[Став] Турција повторно го проби дното во однос на човековите права

Aryeh Neier200x250

Пишува: Ариех Нејер (Aryeh Neier)

На 4 март, еден суд во Турција ги прифати обвиненијата против 16 водечки претставници од граѓанското општество, поради нивната наводна улога во протестите во паркот Гези во 2013 година. Со спроведувањето на овие обвиненија, турската влада го надмина својот претходен рекорд во прекршување на човековите права.

Протестите во 2013 година започнаа како напор предводен од активисти за заштита на животната средина, со цел да се спречи уништувањето на еден мал парк во центарот на Истанбул. На крај овој напор предизвика пошироки протести против владеење на претседателот Реџеп Тајип Ердоган кое стануваше сè поавторитарно, меѓутоа демонстрациите беа сосема мирни, а турскиот уставен суд издаде неколку одлуки со кои се потврди нивната законитост.

Сепак, владата на Ердоган лажно инсистира на тоа дека протестите претставуваат обид за државен удар. Повеќето од наводните лидери на протестите беа приведени пред неколку недели, тие биле испрашувани, а потоа ослободени без обвиненија, но под контрола на судот. Меѓутоа, обвинителите бараат доживотни затворски казни против сите 16-мина обвинети.

Меѓу нив е и Осман Кавала, познат 61-годишен бизнисмен и филантроп, кој лежи во затвор од октомври 2017 година, со обвиненија што дури сега се поднесени против него. Кавала, кого лично го познавам, е мирен човек, чиј бизнис, наследен од татко му, вклучува инвестиција во водечка компанија за мобилна телефонија во Турција.

Филантропијата на Кавала се фокусираше на правата на малцинствата и на културните прашања. Меѓу проектите што ги започна и финансираше е културен центар во југоисточниот град Дијарбакир. Одразувајќи ги главните филантропски загрижености на Кавала, центарот му служи на курдското малцинство, кое претрпе децениски прогон од турската влада, вклучувајќи ја и културната репресија, како што е забраната на курдскиот јазик во училиштата и на други јавни места и забрани за радио емитувањата на курдска музика. Мојата посета на културниот центар пред неколку години се фокусираше на проект во кој на младите им беа дадени камери за да го документираат нивниот секојдневен живот.

Кавала исто така претседава со „Анадолу култур“ (Anadolu Kültür), која организира уметнички и културни активности во економски неразвиените подрачја на Турција. Основана во 2002 година, „Анадолу култур“ се обидува да ја поттикне отвореноста и толеранцијата, вклучително и преку поттикнување дијалог помеѓу различни групи. Кога Кавала бил уапсен на аеродромот во Истанбул во 2017 година, тој се враќал од Газиантеп, град на границата со Сирија, каде што работел на отворање уметнички и културни центри кои ќе бидат од корист за сириските бегалци во Турција.

Други лидери на граѓанското општество, кои сега потенцијално се соочени со доживотен затвор, исто така работат во филантропскиот и непрофитниот сектор. Јигит Аксакоглу, кој е во притвор три месеци, е претставник на истакната холандска фондација која го поддржува образованието во раното детство во многу земји. Јокче Тујлуоглу, која исто така лично ја познавам, беше извршна директорка на Канцеларијата на Фондацијата Отворено општество во Турција од 2009 до 2018 година. Акан Алтинај, друг обвинет, беше нејзиниот претходник. Откако ја напушти Фондацијата Отворено општество, Алтинеј бил назначен на академски позиции, вклучително и во институтот „Брукингс“ од Вашингтон. Како и некои од другите кои сега се обвинети, тој беше уапсен кратко и испрашуван минатиот ноември, а потоа ослободен, но изречена му е забрана за патување што го спречува да ја напушти земјата.

Затворањето на овие лидери на граѓанското општество поради нивната улога во законски протести претставува кршење на нивните човекови права. Сепак, од Ердоган, кој веќе има искуство со користење на правниот систем како средство за репресија, не е изненадувачки.

Според сегашната ситуација, бројот на новинари затворени во Турција е највисок во светот. Околу 50 000 лица се затворени за наводни терористички прекршоци, а повеќе од 130 000 се отпуштени од работни места во јавни институции поради наводна поврзаност со терористички групи.

Иронично, Ердоган гласно ги осудуваше злоупотребите на човековите права извршени од други влади. Тој е главен критичар на Саудиска Арабија и нејзиниот де факто лидер, принцот Мохамед бин Салман, за кој се претпоставува дека го нарачал убиството на новинарот Џамал ​​Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул. Ердоган, исто така, го осуди притворањето во Кина на околу еден милион Ујгури, што е муслиманско етничко малцинство кое зборува на турски јазик, во т.н. центри за реедукација.

Ова се легитимни и важни причини за загриженост за човековите права. Но, самото насочување на вниманието кон истите не значи дека Ердоган не е виновен за грубите злоупотреби што неговата влада продолжува да ги извршува, вклучувајќи ги и напорите за затворање на 16 добро познати, мирни граѓански активисти до крајот на нивните животи. Ердоган може да се буни против саудиските и кинеските лидери колку што сака, но неговите постапки го сместуваат и него во нивните редови.

Ариех Нејер, претседател на Фондацијата Отворено општество и основач на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch), е автор на The International Human Rights Movement: A History.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

*Блогот е преземен од Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.