[Став] Сите прашања за правото и неправото на општината Карпош

Се чини дека активистите од Карпош ќе останат со веројатниот одговор дека понекогаш во Македонија и неправото создава право, пишува Новица Наков, магистер по човекови права и меѓународна политика, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Две групи на одлуки во стручната јавност беа оценети како незаконски, а во пошироката јавност оценети на скалата од непопуларни до штетни, но само една од нив беше повлечена. Тука мислам на одлуките на Претседателот на Републиката за ослободување од гонење на лицата поврзани со истрагите на Специјалното јавно обвинителство и за одлуките на Советот на Општина Карпош за деталните урбанистички за Карпош 4 и за Тафаталиџе.

Судбината на овие одлуки, за чија законитост (или подобро незаконитост) јавноста е согласна, поставува неколку интересни прашања:

1. Кој е тој правен механизам кој на Претседателот му дозволува да ги повлече незаконитите одлуки?

2. Дали тој механизам на повлекување е ексклузивен, т.е. дали му припаѓа само на Претседателот или им стои на располагање и на другите државни органи како што е Општината?

3. Ако ѝ стои на располагање, тогаш зошто не го користи?

4. Ако не ѝ стои на располагање, тогаш што треба да се стори за овој механизам на повлекување да се стави на располагање на општината (и другите)?

Понатаму, главниот аргумент на експертската јавност е дека неправо не може да создава право, па оттука прашање број 5 е: како една одлука за детален урбанистички план, патем за која веќе и дефинитивно Уставниот суд утврди дека не е донесена согласно закон, создала право – односно создала бројни поединечни одлуки за градење кои се сметаат за законити.

Мисловниот процес на Уставниот суд исто така е интересен за разгледување: тој утврдил дека не биле почитувани уставните и законските одредби при донесувањето на деталните урбанистички планови, но воедно одлуките за овие планови ги укинал, а не ги поништил. Па оттука уште едно прашање: како одлуки кои во старт се ништовни и кои според Уставниот суд чинат повреда на начелото на владеењето на правот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сепак определен временски период остануваат законити?

И последно, како Уставниот суд презема некој вид на нормативна функција, нешто за што експертите во врска со случајот за Законот за помилување едногласно кажуваат дека ја нема – со прости зборови дека судот не може да создава закони, тоа го прави само Собранието, или во случајот со урбанистичките планови само општините, и вели дека незаконитата одлука на општината е всушност законита од нејзиното незаконито донесување па сѐ до интервенцијата на судот?

Не знам дали овие прашања ќе го добијат експертскиот одговор. Објаснувањето дека во објекти изградени по незаконитите урбанистички планови се вложени пари е кусогледо изоставување на вкупната кост-бенефит анализа во врска со квалитетот на живот што Уставниот суд требал да ја направи при неговото одлучување. Во меѓувреме, се чини дека активистите од Карпош ќе останат со веројатниот одговор дека понекогаш во Македонија и неправото создава право.