[Став] Студенти, ако сега замолчиме, засекогаш ќе не боли устата!

Студенти, сте чуле ли вие дека на младите светот останувал?

Иднината на општеството било скапоценото наследство кое и следувало на младоста.

Одлично за нас! Ги наследивме проблемите, недовршените битки, неправдите и затнатите цевки на системот, и од нас се очекуваше цврсто да замижиме и некако да преживееме во џунглата, а потоа со иронична насмевка да им кажеме на сегашниве средношколци: еве дечки, повелете, сега вам ви ја предаваме иднината, снаоѓајте се!

Не учеа оти иднината нам ни останува, за сега да не третираат како бандити затоа што ние конечно решивме да сториме нешто од неа. Решивме да ја земеме в раце и да ја лечиме од генетските болести со кои се мачеле нашите претходници.

И уште повеќе, затоа што решивме дека нема никому да му се извиниме поради тоа, туку напротив, со долгоочекуваната јачина на гласот, да им кажеме што не е во ред со нивните трули институции и јасно и категорично да ги отфрлиме нивните шизофрени реформи!

Како диктатори ни ја одземаат автономијата, како ѕверови ни ја глодаат критичката мисла, како бесрамни манипулатори не заокружуваат и не вмешуваат во своите гадни политички сплетки, како виновници фатени во сопствената стапица ни затвораат врата пред нос и навлекуваат ролетни на прозорец кога ги повикуваме на разговор и чекаат да се обесхрабриме и да се повлечеме поради нивната наглувост за нашиот револт!

Молчат и се кријат затоа што, погодете што, не се навикнати на соочување со независни умови со силни аргументи! Изненадени се од сложноста и сплотеноста која ја покажавме, од нашата храброст и креативност, освестеност и одлучност!

Студенти, не обвинуваат дека позади нашиот револт се криел отпорот да добиеме подобро образование. Тоа не е точно! Нашите образовни институции пропаѓаат поради илјадници причини кои не се наша вина, а станаа наш товар, и затоа не треба ние да ја плаќаме цената за туѓата брзоплета глупост! Ние и нашите професори кои се овде најдобро знаеме дека овие реформи се само шминка врз грдото лице на реалноста, и овој пат нема да замолчиме!

Ние знаеме дека нашата задача како млади интелектуалци е да учествуваме во носењето одлуки кои ги засегаат нашите животи, и да бидеме жестоко гласни пред оние кои сакаат да го мерат нашиот развој со тестови, пред оние во чиј интерес е да бидеме нивните необразовани и послушни инструменти за владеење!

На крајот на краиштата, одговорните нека не се залажуваат дека овде се работи само за нивните тестови. Силината на овој отпор е последица на сета насобрана проголтана неправда која реши да излезе од нас, налик отровна материја која телото одлучило да ја исфрли за да го спаси организмот од болна смрт. Всушност, со овие последни реформи, количината на проголтано ѓубре ја надмина границата на толеранција на колективниот студентски организам, и сега е време да си го вратиме нагонот за гадење и повраќање кој долго сме го потиснувале!

Ова нема да запре тука. Нека знаат дека имаме МНОГУ ѓубре за исфрлање, а ова е само почетокот!

Студенти, ако сега замолчиме, можеме слободно да се спакуваме и да го фатиме првиот авион.

Ако сега замолчиме, ќе се вратиме во апатичната сонливост и умствена умртвеност од која штотуку се разбудивме.

Ако сега замолчиме, ја отфрламе сета општествена одговорност која ја носиме како студенти и интелектуалци, и ќе ја згаснеме сета надеж која ја разгоривме кај сите граѓани на оваа земја со досегашната храброст.

СТУДЕНТИ, АКО СЕГА ЗАМОЛЧИМЕ, ЗАСЕКОГАШ ЌЕ НЕ БОЛИ УСТАТА!

На нивниот молк и безобразност, ве повикувам со заеднички сили да одговориме со уште погласен и поупорен непокор!

НЕМА ПРОСТОР ЗА СТРАВ, ЗАШТО ЗАЕДНО СМЕ НАЈСИЛНИ!

Марија Грубор, Студентски пленум

*Говорот беше прочитан на денешниот студентски марш пред Владата.