[Став] Што значи да се има УНЕСКО светско наследство и што губиме

Статусот Светско наследство на УНЕСКО е најпрестижната титула што едно подрачје или локалитет може да ја добие. За едно место да биде прогласено за светско наследство се подготвува опсежна документација која треба да ја докаже неговата исклучителна вредност и важност за човештвото денес и во иднина. Едновремено, УНЕСКО проценува дали државата воспоставила систем за заштита и може да гарантира трајно зачувување на интегритетот и автентичноста на доброто како главни атрибути на исклучителната универзална вредност (ИУВ) (Outstanding Uneiversal Value – OUV).

Светското наследство не е под заштита на УНЕСКО. Туку УНЕСКО воспоставува систем преку кој локалитетите и подрачјата од исклучителна светска вредост ќе бидат заштитени, што пак е обврска на секоја држава. Така, со потпишувањето на Конвенцијата за светско наследство,  Македонија се обврзала својот единствен УНЕСКО регион да го заштити, зачува, презентира и пренесе на идните генерации.

Исклучителната универзална (природна) вредност, Охрискиот регион ја добива со:

Охридско Езеро (со регионот) – најстарото езеро на Европа кое датира уште пред  глацијалниот период, географски изолирано и со непрекината биолошка активност најмалку еден и пол милион години природен феномен кој обезбедува уникатно прибежиште за бројни ендемски видови и реликтни слатководни видови флора и фауна. Неговата исклучителна екологија се должи на олиготрофните води кои поддржуваат над 200 ендемски видови растенија и животни од кои 17 видови риби.

Исклучителната универзална (културна) вредност ја добива со:

Градот Охрид – едно од најстарите живелишта во Европа кое се оценува како најдобро сочувана комплетна целина која опфаќа археолошки остатоци од Бронзената ера сè до Средниот век, религиска архитектура од 7 до 19 век и урбана структура која ја претставува градската архитектура од 18 и 19 век. Византиската уменост е претставена низ фрески на површина поголема од 2500 метри квадратни и преку 800 светски вредени икони од 11 до 14 век. Охрид е град на најсариот словенски манастир, Св. Пантелејмеон и извор на словенската култура; седум базилики од 4 до 6 век во стариот дел на градот кои недвојбено укажуваат на старата слава на Лихнидос.

Спојот на природните феномени од светска важност со квалитетот и разновидноста на културните вредности и духовното наследство, го прават овој регион вистински посебен. (IUCN, 2019)

Охридско Езеро во 1979 и градот во 1980 ја комплетираа титулата на Светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион според четири критериуми на територија од 83,35 ха.

Охридскиот регион е едно од само 38 УНЕСКО подрачја во светот и 8 во Европа во мешовита категорија на светско природно и културно наследство.

ИУВ на едно УНЕСКО подрачје се определува преку два основни критериуми: автентичност и интегритет. Автентичноста се однесува само на културното наследство и се оценува преку степенот на зачуваност на изворните односно оригиналните облици со кои на веродостоен начин се потврдува ИУВ. Интегритетот е севкупна кохерентност и целовитост на посебноста, отсуство на закана по иститите, односно недопреноста на природното и културното наследство и нивните својства.

Според самоевалуацијата на државата од 2014, исклучителната универзална вредноста на регионот НЕ Е соодветно презентирана и објаснета и несоодветно се промовира.

За утврдување на состојбата на ИУВ односно нарушувањето на интегритетот и автентичноста на светското наследство задолжени се Центарот за светско наследство со советодавните тела, и тоа ИУЦН (IUCN) за природно и ИКОМОС (ICOMOS) за културно наследство.

Поради долгогодишните евидентирани процеси на деградација на доброто, во април 2017 г. Центарот за светско наследтсво испрати реактивна мониторинг мисија во посета на Охридскиот Регион. Таа имаше за цел да ја процени состојбата на доброто во однос на зачувувањето на неговата ИУВ.

Утврдувајќи многубројни закани по ИУВ на охридскиот регион, извештајот на мисијата содржеше 19 препораки кои беа вклучени во конечната препорака на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО – 41СОМ 7В.34 усвоена на годишната седница во јули 2017 г. Приоритетните мерки, државата имаше обврска да ги спроведе во рок од две години.

Во нацрт одлуката од мај 2019 г., Центарот за светско наследство констатира дека регионот „се соочува со непоправливи трансформации на севкупната врска помеѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот пејзаж и Охридското Езеро со кои единствено може да се справи со преземање огромни промени во владеењето, управувањето, планирањето, заштитата и процесите на имплементација. Постојаните закани во комбинација со инфраструктурните и развојни проекти од голем размер, поединечно и кумулативно преставуваат потенцијална опасност по ИУВ на доброто.“

Центарот препорача Охридскиот Регион да се впише на Листата на светско наследство во опасност.

Најголемите закани по интегритетот на регионот се неконтролирана урбанизација, неодржливи туристички практики, несоодветен третман на отпадните води и цврстиот отпад, нелегалното градење, прекумерниот риболов, несоодветно користење на крајбрежјето загадување од зголемениот воден сообраќај, инвазивни видови и др. Сето води кон забрзана еутрофикација односно деградација на квалитетот на водите што директно штети на екосистемот и ги осиромашува природните особености на регионот. Непланските и несоодветни урбанистички интервенции го видоизменуваат автентичниот лик на градот и крајбрежниот пејзаж што ги нарушува исклучителната вредност на регионот. (IUCN 2019,WHC 2019WHC/IUCN/ICOMOS 2017)

Конечната одлука по нацрт-извештајот ќе биде донесена на 43. седница на Комитетот за светско наследство во јули годинава. Без оглед дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност, останува фактот дека Македонија како резултат на континуирана негрижа, покажа флагрантна неодговорност за обврските преземени со потпишувањето на Конвенцијата за светско наследство.Несоодветните практики на планирање, управување и заштита сè поочигледно го симнуваат регионот од пиедесталот на УНЕСКО, едно од ретките места каде што Македонија може да биде на врвот.

Извор: Охрид SOS