[Став] Судовите немаат услови за работа во живо, а камоли онлајн

Janaki Mitrovski 200x250

Јанаки Митровски

Популистички и шминкерски мерки како онлајн судењата само ќе сторат штета на правата на граѓаните и обвинетите, како и штета по самите постапки.

Во изминативе месеци за прв пат ги слушнавме најавите на ресорниот Министер за правда, Бојан Маричиќ за потребата за воведување на онлајн судења како еден од одговорите на државата на зголемениот број заболени од КОВИД-19, со акцент на зголемениот број болни во македонските судови. Поради природата на нивната работа, судовите подразбираат зголемена фреквенција на вработени, адвокати, обвинители и странки особено бидејки судовите се места каде граѓаните ги остваруваат своите права независно од тоа дали се странка, обвинет или оштетен.

Ваквата потреба во време на пандемија раѓа и „генијални“ незаконски идеи како на пример воведување на онлајн судења во судовите во Република Македонија и тоа во сите нивни одделенија – граѓански, кривичен и стопански, без да се води сметка дали е тоа практично изводливо, и уште поважно дали е легално.

Илегална пракса

Во услови на немоќ на државата да се справи со напливот на новозаразени, и во услови на здравствен систем пред колапс, се погласни се најавите на Министерството за правда за воведување на онлајн судења на територијата на целата држава. За таа цел изминатава недела Министерот одржа средби со претседателот на Адвокатската комора и Претседателот на Здружението на судиите, кои очекувано го информираа дека македонските судови ни оддалеку не се технички подготвени да спроведат ваков експеримент, кој е патем inaudita во домицилната судска пракса.

За разлика од одредени професори кои предаваат Уставна материја, не сум од оние кои сметаат дека правото треба да молчи во време на пандемија. Сосема спротивно, правото треба да биде најгласно баш во време на пандемија кога и можностите за инсталирање на авторитарни режими се најголеми, но и кога на мала врата влегуваат бесмислени (и незаконски) идеи како онлајн судење.

Судот во Кавадарци веќе експериментираше со онлајн судење

Едно онлајн судење веќе се одржа во Основниот суд Кавадарци, иако нема законска можност за онлајн судење во Законот за кривична постапка. Не знам како е образложувана таа пресуда, но она што со сигурност го знам е дека таа никогаш не би ги поминала повисоките судови, да не говориме за Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тоа е така бидејки Европскиот суд, кога решава по апликации суштински ги толкува законските одредби, Конвенцијата, но и правата кои тие ги носат. Забраната за реален пристап до суд, дури и кога се работи само за физички пристап судот во Стразбур ја цени како повреда на правото на правично судење гарантирано со член шест од Конвенцијата. Конкретната постапка е водена пред воопшто да има законски основ за тоа, со што истата е нелегална, спротивна на член шест од Конвенцијата и истата продуцира правна несигурност бидејки е водена на начин кој не е законски предвиден. Но, праксата кај нас многупати докажала дека е посилна од изворите на право.

Sudovite nemaat uslovi za rabota vo zivo a kamoli onlajn

фото: akademik.mk

Презумирам дека за потребата од воведување на онлајн судења би следеле законски измени согласно кои ќе се донесе основ за организирање на онлајн судењата. Воведувањето на онлајн судења е проблематично од повеќе аспекти: граѓанско-правен, кривично-правен но и технолошки. Дури ни скопските судови како најголеми и најдобро опремени не се подготвени за ваков експеримент, а за судовите во внатрешноста воопшто не станува збор. Впрочем, ова не е прв обид за технолошко опремување на судовите. Новиот Закон за парничка постапка, кој и не е толку нов и се применува од септември 2011 година, предвидува аудио снимање на судските рочишта во граѓанските судови преку нов член (119-а).

Но оваа идеја, иако добра, не заживеа токму поради неопременоста или недоопременоста на судовите, па затоа ако инсистирате на тонско снимање на рочиштето истото треба да се одложи за да обезбедат услови тоа да се снима наредниот пат. Ова е само мало наговестување што би се случувало доколку помине предлогот да судењата се држат онлајн. Дел од судовите, како Кумановскиот на пример, долго време немаа хартија. Да, хартија, па странките сами си носеа ако сакаа(т) да добијат записник, нешто што е законско право и обврска.

Како ќе се испрашуваат и соочуваат сведоците?

Тоа се техничките проблеми кои им се познати и на Здружението на судии, и на Адвокатската комора и на Министерството за правда. Но, попроблематични се сегашните законски одредби од граѓанско правен и кривично правен аспект, согласно кои е пречка да се спроведе ваков експеримент во пракса. Имено, Законот за парнична постапка подразбира институт „соочување на сведоците“ доколку нивните искази суштествено се разликуваат. Како би се соочиле сведоци доколку судењето се одвива онлајн?

Проблематично е и самото испрашување на сведоци онлајн поради бројните можности за манипулација. Никој од нас, ниту странка ниту судот нема опција да провери дали сведокот чита, дали му е суфлирано, дали нешто крие, дали евентуално неговата волја е доведена во прашање со употреба на присилба, закана, уцена или нудење награда. Дополнителен проблем би била можноста за евазија на судот поради евентуални технички проблеми – едноставно „немам интернет“ и не можам да присуствувам, и тоа никој не може да го потврди или демантира на соодветен начин.

Кривично-правните предизвици се уште посериозни поради природата на самата постапка. Едно од најосновните права на еден обвинет во постапката согласно член 70 е да се советува со својот бранител на самото судење. Како ова право ќе биде обезбедено во онлајн постапка, не сме чуле.

И двете постапки подразбираат контрадикторност и непосредност на самата постапка, нешто што е нeвозможно да се обезбеди во онлајн услови. А непосредноста и контрадикторноста не се измислени бадијала, туку се законски инкорпорирани со цел да обезбедат правично судење, постапка во која обете страни ќе можат слободно да ги презентираат своите аргументи, да ги опонираат оние на спротивната страна, по што судот би донел одлука врз основа на дозволените и изведени докази.

Следен проблем кој се јавува во кривичните постапки се притворските предмети. Бидејки идејата е се уште во зародиш, не знаеме како овие предмети ќе се судат – дали притвореникот ќе се суди онлајн од затвор, дали бранителот ќе има право да седи до него? Домашниот притвор исто така носи свои предизвици и отворени прашања, дали мене како бранител ќе ми биде дозволено да бидам во домот на притвореникот, или треба да „се судам“ од канцеларија или дома?

Онлјан судењето кое се држеше во Кавадарци (за кривично дело Разбојништво) формално се повикуваше на член шест од Конвенцијата за човекови права – правото на правично судење, како и членот пет од Законот за кривична постапка – правото на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана.

Ваквите образложенија се паушални и апстрактни – секому му е познато дека правичното судење треба да биде во законска рамка, а не судот произволно да си ги толкува одредбите од Закон и Конвенција кои патем никаде не наведуваат онлајн судења. Се работи за немоќ на самата држава и нејзиниот трет столб да се справи со напливот на новозаразени, преку илегални рестрикции и експериментирања како онлајн судења, без притоа за цели осум месеци пандемија да не се обезбедат минимум услови за работа во вонредни услови.

Техничката опрема е само дел од проблемите

За цели осум месеци, освен Основниот суд Кавадарци, ниту еден суд во Македонија, ниту Скопските како најголеми не обезбедија ниту паравани за заштита на судиите, дактилографките и странките, а да не говориме за останати покомплицирани мерки како секојдневно дезинфицирање. Онлајн судењата се популистичка шминкерска мерка која единствено што ќе постигне е штета на правата на граѓаните и обвинетите, како и штета по самите постапки.

Природно се наметнува прашањето како понатаму? Одговорот веќе го има дадено Основниот кривичен суд Скопје кој предничи во спроведување на строг протокол. Првично со задолжително мерење на телесна температура при влез, задолжително дезинфицирање, задолжително и често проветрување на судниците онолку колку што е можно поради лошата архитектонска конструкција на зградата, со единствена забелешка за недостиг од паравани. И за ова треба да се оддаде признание на претседателот Иван Џолев но и на сите судии и вработени во скопската единица кои работат без престан во време на пандемија.

Во насока на конструктивност и поддршка, и ние како легални практиционери треба да дадеме придонес. Мојата адвокатска канцеларија се проветрува неколку пати на ден, на самиот влез има упатства за следење протоколи, средства за дезинфекција и течен сапун. Само така покажуваме дека спротивставувањето на ступидни експерименти не е само критика, туку наш придонес и argumentum in essentia во борбата за што побезболно надминување на состојбата со минимална штета по постапките.

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.