[Став] Вашингтон Пост греши – Едвард Сноуден треба да биде ослободен од гонење

Има малку вистина во петте обвиненија со кои се соочува свиркачот. Еве зошто заслужува признание, а не казна.

Со премиерата на филмот на Оливер Стоун за Сноуден, последниов викенд се обнови иницијативата за аболициирање на Едвард Сноуден од светските водечки организации за човекови права.

Но, предвидливо, не секој се согласи со тоа дека треба да биде ослободен од обвиненијата. Во саботата, уредничкиот борд на Вашингтон Пост застана против ова барање, иако нивниот весник доби Пулицерова награда откако прв јави за протечените документи снабдени од Сноуден.

Тие се придружија на многуте луѓе кои го клеветат, нудејќи стари и фактички неточни аргументи за тоа што всушност Сноуден направи. Како што движењето кое бара негово ослободување расте, пишувам пет чести грешни мислења за свиркачот – и објаснувам зошто се погрешни.

Сноуден не зеде 1.5 милиони документи и не ги објави на интернет

Критичарите на Сноуден сакаат да се преправаат дека се што јавноста научи од неговите откритија е само затоа што тој избра да ги објави информациите. Вистината е дека бројот на документи објавени од Сноуден е – нула. Наместо да објави маса документи на интернет, им ги предаде на искусни репортери за национална безбедност кои работеа во некои од најпочитуваните медиуми во државата. Тој се ослони на нивниот суд за тоа што е јавен интерес. А тие репортери и дозволија на владата да поднесува жалби (од кои некои ги ислушаа) во однос на грижите за националната безбедност.

Вашингтон Пост тврдеше, како и други во минатото, дека Сноуден копирал и задржал 1,5 милиони класифицирани документи. Адвокатот на Сноуден, Бен Визнер, рече дека тој број е „апсурден“ и „измислен“. Дури и поранешниот директор на НСА призна дека бројот од 1,5 милиони само ги претставува документите кои Сноуден ги „допрел“, а властите не знаат колку точно зел.

Вистинскиот број е веројатно многу понизок, според јавните коментари на новинарите кои беа вклучени, кој уредничкиот борд на Пост можеше да го открие ако само се потрудеа да ги прашаат своите колеги.

Нема докази дека Сноуден „и нашети на  националната безбедност“

Комитетот за разузнавање објави извештај за Сноуден полн со грешки минатата недела, храбро тврдејќи дека имало „штета“ врз националната безбедност, како обид да се спротивстави на наративот во филмот на Оливер Стоун. Трократниот добитник на Пулицерова награда, Бартон Гелман, го разглоби извештајот дел по дел на својот блог.

Знаеме дека владата на САД прави секакви видови на предвидувања кога информации протекуваат до печатот (Документите од Пентагон, документите на Челси Менинг и објавувањето на извештаите за спроведување на тортура, на пример), и релиси секогаш претерува. Откритијата на Сноуден не се исклучок. Како што јави Вашингтон Пост пред две години:

„Директорот на националните служби за разузнавање Џејмс Клепер во повеќе наврати рече во јавност дека протекувањата не предизвикале голема штета, но во приватни услови, има понијансиран став. Преглед на раните проценки на штета во претходните случаи на шпионирање, изјавил на состанок зад затворени врати оваа есен, покажуваат дека ретко се случуваат точни предвидувања на штетата“.

Комитетот за разузнавање не посочи на еден конкретен пример за тоа како националната безбедност е повредена само од откритијата на Сноуден.

Сноуден не можеше да „свирне“ преку соодветни канали

Идејата дека Сноуден не е свиркач само затоа што не поминал преку интерни владини канали за да го објави она што го знае е апсурдна поради две работи. Прво, кога Сноуден го предаде својот материјал на Гардијан и Вашингтон Пост, работеше за владата како хонорарец, а тие се исклучок од сите права и заштитата кои ги имаат вработените во НСА.

Но, овој аргумент е само одвлекување на вниманието од важните работи. Сноуден не достави документи за еден агент на НСА или за програма за која знаеле само неколку луѓе. Овие програми за масовен надзор (кои подоцна беа прогласени за илегални), биле одобрени од највисоките кругови. Сноуден би требало да им каже на своите надредени, кои веќе знаеле за тоа и биле задолжени да ги спроведат, дека тие самите го прекршуваат законот.

Сноуден не „побегна“ во Русија и редовно ги критикува прекршувањата на човековите права кои ги прави

Постои трајно, но погрешно обвинување дека Сноуден е во егзил во Русија, дека „побегна“ таму и соработува со Руската влада (со зборовите на Вашингтон Пост, „Сноуден ја повреди својата кредибилност како аватар на слободата, преку прифаќање азил од Владимир Путин).

Ова е погрешно. Единствената причина поради која е во Русија е тоа што владата на САД го поништи неговиот пасош додека патуваше од Русија кон Латинска Америка. Беше заглавен таму против негова волја. Сите, и Сноуден самиот, посакуваат да не е во Русија, но алтернативата е да биде фрлен во затвор со максимално обезбедување во САД. Барем сега има слобода да учествува во интернационалната дебата виртуелно.

Сноуден жестоко го критикуваше руското досие на прекршување на човековите права и слободи толку многу пати што е тешко да се избројат. Осудувањето на Сноуден за Русија е толку силно, што поранешниот амбасадор на САД во Русија (и критичар на Сноуден), Мајкл МекФол неодамна „твитна“: „Сноуден има посилен став за нарушувањата на човековите права во Русија од било што што јас сум кажал како амабасадор“.

Не може да го достави својот случај на порота

Во перфектен свет, Сноуден би си заминал дома и би ја раскажал својата приказна на порота, како што би направиле многу од неговите критичари. Сепак, ова противречи на фундаментално недоразбирање за законот под кој е обвинет Сноуден. Актот за шпионирање – напишан во периодот на Првата светска војна, е наменет за шпиони, не за свиркачи кои доставиле информации до печатот, и не овозможува одбрана на „јавниот интерес“. На Сноуден буквално би му било забрането да на поротата да го каже својот мотив за предавање на информациите, да ги опише бенефициите на неговите откритија, или да го дискутираат недостатокот од штета за националната безбедност.

Најпознатиот свиркач во американската историја, Даниел Елсберг, повеќе пати го истакна тоа и смета дека Сноуден е во право што ја напуштил државата, за да продолжи да учествува во јавната дебата околу неговите откритија.

Пишува Тревор Тим, извршен директор на Фондацијата за слобода на печат, во чиј борд на директори е и Едвард Сноуден