[Став] Украински маки на патот кон ЕУ, Унијата во паника

Пишува: Мирче Адамчевски

Со соседи какви што ги има, со војната која се води на нејзина територија, Украина ќе има уште многу маки за да ја оствари десетгодишната цел. Со Русија која и „дише во вратот“, со ЕУ која не знае што со себе, неа и останува упорно, како досега да ги спроведува европските барања.

На 14 и 15 декември во Брисел ќе се одржи самит на Европската Унија на кој ќе треба да се донесат разни одлуки за иднината на Унијата во поглед на нејзиното проширување. Ќе треба да се донесат одлуки за започнување преговори со земјите-кандидатки, кои ги исполнија барањата на Унијата. „Ѕвезда“ на самитот ќе биде Украина.

Не само поради војната на нејзина територија, туку и поради фактот што само за две години успеа да стане кандидат за членство. А, ако и се насмее среќата, може во март догодина официјално да ги почне преговорите. Но, работите одат по нерамен пат.

Лидерите на ЕУ во паника

Неодамна во Украина беа одбележани 10 години од т.н. Револуција на достоинството. Тогаш, конечно, беше ставен темелот на украинскиот избор. Тој беше Европа. Еуфоријата по Револуцијата имаше последици.

На истокот од земјата почнаа воени дејства, а Кримскиот полуостров го зазема Русија. Денес во Украина се води голема војна. А Украина чека да и’ се отвори вратата за почеток на преговори со ЕУ за членство во неа.

Во Украина експертите во целост го делат мислењето дека земјата конечно стана „своја“ за Европската Унија, надминувајќи ја „психолошката бариера“ во поглед на идното членство на Украина во ЕУ. Некои експерти нагласуваат дека бриселските институции сега имаат подобро разбирање за Украина, во споредба со многу држави-членки, до толку, што во некои главни градови дури сметаат дека Европската комисија е ангажирана во полза на Украина.

На прашањето како Украина влијае на ЕУ, експертите едногласно признаа дека во однос на носењето нормативи, Европската Унија останува извор и авторитет за Украина. Во исто време, тие идентификуваа голем број области каде Украина имаше или има индиректно, но значително влијание врз ЕУ.

Благодарение на Украина, по големата инвазија на Русија, Европската Унија ги прошири сопствените замислени „граници на можното“. На поконкретно ниво, некои експерти забележуваат дека Украина веќе не е примател, туку придонесувач во идеите и одлуките во врска со иднината на ЕУ – на пример, во однос на одбранбената унија и стратешката автономија. Тие дури имаат препораки за Унијата околу идната соработка. Во прв ред, да не се повторуваат грешките од претходните етапи на (не)проширувањето.

На 8 септември годинава Урсула фон дер Лајен и препорача на Европската Комисија да започне преговори со Украина. На Украинците им беа поставени четири услови кои треба да бидат исполнети до 15 декември за да може Комисијата да ја усвои препораката за почеток на преговори. Фон дер Лајен, во обраќањето кажа дека „Украина ги исполнила условите дури 90 проценти, откако го доби статусот кандидат за член на ЕУ. Оттука и препораката за почнување преговори.

На прашањето колку ќе траат преговорите претседателката на ЕК рече дека тоа зависи од „брзината на реформите“.

Во поглед на брзината на спроведувањето на реформите голем оптимист е потпретседателката на владата задолжена за европски и евроатлантски интеграции, Олга Стефанишина. Таа во Киев рече дека работата може да се заврши за две години од почетокот на преговорите.

Кои се условите што и беа поставени на Украина?

Прво, да се зголеми бројот на вработени детективи во Националното антикорупциско биро. Тоа треба да има 1000 луѓе, а сега се околу 700. Второ, на Националната агенција за спречување на корупцијата треба да и се врати повторно правото да ги проверува активите, кои веќе беа проверувани, а исто така да го контролира имотот, стекнат од оние кои треба да го декларираат, до стапувањето на државна служба. Овие права на Агенцијата и беа одземени од парламентот во минатото. Украина, односно парламентот ќе треба да донесе закон за лобирање „во согласност со стандардите на ЕУ“.

Трето, измени во законот за давање независност на Специјалното антикорупциско обвинителство.

Најголем предизвик за Украинците е Законот за национални малцинства. ЕК препорача да се почитуваат препораките од Венецијанската комисија за веќе донесениот закон, но кој не задоволува некои етнички заедници, на пример Унгарците, а Русите се просто избришани како малцинство, а со тоа и со малцински права. За нив се предвидуваше нешто, некакви права, после пет години по крајот на војната. Инаку, Стефанишина има изјавено дека во „Украина нема Руси, а рускојазичното население се Украинци“.

Власта сериозно си ја сфати работата, зашто сака што побрзо да почне преговори. Па во консултации со претставници од Унијата, на една недела пред денот „Д“, за давањето поддршка за почеток на преговори, законите беа изменети во парламентот, во согласност со барањата на Унијата.

И веднаш беа потпишани од претседателот Владимир Зеленски. Националното антикорупциско биро ќе се зголеми за 300 луѓе. Националната агенција за спречување на корупцијата ќе може да го проверува имотот, а Специјалното антикорупциско обвинителство станува, законски, независно. Секако донесен е и законот за малцинствата за кои имаше забелешка Венецијанската комисија, а и Советот на Европа.

Извор: pixabay.com

Токму кај последново се крева голема врева. Русите и рускиот јазик се трајно избришани од законот. Има изјави дека тоа е направено со молчалива согласност на чиновниците од Европа. Веројатно тоа е вистина. Каналот Euronews известил, повикувајќи се на анонимен висок чиновник од ЕУ дека на ситуацијата со рускиот јазик нема да и се посветува внимание пред отворањето на преговорите. А Венецијанската комисија имаше забелешки на петгодишниот рок за забрана на се’ руско, во поглед на малцинствата.

Соседски маки

Сепак, главната врева доаѓа од соседите, конкретно од Унгарија. Изминативе години на патот кон ЕУ одредени маки на Украина и задаваа и Полјаците и Унгарците и Словаците и Романците, па дури и Бугарите. И не само во поглед на заштита на малцинствата. Туку и во поглед на „заедничката“ историја, а во последно време и економијата. Трговските блокади и нанесуваат голема штета на Украина, која и онака речиси 70 проценти од буџетот го полни од странски пари – донации или кредити и заеми.

Главниот актер кој крева паника во Унијата во моментов е т.н. „Тројански коњ“ на Русија во ЕУ, Унгарија. Унгарците со години се загрижени за своето малцинство во Украина.

Унгарија е загрижена и околу мобилизацијата на Унгарците во украинската војска. Па чести се реакциите на тој план, дека гинат и онака малубројните Унгарци. Според некои бројки, во Украина денес живеат над 100.000 Унгарци.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во ноември има изјавено дека во Украина не се почитува слободата на зборот и на медиумите, нема избори и не се почитуваат малцинските права. Па затоа да се зборува за прием на Украина во ЕУ е предвремено. „Начинот на кој Украина ги крши најосновните права права на ЕУ во однос на правата на националните малцинства е особено еклатантен. А, бидејќи, според оценката на ЕУ, Украина не ги исполнила условите за членство, ние не сметаме дека, кој било натамошен напредок по прашањето за пристапните преговори со Украина е навремен.“

Главна алатка на Виктор Орбан е интересот на Унгарија. Па оттука и ставот дека Украина не е подготвена за влез во Унијата. Дека Украина е најкорумпираната држава. Дека работата со Украина е сериозна и предизвикува паника во Унијата потврда е допишувањето на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Орбан, две писма за десетина дена, па предвременото враќање на Мишел од Кина. Потоа итната покана од францускиот претседател Емануел Макрон до Орбан, за заедничка вечера во Париз.

Друга причина за противење на почеток на преговорите, според Орбан, произлегува од интересите на Унгарија. Членството на Украина ќе значи плаќање дополнителни пари во зедничкиот буџет. Исто така, Украина е голема земја со крупен земјоделски сектор. Нејзиното влегување во Унијата ќе го урне сегашниот европски селско-стопански систем. Тој мора да се промени.

Орбан смета дека не треба да се почнуваат преговори – за да не се повтори грешката со Турција. Па оттука и неговиот предлог за склучување договор со Украина за стратешко партнерство, вклучувајќи договори за разни прашања, земјоделство, царина, безбедност…А по некоја година и да се прими Украина во ЕУ.

Но не е само Орбан против почеток на преговори со Украина. Германските медиуми беа скептички настроени уште кога Фон дер Лајен ја даде препораката за преговори пред амбасадорите во Брисел. Препораката на Европската комисија „и дава на земјата големи надежи, кои најверојатно нема да се остварат“, пишува коментаторот на Die Welt, Штефан Бојтелсбахер.

Желбата на Европската комисија да им даде перспектива на украинските граѓани е „точна и важна“, забележува тој. „Но, можеби не треба веднаш да бараме полноправно членство. Постојат и други начини на зближување и взаемна помош меѓу Брисел и Киев. На пример, царинска унија или делумен пристап до единствениот пазар, со исклучок на земјоделството засега“, резимира Бојтелсбахер. „Ова е многу големо ветување. Премногу“, вели коментаторот на ТВ  ARD, Холгер Бекман.

Тој е загрижен за корупцијата, како и за тоа што никој не знае како географски ќе изгледа Украина по завршувањето на војната, ниту колку ќе чини нејзиното обновување. Друг проблем е земјоделскиот сектор во земјата. „Со тоа што ќе стане членка на ЕУ, Украина практично ќе ги апсорбира сите земјоделски субвенции од Брисел, не оставајќи речиси ништо за другите 27 земји“, забележува Бекман.

Поинакви гледишта

Новинарот на Данското радио Оле Риборг смета дека не сакањето на Орбан да ја примат Украина во ЕУ, може да му донесе победа на Путин. Според Риборг, Самитот на шефови на држави и влади на ЕУ во средината на декември треба да донесе историски и далекусежни одлуки кои ќе ги поврзат ЕУ и Украина поблиску од кога било досега.

Ако данската премиерка Мете Фредериксен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и другите лидери на ЕУ го преземат формалниот чекор и почнат преговори за пристапување на Украина, истовремено ветувајќи поддршка од повеќе милијарди долари за земјата во текот на неколку години, тоа ќе биде историски настан, и во исто време сериозен неуспех за претседателот Путин и за властите на Кремљ.

Риборг пишува: „Сепак, плановите за големиот украински самит во декември се соочија со сериозни пречки. И наместо невидена европска поддршка, самитот може да стане огромен божиќен подарок за претседателот Путин и Кремљ од цела Европа. Не затоа што некој од лидерите на ЕУ го сака тоа. Туку, затоа што во европските кругови расте група политички лидери кои не веруваат дека Украина е способна да извојува воена победа и за кои нивната сопствена политичка агенда е поважна од поддршката на Киев.“

Но, Орбан не е сам во своите сомневања. И други земји го изразуваат тоа, иако малку поинаку. На пример, Австрија ги поврза преговорите за пристапување на Украина со преговорите со Босна и Херцеговина. Своето незадоволство го изрази и Словачка, која прашањето за Украина и Молдавија го поврзува со земјите од Западен Балкан.

Полска е загрижена за последиците од членството на Украина во ЕУ. И воопшто, многу земји од ЕУ сметаат дека одлуката за почеток на преговори со Украина за членство е нешто прерана. Исто така, државите не сакаат да се зголемува заедничкиот буџет на ЕУ на 100 милијарди долари. Во Германија, Уставниот суд „крена рачна“ за дополнителни трошоци од 60 милијарди евра.

По ова се наметнува прашањето околу тоа какво ќе биде решението на самитот во Брисел. Има најави дека одлуката за Украина би можела да биде одложена за март. Одлагањето на решенија не е туѓо на ЕК. И така за март е предвидено да има нов извештај на Комисијата за напредокот на Украина на патот кон членството. А дотогаш лидерите да се договорат за многуте спорни прашања.

Украина со соседи какви што ги има, и со војната која се води на нејзина територија ќе има уште многу маки за да ја оствари десетгодишната цел. Со Русија која и „дише во вратот“, со ЕУ која не знае што со себе, неа и останува упорно, како досега да ги спроведува европските барања.

Ако не друго, барем во воено време да воведе во земјата европски норми, кои „утре“ кога ќе влезе во Унијата да покаже на партнерите дека е апсолутно подготвена за рамноправно членство.

А тоа најмногу може да го покаже со внатрешно единство, кое за жал гледаме како се распукува, и може да има разорни последици кои би биле многу лоша вест за сите нејзини поддржувачи од Европската комисија и Европскиот совет, а одлична вест за противниците на нејзиниот од кон Европската Унија.

*Мирче Адамчевски е долгогодишен новинар и медиумски професионалец. Дипломирал на Технолошкиот факултет во Скопје. Најголем дел од работниот век (1979-2004) го поминал во „Нова Македонија” како новинар, уредник, дописник од Москва (во периодот 1993-1999 година) како и главен и одговорен уредник (од 2002 до 2004 година). Автор е на публикацијата „Македонско-руска соработка” (јануари 2003 година). Еден од основачите и прв главен уредник на списанието за градежништво, архитектура, екологија и инвестиции „Порта 3”. Од 2006 до 2008 година бил претседател на Советот за радиодифузија на Република Македонија. Тој е член на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.