[Став] Системско решение или негирање на ситуацијата со дискриминација на членовите на академската заедница

Дискриминацијата е прилично нов термин кој е третиран и дефиниран во македонското право. Гледано низ призма на правните акти, детално е уредено, опишано и се предвидени повеќе заштитни механизми, тела кои би требало да се функционални, да ги штитат граѓаните, казни кои треба да вродат плод и да не дозволат повторување на делото. При разгледување само на извештаите на телата кои постојат за заштита од дискриминација може да се заклучи дека во Македонија речиси и нема дискриминација на членови на академската заедница (студенти, доценти, асистенти, професори, службеници).

Сепак, реалната ситуација, односно податоци добиени од истражувања како и сведочење на секојдневни дискриминаторски содржини и акти, го тврди сосема спротивното. Студенти кои изнесуваат политички ставови се дискредитирани, етикетирани и дискриминирани, професори, асистенти и доценти се дискриминирани врз основа на политичка припадност при изборот на звања, студентски легла се делат и добиваат заради политичка припадност, што е исто така акт што дискриминира.

Истражување од 2013 година спроведено од Младински образовен форум и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ укажува дека студентите препознаваат дискриминација во високото образование многу често, односно 36,9% од нив слушнале дека некој е дискриминиран врз основ на сексуална ориентација, 34,4% врз основ на етничка припадност и јазик. Понатаму, 51,5% од студентите испитаници, забележале дискриминација при стекнување титула професор/асистент врз основа на политичка позадина, 53,8% од испитаниците бареме днаш сведочеле дискриминација со политичка позадина при добивање студентско легло. Исто така, во текот на студирањето, 44,5% барем еднаш забележале дискриминација од страна на професор врз основ на пол, додека за истиот основ од страна на асистент, процентот е 38,4%. Во текот на студирањето, студентите барем еднаш биле сведоци на дискриминација од страна на МОН, врз основ на политичка припадност – 33,5%, врз основ на етничка припадност и јазик – 24,4% а врз основ на пол – 24,1% . Од страна на факултетот, 30,2% барем еднаш приметиле дискриминација со политичка позадина, 22,6% заради социјлна позадина, 23,2% поради религиозна припадност.

Загрижувачки е моментот што и покрај високите проценти за препознавање на дискриминација од страна на студентите, анализата на годишните извештаи во периодот од 2011 до 2015 година на Народен правобранител, Комисија за заштита и спречување дискриминација и Комисија за студентски жалби, содржана во истражување од 2016 година, може да се забележи дека има само две конкретни претставки за дискриминација во високо образование, една поднесена од страна на професор поради дискриминација врз основа на години, а втората поднесена од страна на невладини организации поради дискриминаторски содржини во учебник. Она што укажува дека студентите не ги препознаваат државните тела ниту останатите страни кои би помогнале во решавање на ситуација во која некој е дискриминиран е нискиот процент на студенти што би пријавиле дискриминација, односно само 9,4% од студентите при пријавиле кај надлежни тела, 4,6% кај Студентскиот Правобранител, 1,4% кај Народниот Правобранител, 2,3% кај полиција.

Поради ова, повеќе од потребна е Универзитетска комисија за заштита од дискриминација која најпрво ќе спроведува едукација за значењето на дискриминацијата во академската заедница, бидејќи и во таа насока се забележува недоволна свесност на студентите, односно според истражувањето од 2013, само 32,4% од испитаниците знаат што е позитивна дискриминација. Понатаму, оваа Комисија би работела на испитување на состојбите во високото образование од оваа област, односно на годишно ниво би ги следела напредувањата или уназадувањата и во однос на стекнато знаење за дискриминација на членовите на акамемската заедница, и во однос на бројот на претставки. Ваква статистика, која во моментов не ја водат надлежните тела е од особена важност за да може реално да се согледа целосната слика и да се креираат соодветни механизми и мерки за заштита. Исто така, Универзитетската комисија би служела како советувалиште за жртви на дискриминација, односно служба која ќе им помогне да се реинтегрираат, но и служба која ќе може да решава претставки, да носи препораки и заклучоци во однос на претставки.

Предноста на вакво тело е токму неговата постапеност, пристапност и достапност на академската заедница. Фокусот на вакво тело ќе е сведен само на дискриминација на студенти, асистенти, професори и службеници од високо образование, што би значело поголема посветеност, секојденвно следење на ситуацијата и можност за креирање на стратегија за спречување на дискриминација која ќе е компатабилна на академската заедница, односно, наместо план за заштита од дискриминација на национално ниво, ова тело ќе спроведува посебен, утврден според истражувања и потреби само на академската заедница. Ова, заедно со едукација и спроведување кампањи, како и соработка со постоечките тела наменети за справување со дискриминацијата е гарант дека на проблемот ќе му се пристапи детално, плански, според одредена методологија и последователни акции, кои би можеле да ја подобрат ситуацијата и да ја намалат дискриминацијата врз академската заедница.

Александра Филипова, МОФ