[Став] Улогата на јавните објекти во транзицијата кон одржлив транспортен систем во градовите

Веќе подолго време Скопје потонува во сè поголем сообраќаен хаос, најмногу затоа што при изработката на сообраќајните решенија континуирано се дава приоритет на автомобилскиот сообраќај. Во последно време, градската администрација најавува промена на ваквиот пристап преку реализација на повеќе идејни решенија за подобрување на јавниот транспорт и стимулација на немоторизирано движење. Но покрај промена на сообраќајната инфраструктура, треба да се променат и длабоко вкоренетите навики кај граѓаните, а за тоа е потребно да се преиспита целото функционирање на градот. 

Објавата на конкурсот за ново решение за просторот кај Универзална сала предизвика бурни и спротивставени реакции во јавноста. Аргументите за и против потенцијалното ново решение се многубројни и се движат од културната и историска важност на салата, до цврстината на градбата. Но она што е особено интересно е што многу од дебатите го вклучуваат и потенцијалниот сообраќаен хаос и недостаток од паркинг места што ќе го донесе реконструкцијата на постоечката сала и нејзината работа со полн капацитет. Веќе достапните решенија за реконструкција на салата или изградба на нова на истата локација предвидуваат помеѓу 2.500 и 3.000 седишта во неа. Според претставници на Градот, за овие решенија, правилникот за стандарди и нормативи за наметнува овој објект да има 1000 паркинг места што навистина личи неизводливо на таа локација, но и на многу други локации заради потребната површина. Сепак ова се најверојатно нормативи од пред 2012 година, кога е усвоен тој ДУП, додека пак во новиот правилник од 2015 година нема задолжителна бројка на паркинг места.

Прашањето што се поставува тука е дали и колку ова треба да биде аргумент во конечната одлука за тој простор во град што декларативно се стреми кон диверзифициран и мулти-модален транспорт. Сепак, не станува збор за објект што има доволно краток рок на траење за да ја избегне евентуалната тразиција на скопскиот сообраќај.

Без да се навлегува во тоа дали предложениот капацитет на обновената или нова сала е доволен, само преку анализа на нејзината местоположба, може да се промени начинот на кој се гледа проблемот со достапноста на паркинг места. За жал, ова не овозможува заобиколување на актуелните нормативи, но можеби може да постави основа за нивна промена.

Универзална сала е позиционирана идеално за да овозможи лесна достапност до неа на различни начини, што е исклучително важно за јавен објект што привлекува публика од целиот град, а некогаш и пошироко. Баш затоа претставува добар (и лесен за анализа) пример како преку правилно планирање може да поттикне промена на сообраќајните навики кај граѓаните.

Како што може да се види од зелениот круг на сликата, просторот помеѓу бул. ВМРО на исток, бул. 8-ми Септември на запад, подножјето на Водно на југ и Градскиот парк на север, целиот е во радиус од еден километар од салата. Практично сите жители на овој простор живеат на 15-ина минути пешачење од неа. Портокаловиот круг пак прикажува растојание што е три километри од салата, што потенцијално значи пристигнување до салата со велосипед или електричен тротинет повторно за само 15-ина минути. Секако ова не значи дека сите што живеат во овој регион мораат да се одлучат да ја посетуваат салата на тој начин. Едноставно значи дека доколку се овозможат услови, со мал дополнителен поттик (намалување на пристапноста со автомобил), се зголемува веројатноста повеќе граѓани да се одлучат за оваа опција кога посетуваат културен или спортски настан што е во тој регион.

Што се однесува до јавниот транспорт, салата е повторно одлично позиционирана за да биде лесно достапна дури и со моменталната достапна мрежа. Од целата западна страна на градот може да се пристигне со една автобуска линија. Од северната и источната страна пак, во најлош случај автобуските линии ги оставаат патниците во „зоната“ за пешачење, што може да допринесува до развивање на свеста за мулти-модално превезување. Со воведување на систем за изнајмување на велосипеди и електрични тротинети, овој начин за брзо движење низ градот со промена на превозното средство само дополнително ќе се развива, посебно ако јавните објекти што собираат поголема бројка на луѓе се поврзани со пунктови за изнајмување.

Ваквите промени, во комбинација со новите автобуси и линии, го зголемуваат потенцијалот за враќање на патниците во јавниот транспорт, нешто што се движи во целосна обратна насока веќе подолго време. Целиот овој процес дополнително ќе се зајакне со воведувањето на најавениот брз автобуски транспорт , посебно доколку тој овозможи и пренесување на сопствен велосипед или тротинет за зголемување на мобилноста.

Урбаното живеење е како екосистем, секоја навидум мала промена може да донесе големо поместување во балансот. Јавните објекти дефинитивно имаат голем потенцијал да ги оформуваат транспортните навики на граѓаните. Кон нив циркулираат голем број на жители и со постепено намалување на пристапноста со автомобил и паралелно подобрување на јавниот транспорт и инфраструктурата за немоторизирано движење, ќе се направи голем исчекор кон балансирање на сообраќајот. Ваквиот пристап носи низа придобивки, како намалено загадување и бучава и заживеан јавен простор, што ќе го подобрат квалитетот на животот во градот. Ова го имаат увидено во Виена и изборот на превоз различен од автомобил го наградуваат со бесплатни билети за музејски изложби и концерти. Ова секако не е повик да се планираат јавните објекти без паркинг простор затоа што секогаш ќе има група на граѓани што ќе имаат потреба од нив, но дефинитивно треба да се преиспита начинот на кој се определува потребната бројка и како таа има пошироко влијание на сообраќајот во градот.

Давор Пехчевски, активист за заштита на животната средина