[Став] Три успешни приказни за локални модели на енергетска демократија

Пишува: Џеј Ди Фаруџиа

Патот кон поеколошка и социјално праведна иднина е комплексен и има неопходна потреба од промена на начинот на генерирање и користење на енергија. Во оваа статија, прикажуваме три успешни приказни од локални општини низ Европскиот континент кои добиваат одлични резултати во однос на справувањето со климатската криза и енергетската сиромаштија, преку ремоделирање на нивните енергетски системи кон енергетската демократија.

Обновливата енергија е од витално значење бидејќи светот мора да се движи кон елиминирање на согорувањето на фосилни горива и намалување на емисиите на стакленички гасови на ниво што е можно поблиску до нула. Но, заменувањето на големите енергетски системи засновани на фосилни горива со големи системи за обновлива енергија може да значи дека повторно ги создаваме оние општествени неправди и предизвици со кои се соочуваме при моменталниот систем.

Наместо тоа, можеме да се фокусираме кон енергетската демократија: јавно сопствеништво и демократско управување на енергетски системи кои работат во интерес на заедниците на кои им служат, наместо да создаваат профит за мал број на акционери.

Подолу се прикажани три приказни за различни општини низ Европа кои успешно имплементираат модели на енергетска демократија. Можете да прочитате повеќе за нив, како и за многу други слични на нив на веб-страницата на mPOWER.

Тампере, Финска

Со 235.000 жители, Тампере е трет по големина град во Финска, има многу малку сончева светлина и достигнува температури под нулата. Поради овие причини, јавното осветлување и греењето се од најголема важност за жителите на Тампере.

Преку EcoFellows, Агенцијата за енергетика и одржливост во Тампере, градот станува првенец во енергетска транзиција бидејќи има за цел да постигне јаглеродна неутралност до 2030 година и веќе го има претставено општинскиот план за намалување на емисиите до 80%.

Агенцијата е во процес на формирање на модел за кооперативна сопственост и управување на биогасни задруги со цел да се произведе енергија преку храна и земјоделски нуспроизводи. Локалните земјоделци и граѓани ќе бидат вклучени во снабдувањето со нуспроизводи и демократски ќе го контролираат начинот на управување на биогасните централи.

Бидејќи градот бара многу светлина и греење, намалувањето на емисиите на јаглерод е предизвик, но EcoFellows работи на поврзување на повеќето згради со мрежата за централно греење и ладење и има инвестирано во обновлива енергија за да го постигне ова. Исто така, постои голем притисок за градење на поефикасни згради од аспект на трошење на енергија. Поради ова, од сопствениците на зградите се бара да достават планови за реновирање на истите во следните 5 години. Тие добиваат поддршка преку локалната служба за енергетски совети (RANE) и веќе имаат успеано да ја зголемат својата енергетска ефикасност до 30%.

Јужна Италија

Општините Палма Кампанија, Сан Џузепе Везувијано и Стриано во Јужна Италија го развија заедничкиот стратешки план за акција за одржлива енергија и клима во 2030 година (ПАЕСК Везувијано), кој е вкоренет во енергетската ефикасност и прилагодувањето на климатските промени со вистинско вклучување на граѓаните во сржта на овие процеси.

Тие се во процес на поставување енергетски заедници за справување со енергетската сиромаштија во областа преку локално генерирана обновлива енергија. Граѓаните, жителите, претставниците на претпријатијата и индустријата, болниците, трговските центри и јавните згради ќе имаат можност да произведуваат и управуваат со сопствената обновлива енергија. Тие можат да ја користат за себе, да ја продаваат на енергетската мрежа во земјата или да ја складираат за понатамошна употреба. Ова ќе обезбеди поголема енергетска безбедност и пониски трошоци и, се разбира, многу помалку емисии на стакленички гасови.

Крижевци, Хрватска

Крижевци, општина во Хрватска со население од околу 21.000 жители е првиот хрватски град кој успешно има финансирано граѓански проект за обновлива енергија; соларна централа која беше инаугурирана во 2018 година. Нејзиниот капацитет од 50 киловати ќе заштеди околу 55 тони СО2 секоја година и ќе се користи за напојување на локален деловен центар, како и за напојување електрична енергија во општинската мрежа.

Ова е проект што беше започнат од енергетската задруга Зелена Енергетска Задруга (ЗЕЗ), кој заедно со општинската администрација на Крижевци, одржаа сесии за јавно информирање и го промовираа проектот со цел да добијат соодветна поддршка од граѓаните. По само десет дена, граѓаните заеднички ја собраа потребната инвестиција од 30 000 евра заем, за да се реализира проектот. Електраната ќе биде во целосна сопственост на општината за само десет години.

Крижевци исто така беше многу активен во справувањето со својот проблем со енергетска сиромаштија. Во 2016 година, започна пилот проект преку кој обучи 13 невработени жители како енергетски советници кои потоа беа во можност да им помогнат на домаќинствата кои се борат со енергетска сиромаштија. Тие беа снабдени со опрема како што се ЛЕД-сијалици, направи за добро затворање на прозорците, совети и начини за заштедување вода и совети за заштеда на енергија. 508 домаќинства што беа посетени и советувани, заштедија околу 70 евра годишно, што исто така значеше 16 519 тони намалување на емисиите на СО2 секоја година.

Овие приказни се совршен пример за тоа како општините можат да постигнат големи промени во квалитетот на животот на своите граѓани, како и да се справат со климатската криза преку реално и ефективно ангажирање на граѓаните во демократски процеси.

– – – – – – – – – –

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.