Ниту еден референдум не бил за лесна проблематика. Но, овој кој Турција го одржува во недела, за уставни амандмани, може да ја промени судбината на државата за многу генерации кои штотуку доаѓаат. После гласањето, Турција или ќе започне да ја лечи својата лошо повредена парламентарна демократија, или ќе присвои нов систем кој ќе му овозможи на еден човек – претседателот, Реџеп Таип Ердоган, да има видлив монопол над моќта во државата. Една од предложените промени е аболицијата на функцијата премиер, а сите тие одговорности ќе преминат кај претседателот.
Без разлика дали Ердоган ќе го добие тоа што го сака или не, Турција ќе остане строго поларизирана земја. Турското општество е сега поделено во политички и идеолошки гетоа. Културата на соживот е еродирана. Причината за ова е Ердоган. Со неговата антагонистичка реторика, тој стана полтичар кој изврши најголема поделба во турската современа политичка историја. Луѓето или го величат, или не можат да го толерираат. Нема средина повеќе.
Еднаш, како нација, се гледавме себеси како дел од Европа. Како турски писатели, нашите литературни патувања беа зголемени со читање на франуска, англиска, италијанска и руска литература, покрај турските романи и поеми. Арапската и персиската литература беа или предоцна преведени на турски – грешка, без сомнение, но тоа покажуваше дека книжевниците на државата не се гледаат себеси како дел од Блискиот исток.
Сега расположението е поразлично. Евроскептицизмот стана доминантен наратив. Политичарите и провладините медиуми им велат на младите дека Европа е против нивната држава. Подобро е да се напушти секоја можност за станување дел од ЕУ и да се вклучиме кон Шангајскиот пакт со Киргистан, Казахстан, Таџикистан, Русија и Кина. Точно е дека тоа би било вистинското место за било која држава со депресивни податоци за почитување на човековите права.
Процесот низ кој поминува Турција е повеќе од само политичка турбуленција. Ова е егзистенцијална криза. Стравот, гневот, нервозата и паранојата станаа нормални. Никој никому не му верува повеќе. Никој не се чувствува безбедно. Луѓето, вклучително и новинарите, се обидуваат да ја докажат својата лојалност на владата, преку кодошење на колегите и соседите. Партиските политики уништуваат пријателства.
Крвавиот обид за државен удар во јули влоши сè. Оттогаш живееме во воена состојба. Чувството на солидарност кое следуваше после пучот не траеше долго. Започна опширнa чистка, во која секој кој се спротивстави на владата беше ставен во иста кошница. Денес, повеќе од 150 новинари се во затвор. Речиси 5.000 академици ја изгубија работата. Има речиси милион жртви на чистката.
Ова е контекстот за референдумот. Двете страни на дебатата немаат еднаков простор за претставување. Телевизиските канали и весниците се претежно провладини. Оние кои се осмелија да кажат не се стигматизирани, затворени, заплашувани и обвинети дека се на страната на „терористите“. Бинали Јилдирим, премиерот, тврди дека кампањата за „не“ е поддржана од терористичките организации: „Моите граѓани нема да бидат на иста страна со терористи“. Нил Мизниекс, комесар за човекови права на Советот на Европa, рече: „Легитимното несогласување и критицизам на владините политики се зацрнувани и репресирани“.
Владата на АКП е поддржана од радикалната и евроскептична МХП (Партијата на националистичкото движење). Заедно, тие го формираат најголемиот блок во парламентот. Опозицијат е поделена и неорганизирана. Во меѓувреме, анкетите индицираат тесна трка. Но, на предвидувањата не може да им се верува. Вистината е дека многу луѓе во Турција имаат две мислења: јавно мислење и приватно мислење. Од страв, многу граѓани одбиваат да ги спорелат своите лични размислувања со анкетарите.
Опозицијата ја води Републиканската народна партија, позната по своите секуларистички вредности. Една од нејзините најактивни пратенички, Сера Кадигил, беше неодамна приведена поради нејзините „твитови“. Сепак, ја продолжи својата кампања за „не“, без пречки.
Курдската заедница исто така се спротивстави на предложените амандмани. Еден од најгласните противници на претседателскиот систем е Селахатин Демирташ – харизматичниот лидер на курдската ХДП (Народната демократска партија). Промовирајќи нова визија која ги надминува етничките поделби, Демирташ успеа да добие гласови од различни сегменти на населението, за прв пат успевајќи да претвори регионална парија во национална. Денес, Демирташ е во затвор, заедно со неговиот колега од партијата Фиген Јукселдах и други лидери на ХДП.
Третиот центар на опозицијата, за чудо, доаѓа внатре од турската националистичка платформа. Мерал Акшенер, 59-годишна ветеранка која некои ја гледаат како туската „железна дама“, претставува сериозен предизвик и за Ердога и за неговиот сојузник, лидерот на МХП, Девлет Бахчели. Нејзините митинзи и говори беа потиснати. На неодамнешен состанок, протестанти фрлаа високи потпетици и здолништа кон неа. Таа го исмеваше нивниот сексизам, одбивајќи да биде замолчена. Дури и луѓето кои не ги делат нејзините националистички и конзервативни гледишта, се импресионирани од нејзината храброст.
Но, најцврстите противници на конзервативниот блок се обичните турски граѓани. Студенти, професионалци, уметници, малцинства, а особени феминисти. Женското движење во Турција поминува низ трансформација и оживување. Ова не е случајност. Кога општествата опаѓаат во авторитаризам, ултранационализам и фанатициза, жените имаат многу повеќе да изгубат од мажите. Жените држуваа анти-АКП протести. Тие организираат кампањи на социјалните медиуми, пишувајќи „хајир“ (не) со своите тела, апелирајќи до сите да закажат виолетово платно на своите прозорци и балкони, како знак на поддршка за родовата еднаквост.
Според моменталниот Устав, улогата на претседателот е повеќе церемонијална. Претседателот треба да остане на еднаква оддалеченост од сите политички партии. Ердоган никогаш не го почитуваше ова барање. Ако мнозинството изгласа „да“, ова ќе биде крај на парламентарната демократија во Турција. Ќе станеме уште една земја од Блискиот исток, во која еден човек ги има сите исклучителни моќи, за сметка на диверзитетот во граѓанското општество.
Има луѓе, и во и надвор од Турција, кои веруваат дека претседателски систем ќе донесе повеќе „сила и брзина“ на имплементацијата на политики. Одлуките ќе бидат донесени полесно, велат, без трошење на време на здодевните и ситни детали на плуралистичката демократија. Од нас Турците, се бара да избереме меѓу „стабилност“ и „демократија“. Но, ова е лажна дихотомија. Оние кои веруваат во тоа, не научиле ништо од историјата. Не разбрале дека недемократските нации се несреќни нации, а несреќните нации не можат да бидат стабилни.
Пишува Елиф Шафак, наградувана турска писателка и политиколог, за Гардијан