Ако се знаеме сигурна сум дека сум ви кенкала на темава. Во 2015 ме одбија за стипендија од МОН, на основа дека програмата на која сум аплицирала (Global crime, justice and security) не спаѓала во опфатот на конкурсот (меѓународно право). На комисијата и беа доставени две дополнителни мислења во кои и Институтот за меѓународно право на Правен факултет и Правен факултет на Универзитот во Единбург укажуваат дека ако ги изберам X предмети, тоа е меѓународно правен курикулум. Нејсе, уште се тужиме.
Муабетот ми е не сум пристрасна да ја бранам стипендијата затоа што сум ја добила. Дали ќерката на Димитров требала или не требала да ја добие стипендијата, слободно зборете, ама сакам да посочам зошто мислам дека како јавна политика, стипендирањето е потребно и оправдано и не се согласувам со повиците за нејзино укинување:
1.Очигледното, просечно македонско семејство или не може да си дозволи да му покрие трошоци за студии надвор на своето дете или мора да влегува во долгови што со години ќе ги отплаќа. Во спротивно само се перпетуира и зголемува јазот меѓу оние што секако имаат и оние што немаат да инвестираат во квалитетно образование.
2.Мојата перцепција е дека индивидуалните придобивки се неверојатни: зависи од факултетот, ама затоа што се топ 100, најчесто сте дел од или канонската или cutting edge академска заедница во полето на интерес; изложени сте на методи на работа кои и те како ве спремаат за академска работа; функционирате во неверојатно амбициозна и компетитивна средина која ве бутка да извадите повеќе од себе; сфаќате дека цел живот сте живееле у илузија дека сте биле во контакт со наука, во моментот кога ви даваат пристап до академски научни бази, итн.
3.Не може да имаш иновативна, конкуретна, влијателна академска заедница ако ја држиш во изолација. И наспроти општото, локално, од некои наметнато разбирање, академската заедница не е составена само од професори. Исто толку се важни студентите и младите кадри како асистенти и истражувачи кои треба да го трасираат нејзиниот натамошен развој.
Да се вратам назад на студентиве кои искористиле вакви и слични стипендии, нашата академска заедница, ниту е заинтересирана да ги повлече овие студенти да орбитираат околу нивните институции откако ќе се вратат, ниту имаат идеја како (со чест на исклучоците). А ентузијазмот по враќањето е голем. И трае месец дена, додека не се соочите со реалноста.
Читам по ФБ-ов, дел од професориве мислат дека ако не е инвестицијата зголемување на нивните плати или плаќање за да објават во импакт фактор, дека се залудно потрошени пари. Фактот што се игнорира потенцијалот во кој се инвестира, односно непостоење на волја или неуспех дел од вратените студенти да се задржат во академската заедница, е проблем кој укинување на стипендијата нема да го реши.
Како и да е, како и секоја јавна политика, и оваа треба да биде подложена на евалуација. Што сме дале, што сме добиле. Мојата претпоставка е дека има супер придобивки, ама дека нема план или дека не се мери импактот што го имаат овие кадри по враќањето.
Во однос на постапката за доделување на оваа стипендија, под итно да се ревидира постапката и условите кои треба да ги исполнуваат членовите на комисиите за одлучување; не е јасно по кои акти одлучува комсијата и дали истите се соодветни (на пример како проценува дали една програма припаѓа на одредено научно подрачје ); да се истражи дали е оправдан нееднаквиот третман на научни подрачја кои се финансисраат ; кои дополнителни докази се корисни да се дадат во прилог и ќе бидат разгледани за да се докаже исполнување на условите (на пример мислењето од образовните институции кои ги дадов во прилог за да докажам дека се работи за меѓународно правна програма не беа земени тогаш во предвид, а сега слушам дека се прифаќаат), да се смени постапката за аплицирање, со тоа што ќе се вклучи можност за дополнување на документацијата согласно зоуп, вака од прва што ми текнува.
Марија Мирчевска