[Став] „Толку блиску, а толку далечни!“ – Социјалната оддалеченост и заедништвото со „другите“

Пишуваат: Ана Томовска – Мисоска и Катерина Мојанчевска, дел авторскиот тим на истражувањето за идентификацијата со симболите и социјалните структури кај децата на возраст од шест до единаесет години, преку проектот „Помагање на децата!“ 

Прашањето на заедничко живеење во разновидност е тесно поврзано со искуствата и перцепциите за тоа колку сакаме да се дружиме, учиме, споделуваме и сочувствуваме со „другите“. Споделување на задачи и соработка можеме да очекуваме во понатамошниот живот да се ефектуираат во прифаќање на разновидноста и реалистично гледање на мултикултурализмот, споделување на ресурси и пријателства. Времето и особено квалитетно поминатото време со другите, влијае и врз ставовите и однесувањето кон нив, особено после конфликт.

Социјалната поделеност е дел од реалноста во Македонија исто како и на други места што биле погодени од конфликти. Денес во Македонија децата посетуваат настава според нивниот мајчин јазик што во голема мерка коинцидира со нивната етничка припадност. Ваквата определба на политиките, во однос на физичкиот простор и заедничките активности резултираше со преферирање на паралелизам и поделеност наспроти интеграција. Овие одделни и паралелни структури ја обликуваат средината каде што учат децата, како и нивните ставови и однесувања кон „другите“. И додека прифаќањето на разновидноста не е иста со „живеењето“ на разновидноста како животен стил, сепак, поради социјалната блискост и соработка можеме да очекуваме децата како возрасни да покажуваат поголемо прифаќање на разновидноста и реалистично гледање на мултикултурализмот, споделување на ресурси и пријателства.со „другите“. Времето и особено квалитетно поминатото време со другите, влијае и врз ставовите и однесувањето кон нив, особено после конфликт.

На која возраст децата во Македонија стануваат свесни за сликите и симболите кои ги идентификуваат како група? Како идентификацијата со својата група влијае кон социјалната оддалеченост од „другите“?

За таа цел, во 2017-18 година, преку проектот Помагање на децата!“ (Helping Kids!) истражувавме како идентификацијата со симболите и социјалните структури на сопствената група кај децата на возраст од шест до единаесет години влијае кон нивните ставови и однесување кон „другиот“. Игравме серија на игри прилагодена за возраста со деца од училишта каде наставата се одвива на македонски и албански јазик, со вкупно 219 ученици. На пример, децата беа запрашани дали серија од 16 парови на слики, или вкупно 32, ги поврзуваат со Албанци или Македонци. Одбравме слики од различни аспекти на социјалниот живот, како религија, култура, храна, политика, спорт и животот во нивните средини.

Главно, децата беа спремни да ги категоризираат сите 32 слики со една од двете групи, и тоа повеќе од само како случајност. На пример, слика од македонското знаме го асоцираа со македонската етничка група. Но, детектиравме и разлики според возраста.

На возраст од шест години, децата можат да категоризираат девет од сликите (плоштадот на Скендербег, македонското знаме, албанското знаме, македонската азбука, имам/оџа, дресот на Ренова, симболот на поддржувачите на Балистите и улица напишана на албански јазик) како македонски или албански симболи. На возраст од седум години, децата можат да категоризираат 16 од сликите и симболите со некоја етничка група додека до десетгодишна возраст сите 32 слики. Односно, како созреваат, децата подобро ги асоцираа сликите со соодветната социјална група. Резултатите укажуваат дека овие сознанија се зголемуваат со возраста, како што поминуваат повеќе време во јазично поделени паралелки и средини.

Овие сознанија кои се базирани на групните разлики влијаат и врз нивното чувство за заедништво со „другите“. Колку повеќе децата се свесни за симболите и сликите на групите кои некогаш биле во конфликт, толку повеќе ги преферираат симболите на својата група. Децата кои се посвесни за симболите на својата група, почесто и преферираат слики кои се асоцираат со нивната етничка група. Децата кои повеќе споделуваат ресурси (на пример, стикери како награда) со својата група исто така помалку им се допаѓаат и помалку им веруваат на лица со друго етничко потекло. Исто така, споделувањето на повеќе ресурси со својата група е поврзано со помала желба да се игра со деца со друго етничко потекло и помалку пријателства.

Генерално кажано, преференциите за сопствената група се рефлектираат и како желба за поголема социјална дистанца од „другите“ и како повеќе перципиран конфликт помеѓу групите. Ова е важно затоа што колку децата поминуваат повеќе време во јазично поделени паралелки и средини толку се зголемува јазот помеѓу нив. А тоа се зајакнува со преференција за сопственото знаме наспроти ситуациите во кои се вејат знамињата на македонската и албанската етничка заедница заедно и особено што повеќе перципиран конфликт е поврзано со поголема социјална дистанца.

Сепак, светлата страна е дека претходните позитивни искуства со „другите“ можат да се спротивстават на овие сегрегирачки тенденции. Колку повеќе време децата поминуваат заедно со „другите“ толку е помала перцепцијата за социјална дистанца помеѓу нив односно повеќе им се допаѓаат, им веруваат и сакаат да ги играат со „другите“. Исто така, колку повеќе другари со различно етничко потекло имаат, толку е помала перцепцијата за социјална дистанца помеѓу нив. На пример, еден татко (Албанец) чија ќерка оди во училиште каде наставата се одвива на македонски и албански јазик ни кажа: „Јас сум многу среќен што мојата ќерка ми кажува дека има многу пријатели кои се Македонци. Ова е многу позитивна вест за мене и овие пријателства ги воспостави во школо.“

Проектите кои изминатите години се спроведуваа со цел за меѓуетничка интеграција во образованието беа насочени кон создавање на краткотрајни и долготрајни можности за контакт помеѓу децата и наставниот и стручен кадар во претходно испланирани активности. Според експертите, нивните најголеми резултати се опфатот на ученици, училишта и наставен и стручен кадар и малите, но значајни промени во политиките (на национални и локално ниво) додека најголеми недостатоци се зависноста од странски донатори и отсуството на позитивен role-модел на возрасни во плодоносна и спонтана меѓуетничка соработка (ад-хок и недостатокот од трансфер од професионална соработка во пријателства).

Препораките за политиките од ова истражување укажуваат дека градењето на долготраен мир треба да почне од рана возраст. Децата мора да имаат можност да стапуваат во интеракција и да создаваат пријателства со оние од другите етнички групи. Повеќе можности за позитивен контакт помеѓу групите се неопходни. И овие можности за контакт треба да се базираат на претпоставките за еднаквост помеѓу групите и поттикнување на активности кои се интересни и иновативни за децата, и кои се базираат на заедничкото добро. „Кога децата се во меѓусебен контакт, тие секогаш покажуваат љубопитност и обично резултатите се позитивни“ “– ни укажа професорка во основно школо (жена, Албанка). „Краткотрајни и долготрајни активности кои се приентирани кон продукти, во рамки на редовната настава и во рамките на екстра-курикулум активностите, партнерства помеѓу училиштата и наставниот кадар од различни региони и наставни јазици се неопходност во поддршка на интеретничката интеграција во образование“ – наведува практичарка во проекти за интеретничка интеграција (жена, Македонка).

Дотолку повеќе што политиките за меѓуетничка интеграција треба да се прошират и надвор од училиштата, кон местата на живеење, возрасните. „Најтешко достапна група ни се родителите и потребни се повеќе напори за да се вклучат во целни активности во училиштата и заедницата“ – посочува практичарка од областа на мултиетничка интеграција во образованието (жена, Ромка).

Разбирањето на овие ефекти може да им помогне на проектите за помирување и градење на мир кои се базирани на соодветни истражувања кои помагаат во разбирање на основите на односите помеѓу групите.

Развивањето и зајакнувањето на попозитивни ставови за другите групи и можности за помагање помеѓу групите може да има ветувачки, долготрајни импликации за градење на поконструктивни односите помеѓу групите во Македонија.

*Автори на истражувањето: Ана Томовска Мисоска е социјален психолог на Универзитетот Американски Колеџ Скопје, Македонија. Лаура К. Тејлор е развоен психолог на Универзитетот Колеџ Даблин и социјален психолог на Универзитетот Квинс во Белфаст. Џозелин Даутел е развоен и когнитивен психолог на Универзитетот Квинс во Белфаст. Риса Риландер е раководителка на лабораторија за проектот Helping Kids!. Едона Малоку е социјален психолог на РИТ Косово. Катерина Мојанчевска е истражувачка на теми од идентитети, припадност и развој.

**Оваа фаза на проектот Helping Kids! беше финансирана од Одделот за економија – Награди на Фонд за истражување на глобални предизвици [DFEGCRF17-18/Taylor и GCRF-GIAA18-19/Taylor] и Шемата за поттикнување на Универзитетот Квинс во Белфаст, Школа за психологија.