[Став] Универзитетот ќе биде повторно наш!

Борбата за демократско и квалитетно студентско организирање на УКИМ е присутна скоро една деценија. Со години наназад студентски активисти алармирааа, креираа, потенцираа, организираа активности со цел менување на правните акти кои ексклузивитетот на студентското организирање го доделуваа на една организација која се вика Студентски парламент при УКИМ. Со години наназад, студенти кои не се избрани на студентски избори, кои се партиски организирани, кои се грижат за потребите на тесна група на студенти и ги занемаруваат студентските проблеми и барања беа вклучени во сите тела на одлучување, и со еднакво право на глас одлучуваа за работата на факултетите и самиот универзитет. И покрај сите прогласи во јавноста, УКИМ остана нем на барањата на студентите да заземе конкретен став по ова прашање, и се апстрахираше од проблемот како тој да е нешто што се случува надвор од академската заедница, пишува Aлександра Живковиќ, член на Студентски пленум за Гласови за демократија .

Целосната срамна драма околу горливото прашање за студентското организирање кулминираше на 30ти јуни, минатиот топол четврток. Денот кој ни траеше 19 часа, активна борба без компромис, и кој ни донесе едно рано утро во кое бевме придружувани од припадниците на Единицата за брзо распоредување при МВР.

На 30ти јуни се одржаа избори за претседател на СПУКМ, прв претставник на студентите на УКИМ. Изборите следеа со задоцнување од две години, во кои поранешниот претседател, Кирил Спировски, без никакво известување и правен основ, си го продолжи својот мандат. Изборите се одржаа надвор од академскиот календар на УКИМ, во период кога во Скопје има многу малку студенти, а уште помалку присутни на факултетите. Правилата не беа објавени, а СПУКМ никаде јавно не ги прикачи правилниците. Дополнително, парламентот нема своја веб страна.

Во текот на денот како членови на Студентски пленум бевме присутни на дел од факултетите при УКИМ и го надгледувавме процесот. На повеќето факултети немаше паравани со што директно се повредува Статутот на УКИМ во кој се бара изборите за студентски претставници да бидат тајни и непосредни. Имаше големо присуство на не-студенти, како и партиски организирани групи на млади кои во големи групи доаѓаа да гласаат заедно. Беа забележани и полициски припадници во цивилна облека. И покрај обидите да се дискутира со претставниците на СПУКМ, одговори не можевме да добиеме. На факултетите на платото на УКИМ постојано шеташе една група од триесетина студенти кои им поткажуваа на гласачите за кого да гласаат и каде да одат. Секој наш обид цивилизирано да разговараме, се претвораше во неартикулирано возвраќање и досетки на ниско ниво.

Излезноста беше навистина мала, па на секој факултет имаше по 10–20 гласачки ливчиња. На некои факултети немаше ни гласачки кутии.

Во 16 часот, на Правниот факултет беше насилно изнесена гласачката кутија и тоа од членови на политичка партија, кои не се студенти и немаа студентски легитимации. Истите луѓе насилно не избуткаа низ задниот влез на факултетот и ги однесоа гласачките кутии, со приватни автомобили во непознат правец.

Пленумците се упатија накај седиштето на СПУКМ, од каде беа извадени неколку гласачки кутии, од кои едните беа ставени во кола со штипски регистрации (ST 466 KG), а другите беа скриени во најблиската амбуланта. Претседателот на парламентот заедно со Изборната комисија се заклучија во седиштето и ја извадија кваката на вратата. Во периодот од 16.30 до 18 часот, два пати беше пријавено во полиција дека СПУКМ го попречува движењето на студентите во просториите кои им припаѓаат, и се украдени дел од кутиите. Од ова никогаш не добивме официјален записник, и истото не е забележано во официјалниот записник на МВР од вечерта. До доаѓањето на ЕБР, во околината имаше 4 полицајци.

Му телефониравме на Кирил Спировски околку 20. 30 часот со барање да ги поништи срамните избори, со ултиматум од еден час да донесе одлука. По еден час, тој не се јави ниту ни крена на нашите повици.

Кон 23 часот забележавме дека обичната полиција си замина, а на нејзино место дојдоа неколку оклопни возила и шеесетина специјалци.

Повторувам, шеесетина припадници на специјалната полициска единица чија задача е борба со терористички групи и злосторнички здружувања. Ние, триесетина студенти, со индекси во ранци, темни подочници и умор од целиот срамен ден, празни стомаци и мисла за правдина.

Си велиме, што може да се случи, ајде веројатно ќе добиеме некакво известување што се случува. Седнавме во ходникот пред канцеларијата, сите заедно, со кренати раце како знак дека ние не сме насилници, ами академски граѓани.

Најпрво влегоа тројца студенти од Медицинскиот факултет со гласачки кутии. Она што најмногу ме натажи е кога некој од моите сопленумци почна да му се обраќа на првиот студент: „Ти беше во пленум, како можеш ова да го правиш сега? Ти беше со нас, заедно се боревме!“ Ме потсети на некој тажна македонска драма во која се зборува за закрвавени односи меѓу браќа. Името не ми доаѓаше.

Откако не ги пуштивме студентите да поминат, во знак на протест за безобразието со која оваа студентска организација ја злоупотребуваше положбата која и е дадена како претставник на студентите, во просторијата влетаа членовите на ЕБР. Се се случуваше многу брзо. Газејќи врз нас се распоредија низ просторијата.

Пред нас цел ред полицајци со оклопи, зад нив медиумите снимаат со запалени светла. Седиме доле, меѓу штитовите. Прво ја фатија Магдалена, која седеше веднаш до мене. Се обидувам да ја спасам, ја држам колку можам. Во позадината се слуша вриштење. Некој вика: „Тепате студенти, дали имате совест? Деца газите, не сакаме да се тепаме!“ Од кај медиумите слушаме постари луѓе како молат да не остават. Дел од нашите родители се таму, гледаат како сопствените деца трпат полициска бруталност. Почнуваме да викаме сите заедно: СРАМ, СРАМ, СРАМ, СРАМ…

Ме фаќаат двајца полицајци. Не гледам ликови, не гледам ништо. Само црнила, блицеви и војнички принт. Се обидувам да се ослободам, но некој ме држи за ранецот и ме вади од просторијата.

Веќе сум надвор, но не можам да дишам. Мислам дека во белите дробови имам црна дупка. Се тресам, желудникот сака да излезе од стомаков. Се соземам и влегувам во редот на полицајците, молејќи ги да видам дали сите наши се излезени.

Страв ми е дека некој јаде ќотек внатре, чувствувам недоверба спрема луѓето кои треба нас да не штитат.

Ме пропуштаат да влезам внатре. Под нозете ми влечат студент од прва година. Деветнаесет годишник кој има четириесетина кила. Од другата страна, каде што се медиумите, слушам константно пискање. Гледам дека сите сме надвор, веќе однесени подалеку од влезот на просторијата. Не туркаат, сите. Неколку професори, студенти, родители. Со кренати раце. Формираат се поголем обрач, а ние немоќни пред нивните штитови со кренати раце викаме „СТОП ЗА ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ“! Додека трепнавме, веќе бевме на булеварот.

Не можам да зборувам, плачам, се прашувам како можеа да ни направат нешто вакво. Сите со високи просеци, знаења, научни трудови и дебати во нашите биографии, искрени борци за слобода, газени од полициска единица чија задача е справување со терористи!

Ја кревам главата а од горе, членовите на СПУКМ од прозор не снимаат и ни се смеат. Кецашите и неписмените, од горе им се потсмеваат на учените. Бранети од полиција. На раката имам модринки, а мојот сопленумец има крв на блузата. Ќе платат за ова, си велам. Правдата не е апстрактен поим. Таа ќе ги стигне и ќе враќаат за ова!

Информацијата се проширила, доаѓаат се повеќе луѓе да не поддржат. Моите родители доаѓаат, лути го бараат командирот на акцијата. Нормално, тој господин е скриен некаде и ги чува студентите кои лажираа, фалсификуваа, и крадеа студентски избори. Така е во оваа држава, криминалците заштитени, обичните смртници газени од полиција.

Добиваме информација дека Кирил Спировски, претседателот на СПУКМ, излегува од задниот влез на домот. Го пресретнуваме во уличките и го истураме целиот бес на него. Му велиме дека е срам за академската заедница. Нормално, тука е ЕБР повторно да го заштити, и го внесува во студентскиот дом.

Целата бркотница трае до 3 часот сабајле. Седиме на булеварот и не можеме да си поверуваме што не снајде.

Следи цела вечер несоница заради сликите кои ми се враќаат од целиот ден. Се чувствувам навредено и понижено. Го гледам мојот индекс запален, мојата диплома од Правниот факултет скината. Ги одмерувам моите партизански мисловни матрици, со примитивизмот на овие од СПУКМ.

Тешките чизми против нашите млади умови, нашата борба за правдина против демонстрациите на моќ и сила на неучените.

Утрото се будам со гнев. Уште повеќе сум лута, уште повеќе сум мотивирана да ја продолжам битката за подобро утре. Сношти посадија убави цветни семки, си размислувам во себе. УКИМ ќе биде пак наш, и ќе го вратиме достоинството. Ние, триесет гневни, разумни и зрели пленумци.

Во текот на овие неколку дена, не се огласи никој од академската заедница. Молк на ректорската управа, деканите и повеќето професори. Дел од нив лицемерно изразуваа ужасување од случувањата на социјалните медиуми, додека претходниот ден не одминуваа смеејќи се во аулите на факултетите додека траеа изборите.
Размислувам дека на УКИМ му треба една морална реструктура и враќање на етичките вредности и односите на почит и солидарност меѓу академските граѓани.

Борбата за слободен универзитет е борба за слободно општество! Борбата за слободни студенти е борба за слободни првоборци во една држава! Сега, сме уште помотивирани да го вратиме универзитетот онаму каде што припаѓа-бастион на слободната критичка мисла.

Ќе победиме, сите ние рационални битија! Не можат да не газат колку што можеме да создаваме знаење, не можат да не оспоруваат колку што можеме да ги практикуваме слободарските идеи! Тоа ни е аманет од дејците браќата чие име го носи нашиот универзитет, Гоце даскалот и нашите прабаби и прадедовци партизани!

УКИМ ќе биде местото од кое ќе започнуваат длабоките корења на црешовите дрвја со раскошни цветови! Местото каде се роди новото сонце на слободата. Поздрав пленумци!

Aлександра Живковиќ, член на Студентски пленум