[Став] Улогата на редакциите во спречувањето на говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите

Омразата и негативните чувства се резултат на сè поголемиот пад на професионалните стандарди

adamce

Пишува: Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ

Говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите, последниве години, станаа обележје  на новинарството кај нас. Претежно ги има во онлајн медиумите, но не се исклучени и во некои електронски и печатени медиуми.

Последиците од ваквото новинарство се околу нас. Доволно е да се видат коментарите во онлајн медиумите или контактните емисии на телевизиите и радијата. Се дезинформира, се дискриминира, се поттикнува  агресија. И сè тоа под превезот на слобода на изразување. Како никој да не е загрижен за она што се случува под објавен текст. Исто така, многу тенка е линијата која новинарите-водители им ја оставаат на гледачите и слушателите, кои лесно можат да ја преминат и да ги нарушат правилата и нормите.

Каква е улогата на редакциите или на уредниците и новинарите во нарушувањето на професионалните норми? Некој ќе забележи дека вината за говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите е на оние кои ги напишале коментарите под текстови во онлајн медиумите или на гледачите и слушателите кои се јавуваат во контактните емисии. Но, ако внимателно се следат коментарите на надворешните „соработници“ во нив, тогаш може да се забележи дека, не секој пат, но честопати и новинарите и уредниците се поттикнувачи на таква комуникација.

Причините за погоре кажаното се подлабоки. Веселин Кљајиќ, професор по новинарство на Факултетот за политички науки во Белград, изјавува дека доминацијата на негативните содржини во медиумите трае повеќе од 10 години, како и дека агресијата, омразата и негативните чувства предизвикани од медиумите се последица на сè поголемиот пад на професионалните стандарди. „Единствениот начин медиумите да ја заработат својата содржина во вакви околности е да играат на картата со голем број кликови и на тој начин да се обидат да остварат профит, но и влијание. Новото време на лажни вести, пост- вистина, пост – новинарство и пост – медиум ни донесе целосен парадокс – наместо влијанието да се остварува со потврдување на кредибилитетот, интегритетот и достоинството на медиумите и новинарите, тоа се постигнува со бројот на кликови – колку повеќе се кликне, толку повеќе сте повлијателни, односно колку е поголема читливоста, претпоставката е дека е поголемо влијанието“, вели Кљајиќ. Тој додава дека има и такви што не го прават тоа свесно, туку поради незнаење, мрзеливост, недостиг на професионализам, време и неможност за проверка, а во таквата практика професионалното новинарство станува неизбежна жртва.

Погоре споменатите причини слободно можат да се наречат регионални. Според професорот Енес Османчевиќ, член на босанскиот Совет за печат, „Говорот  на  омраза  во  медиумите  во  државите  на  поранешна  Југославија  е кконстантен  во  последните дваесет  години. Секако, низ  годините варираше, со различни облици и интензитет од  медиум  до  медиум,  преку  величење на големи националистички проекти, подготовка за војна, во текот на војната, но и после нејзиното завршување,преку  национална,  верска,  расна  нетрпеливост,  нетрпеливост  кон  сексуалната ориентација, омраза кон малцинствата и хушкање“.

Сега се поставува прашањето дали медиумите, а пред сè уредниците и новинарите, се амнестирани од ширењето омраза, дискриминација и дезинформации. Кога станува збор за говорот на омраза тој кај нас е санкциониран со Кривичниот закон.  Практиката покажува дека, за жал, говорот на омраза како да е табу тема за обвинителствата и судовите. Ефектот од санкциите во борбата против растечкиот говор на омраза би бил поголем кога тие би се применувале доследно и подеднакво за сите, без одолговлекување на постапките, но сепак тие самите по себе не се доволни. Овде треба да се искористи Мрежата за борба против говорот на омраза, чиј иницијатор беше СЕММ.

Фактот дека говорот на омраза е кривично дело не значи дека сè треба да се остави на судовите и тие да ги осудуваат или амнестираат медиумите и уредниците од нивната одговорност. Многу е важно уредниците и новинарите во своите текстови да водат грижа за нивното влијание врз јавноста. А, не само за добивање кликови или влијание. Исто и во контактните емисии, новинарите треба да внимаваат да не се помине тенката линија меѓу слободата на изразување и говорот на омраза.

Од практиката на Комисијата за жалби при СЕММ има примери во кои во контактни емисии новинарот се „губи“ и почнува да „забегува“ и стигнува до дискриминирање на гледачот. Етичкиот и професионалниот Кодекс им налага на новинарите посебна одговорност за јавно искажаниот збор. Нивните ставови се важни фактори во обликувањето на јавното мислење, поради што говорот на омраза е неспоив со новинарската етика. Професионалниот новинар никогаш нема да зборува за личности врз основа на стереотипи и предрасуди за расата, полот, возраста, религијата, етничката припадност, сексуалната ориентација, телесниот недостаток, физичкиот изглед или социјалниот статус.

Има една интересна појава во нашето новинарство. Многу медиуми, електронски или онлајн, остваруваат соработка со надворешни соработници. Било да се емисии чии продуценти се надвор од медиумот или, пак, новинари кои пишуваат текстови за некој медиум. Во дел од таквите емисии или текстови во Комисијата сме биле сведоци на постоење дискриминација или омраза. Кога ќе побараме одговор од медиумите за непрофесионалното однесување,  за што сме добиле жалби, тие се прават како ништо да не се случило. Па, во одговорот ќе прочитате: „Нашата телевизија се оградува од ставовите искажани во емисијата“. Одговорноста се префрла на нејзиниот автор или продукцијата. И уредниците во телевизијата сметаат дека работата е завршена и немаат одговорност. Забораваат дека за сè што пуштаат во етерот се одговорни токму уредниците на тие медиуми. Или, пак, уредниците ќе нагласат „Имаме дисклејмер ставено во кој кажуваме дека ставовите на авторот се лично негови, а не на нашиот медиум“!. А ширењето говор на омраза од тој автор во медиумот на тие уредници?

Лани добивме повеќе жалби во кои жалителите укажуваа на лажните вести и дезинформациите. Дали ненамерно, а мене ми се чини во потрага по кликови со сензации, се пренесуваа пишувања на странски медиуми. А, притоа се забораваше дека се наоѓаме во вонредна ситуација, дека со таквите дезинформации граѓаните се збунуваат и се манипулираат. Зашто кога станува збор за нечие здравје граѓаните се повикуваат на секоја информација поврзана со него. Тие најмалку знаат дека се дезинформирани. За среќа, последниве месеци работите на тој план се променија во позитивна насока.

За крај констатацијата од СЕММ искажана на неодамнешната работилница: „Непознавањето на ризиците од злоупотребата на говорот и користењето на говорот на омраза, дури и на социјалните мрежи, може да предизвикаат општествени тензии, кои би го нарушиле јавниот ред и мир. Токму затоа, новинарите, а особено главните уредници, имаат голема одговорност, пред сè, пред јавноста, бидејќи говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат штетно влијание доколку се шират преку средствата за масовна комуникација. Уште поважно, уредниците треба да бидат претпазливи, а особено во случаи кога истиот говор води кон насилство, а е изразен од страна на публиката“.

Извор: Совет за етика во медиумите на Македонија / Оригиналната објава може да ја најдете на следниов ЛИНК.