознаеш некого, колку е жив ноќниот живот, каде можете да пазарувате во недела итн. Одговорите се, во тој редослед: не се љубезни, не е лесно, воопшто и никаде.

Но, кој се грижи за пазарување во недела кога имаш растечка економија која ви овозможува да имате богат појадок на шарена улица за шопинг, така? Како што потенцира Guardian, австрискиот ГДП по жител е меѓу највисоките во светот, веднаш зад САД.

Што би било одлично, да не беше малиот скандал со Hypo банката, кој ја остави Австрија осакатена и ни го донесе прекарот „Европската мала Грција“. Hypo скандалот ја чинеше Австрија 19 милијарди евра, истата сума која државата би ја чинеле бегалците меѓу 1995 и 2275 заедно.

Друг финансиски индикатор за квалитетот на живот би можел да биде колку плаќаш за кирија. Guardian ја цитира Хелена Хартлауер, родена во Виена, која вели дека живее во стан од 100 метри квадратни во добро соседство, а сепак плаќа околу 800 евра, односно околу 8 евра по квадрат. Што би било одлично, освен што тоа е многу под просекот. Од десетте лица кои ја сочинуваат редакцијата на Vice во Виена, просечната кирија за пристојно живеалиште во подеднакво пристојно соседство е околу 11,5 евра по квадратен метар.

Како се мери среќата?

Значи, парите не се она што треба да го земате предвид. Не сакам да звучам како хипик, но парите не се се, нели? Ако не се, тогаш треба да се сконцентрираме на нешто друго, како вистинската среќа. Па, како да ја измериме вистинската среќа? И колку високо на листата се рангираат Виена или Австрија? Еден начин е да излезеш и да прашаш.

Тоа го прават Обединетите нации. За нивниот Светски извештај за среќата, собраа податоци од Gallup светската анкета во повеќе од 150 земји. Студијата ги набројува Швајцарија, Исланд и Данска како трите најсреќни земји на планетата. Австрија не е ни во првите десет и е на 13-то место.

Друго истражување за севкупното добробитие, спроведено од Gallup на повеќе од 146000 луѓе во 145 земји, покажува дека Панама, Костарика и Порторико се трите земји во кои луѓето се генерално назадоволни од својот живот. Овде, Австрија е деветта.

Па, што е тоа што ја прави Виена град број еден во кој треба да ги пратите вработените? На крај, лажна е, просечна и забавна само ако не се соочите со реалноста. Сепак, можеби токму овие се квалитетите кои ги бараат интернационалните бизниси.

Маркус Луст за Vice Austria