[Став] Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пред нов почеток

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ никогаш во своето постоење не бил во полоша состојба. Универзитет никогаш не бил толку дистанциран од општествените процеси. Нашиот УКИМ никогаш порано не бил толку немоќен и невлијателен. Едноставно, Универзитетот се втопи во сивилото на нашата секојдневна реалност а статусот на професорите е под секое ниво, пишува на својот блог Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ и член на НАкС

Ова не се случи преку ноќ, и не е случајно. УКИМ требаше, како и се друго во општеството да се стави „под контрола“ (имаше инфлација од законски решенија), затоа што првите критики на владините политики секогаш доаѓаа од овој Универзитет. Секогаш имало професори кои јавно ги искажувале своите ставови за општествените процеси. Така и треба, така и приличи на академската фела. Со нашето знаење ние треба да бидеме дежурната општествена свест.

Меѓутоа, пред десетина години започна непринципиелната Владина критика кон УКИМ дека универзитетот има пари и доволно ресурси кои треба да ги стави во функција на образованиот процес и истражувачката практика. Оттогаш вкупните финансии во образованието, како дел од буџетските средства, се генерално во постојано опаѓање. Со исклучок на неколку единечни години, буџетот не преминува многу над 3.5% од домашниот производ. За разлика од европските земји со добри образовни модели каде зафаќањата се околу 5% и повеќе од тоа. Издвојувањата за научни истражувања се под секој просек – околу 0.02% – 0.04%, но и тие средства се трошат ненаменски. Често во просперитетните држави, пак, зафаќањата за научната и истражувачката дејност е позиционирана на 1% – 1.5%. Веројатно овие проценти се високи, но ние не смееме да останеме на сегашното ниво на финансирање.

Платите на професорите во високото образование се најниски во регионот. Веќе во неколку сектори Владата ги покачи платите. И тоа е за поздравување. Но, со овие професорски плати нема мотивација за нешто повеќе. Универзитетот главно продуцира образование, мала истражувачка практика и многу мала вклученост и влијание во економијата. Платите на професорите на УКИМ, со исклучок на неколку факултети, не се многу над државниот просек. Просечен секторски раководител или советник во администрацијата зема поголема плата. Професорите го поддржуваат најавеното зголемување од 10%, но не се задоволни од статусот и односот што државата го има кон нивната професија. Нема напредок во ниту една сфера без добар универзитет кој по дефиниција ја гради кадровската и развојната компонента во сите сектори.

Научно истражувачката дејност е речиси замрена. Министерството за образование мора да испланира и ангажира средства од својот буџет за научни истражувања. Ако сакаме професорите да се вклучат во поголема истражувачка активност и меѓународна мобилност, мора да се ангажираат повеќе ресурси. Тоа е мал процент од буџетот, но со редовни проектни активности ќе се ангажира цела армија од професори, студенти и докторанти.

Сите други држави во регионот имаа доблест за инвестиции во високото образование и напредуваа во својот пласман на Шангајската листа. Само ние назадуваме и веќе сме над 1600 место како Универзитет, додека другите јавни универзитети се многу подолу. Ова е резултатот на сите материјални, кадровски, технички и други проблеми и промашувања со кои се соочува УКИМ.

Образованието мора да биде апсолутен државен приоритет, преку подобрувањето на квалитетот на образованието на сите нивоа, особено на високото образование. Посебно треба да се поддржи УКИМ како најголем ресурсен центар на државата со кадри во науката, но и со своето индивидуално и колективно референтното искуство.  

Оттука, како насока за дејствување можеби е добро да се позиционираат три приоритетни области во кои промените би донеле подобри перформанси како на ниво на членови на академската фела, така и на ниво на факултет или институт.

Прво и основно, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ мора да ја консолидира сопствената структура и својата внатрешна поставеност. Тоа не значи дека се потребни некакви бирократско-структурни поместувања. Формалните промени одземаат и време и енергија и најчесто не доведуваат до саканата цел. Посебно кај големите организации и системи каков што е нашиот. Доволно е за почеток да почнеме да дејствуваме поорганизирано и како еден субјект. Како организирана хоризонтална структура, во која професори, научници и експерти, треба да ги соединат целите и идеите за да дејствуваме во потребните насоки. Мора да бидеме побрзи, поедноставни, посоработливи, да ги пополнуваме сивите зони. Но најважно од се е да сакаме да го поддржиме и придвижиме универзитетот како субјект. Кај нас живее и работи најмоќната и најголемата армија на академски работници а нашите услови за работа се често под нивото на достоинство. Исто така, мерливоста на нашата професија треба да добие структурна верификација на начин кој е познат во светот, во еден партнерски однос со планерите и финансиерите на државата.

Второ, во однос на државните институции мора да се избориме за стабилно и доволно финансирање. Мора во процесот на планирање да ги истакниме нашите најгорливи универзитетски, но и проблемите на факултетско ниво. Тука треба да сме конзистентни и да бараме да профункционираат телата дефинирани во Законот за високо образование и да започне циклусот на филтрирање на квалитетот. Треба да ги видиме слабостите, но и големите потреби кои ги имаат единиците: некаде фалат материјали за работа, некаде лабораториите се нефункционални, некаде се потребни инфраструтурни зафати, некаде фали ургентно подмладок, некаде се потребни ресурси за меѓународна мобилност итн. Не може со години да не се довршуваат започнатите инфраструктурни зафати. Образованието е сега и овде, имаме неколку генерации кои студираат денес и тука. Студентите треба да ги имаат истите услови како и на секој просечен европски универзитет. Високото образование не е бесплатно, но треба да се избориме цехот да не го плаќаат студентите. Можеби тоа е една од причините што најподготвените веќе аплицираат некаде во светот и се пакуваат за идната универзитетска година.

Трето, нашиот образовен систем не е автономен, многу зависи од надворешни ресурси (најчесто буџетски) и од нашата слаба поставеност во регионални и во европски рамки. Оваа слабост ќе мора да се надмине со тоа што факултетите и единиците ќе ги вмрежиме во социо-економските страти во домашните сектори. Потребно е да сме поактивни и помобилни во европските проекти и посистематски да аплицираме за надворешни финансии. Има многу можности. Со добивањето кандидатски статус ќе се отворат многу нови предизвици кои ќе треба да ги дочекаме подготвени. Што се однесува на УКИМ во однос на истражувачкиот и комерцијалниот дел, треба да направиме две премостувања. Мораме единиците кои исклучиво се бават со образование да ги мобилизираме да внесуваат повеќе пракса, додека онаму каде имаме добра пракса, тие единици треба да ги поддржуваме во поголема вклученост во општеството и во економијата. Се разбира, степеност на мобилност, вмрежување и комерцијализација зависи од многу фактори, но тоа е иднината на третата генерација на универзитети.

Има многу примери во Југоисточна Европа каде помали универзитети од нас (Ниш, Нови Сад, Марибор, Ријека, Русе) многу побрзо напредуваат и си ја остваруваат својата мисија како дел од локалната економија и учествуваат во градењето на новата глобална стварност.

Плановите и целите треба да ги поставиме на маса а реализацијата ќе биде успешна само ако доволно се мотивираме и мобилизираме.

Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ и член на НАкС