[Став] Треба ли зоолошките градини да се забранат?

[Став] Треба ли зоолошките градини да се забранат?

Убивањето на затворената горила во Синсинати го покрена прашањето за придобивките и етиката на чувањето на животни за јавно изложување.

Алисон Бенџамин: Каде е уживањето при гледање на величествени суштества зад решетки?

Без разлика дали родителите на четиригодишното дете или неадекватните безбедносни стандарди се виновни, реалниот проблем е дека оваа горила, како и сите животни во зоолошките, живеела во заточеништво, затворена во мало живеалиште поради забава и образование.

Знам дека за повеќето деца деновите поминати во зоолошка градина се неверојатно искуство, каде можат одблизу да ги видат големите и малите животни од далечни места, кои инаку би можеле да ги видат само во книга или на телевизија.

Но, тие се реликвија од викторијанското доба, пред документарците на Дејвид Атенбороу и програмите за природата како Springwatch да ги донесат животните во нашата дневна соба со целата нивна слава, во реално време и живеејќи во дивината. Реалноста не е секогаш убава или слатка, но овие емисии се образовни – за разлика од зјапањето во животните кои забрзуваат и забавуваат во нивните кафези од здодевност или фрустрација, или пак седат во аголот, осамени и депримирани. Бев шокирана кога пред некоја година дознав дека во зоолошките на некои од животните им се препишува Прозак (апчиња за смирување). Зоолошките се тажни места за животните. Како љубител на животни, не разбирам зошто некој наоѓа уживање во гледање на такви величествени суштества како тигри или лавови зад решетки.

Дури и оние кои изгледаат како да им е забавно – мајмуните и пингвините – само размислете колку возбудливо би било да ги видите како се лулаат во џунглата, наместо во кафез, или како ловат на ледените санти наместо да им фрлаат риба за време на хранење.

Не дека можете да ги допрете животните – тоа се смета за премногу опасно. Не можете ни да се приближите до повеќето од нив, не можете ни да го доближите лицето до стаклото на кафезот, секако не толку близу колку телевизиските камери.

А, кога станува збор за аргументот дека така се зачувуваат видовите, секако човечката раса треба да се труди повеќе да ги зачува животните во нивните природни околини наместо да ги испраќа во зоолошки за да ги размножува (често неуспешно), додека продолжува да го уништува нивниот хабитат во име на напредокот.

Така што, ако станува збор за забавен ден за децата, каде можат да учат за животните и да јадат сладолед, зошто не ги однесете во музеј на природната историја, или на кино каде можат да гледаат неверојатен филм во 3Д а бубачките во шумите на Борнео или подводниот свет на Големиот корален гребен?

Кога јас бев дете, гледање како животни прават трикови во циркус беше прифатливо. Сега, како одговор на растечката популарна грижа за суровоста над животните кога се користат за забава, многу држави забранија употреба на животните во циркуските акти, и циркусите без животни се сѐ почести. Се надевам дека е само прашање на време, кога ќе гледаме на зоолошките со слично сфаќање.

Тоби Моусез: За оние кои не можат да си дозволат сафари, реномирана зоолошка градина е најдобрата алтернатива

Важно е да се почне со признанието дека зоолошките градини се далеку од идеалниот дом за многу животни. Ако изборот беше толку едноставен како избирање дали животното да живее во дивина или во заточеништво, тогаш зоолошката градина ќе беше подеднакво непригодна како и лавови кои скокаат преку огнени обрачи во циркус. Но, тоа не е изборот со кој се соочуваме. Ниту една реномирана зоолошка не би грабнала животно од дивината за забава на јавноста – дефинитивно ниту една зоолошка која јас би ја бранел.

Современата зоолошка градина треба да служи како место за презервација на загрозените видови, безбеден дом за спасени животни грабнати од нивниот природен хабитат од оние со лоши намери, и простор за размножување на оние кои можат безбедно да бидат чувани затворени, за да се помогне при проширувањето на свесноста за природата за оние кои инаку немаат можност да видат нешто поинтересно од локален лабрадор.

Последнава поента е клучна. Каде инаку некој кој пораснал во градскиот центар ќе види горила, тигар или барем мунгос? Иако сафари во рамнините на Серенгети е подобар избор, мнозинствотолуѓе никогаш не би можеле да си дозволат таков егзотичен одмор.

Експертите за животни можат да се жалат за антропоморфијата на природниот свет, но важно е да се признае важноста на ова при зачувувањето на видови кои можеби досега би ги изгубиле. Човек треба само да погледне кон релативните потешкотии при создавање на кампања да се зачуваат правата на кокошките, кои сѐ уште не обезбедуваат со јајца, и на поларната мечка. Едното животно е крволочен убиец, другото е безопасна кокошка – сепак јавноста многу повеќе сочувствува со мекото, бело огромно мече. Јавното мислење е важно, а да им се дозволи на децата одблизу да го видат Балу или кралот Луи може да предизвика подеднаква свест за зачувувањето на животните како и приказна на Радјард Киплинг.

Потоа, овде е делот кој зоолошките градини го одиграа во зачувувањето на загрозените видови – на пример, јас повеќе би сакал северниот бел носорог да живее во зоолошка во Сан Диего, отколку сосема да престане да постои.

Да се игнорира улогата која зоолошките ја играат овде би било нечесно, а да се преправаме дека има практичен извор на финансии кој би ја поддржал оваа витална работа наместо гостите кои би плаќале влезница не е баш паметно. Кога владата и даноците немаат да им дадат пари ниту на најсиромашните во општеството, се чини невозможно дека ќе најдат пари за зачувувањето на црноногиот твор. Ако не вие, преку вашите даноци – можеби зоолошките?

Извор: Guardian