[Став] Што значи да се биде амбасадор на Наградата за мир

На почетокот на годинава, средношколецот Стефан Митиќ од скопската гимназија „Орце Николов“ беше одбран од страна на Интернационалниот институт за човекови права и мир од Каен, Франција да биде амбасадор на наградата Freedom Prize – Награда за мир, проект кој се случува првпат оваа година, во организација на институтот со поддршка од регионот Нормандија. Наградата е создадена во ек на прославата на 75 годишнината од „Денот Д“, кога британски, американски, канадски и француски војски заедно тргнале да ја ослободат Нормандија од нацистите, историски важен настан кој ги  поттикнува луѓето од светот да се сплотат и заедно да останат истрајни во борбата за мир во светот. Годинава, добитник на ова признание е шведската тинејџерка Грета Тунберг за нејзините заложби против климатските промени.

Во продолжение, Митиќ раскажува за своето искуство како амбасадор на Наградата за мир и дружбата со свои врсници од целиот свет:

Во февруари бев дел од интернационалното жири составено од 30 члена, 18 од Нормандија и 12 од цел свет. Имаше претставници од Канада, САД, Џерси, Мадагаскар, Буркина Фасо, Камбоџа, Мавританија, Малезија и многу други и заедно со мене како единствен претставник од Балканскиот регион, работевме на одбирање на тројца финалисти на наградата, оние кои сметавме дека се најсоодветни во нивните полиња на дејствување и кои се залагаат за мир во модерниот свет, исто како ветераните во Втората светска војна.

За оваа награда се бореа ококу 100 кандидати, индивидуалци и организации и процесот на елиминација воопшто не беше лесен. Бевме поделени во тимови и имавме задача да аргументираме зошто и како секој кандидат би заслужил да ја добие наградата, и што би правел понатаму да ја продолжи својата борба. Кандидати беа новинари, фотографи, политички фигури, хуманитарци, гласноговорници против говор на омраза, глобално затоплување, обесправеност на жената итн.

Често се доведувавме до несогласувања, но сепак разрешување на конфликтот и наоѓање на заедничко тло беше најважно. Сè тоа докажува колку е всушност значајно да се сподели мислењето, да се размисли и создаде аргумент и да се прифати дека сопственото мислење не е секогаш точно. Особено беше тешко кога откако ќе слушневме приказна на некој кандидат, веднаш да не се поврземе со идеалите и да останеме непристрасни.

За мене, посебно е важно што имав можност за време на тие денови покрај обврските, да создадам цврсти пријателства и да научам нешто новоза различните култури, навики и традиции кои го сочинуваат овој свет, да пробам храна и пијалоци и да слушнам различни јазици.

Како финалисти на наградата, ги одбравме Лу Гуанг, Раиф Бадави и Грета Тунберг. Грета беше одбрана како победничка на наградата за мир преку онлајн гласање од 1 до 31 март, на кое гласаа и Македонци и таа оттогаш многупати има докажано дека гласачите не направиле погрешен избор.

На почетокот од јуни учествував на церемонијата „Светски мировен форум“, каде имав улога на амбасадор на наградата а воедно и ја претставував Северна Македонија во Нормандија. На форумот имаше претставници од неколку земји од светот, видни политичари, Нобеловци и познати личности кои зборуваа за слободата и какво значење има таа за нив.

Церемонијата се одвиваше во два дена, а на вториот ден ми дадоа задача да дадам медал на ветеран од Втората светска војна кој учествувал на „Денот Д“, што за мене значеше вложена огромна доверба и ми претставуваше неверојатна чест, поради тоа што имав можност да ги споделам своите идеали и ставови со истомисленици. Не можам да ја опишам среќата на очите на ветераните кои емотивно ги прифатија медалите. За нив тоа значеше валидација од цел свет за неверојатната храброст што ја покажале во 1943.

Потоа, се одржа церемонија на плажата Џуно, каде Канаѓани се бореле, а јас го држев знамето на Германија за време на истата. Моето искачување на сцената за време на церемонијата значеше симболична сплотеност меѓу народите. Таму, Џастин Трудо и Едуард Филип, премиери на Канада и Франција, држеа говор за значењето на слободата и мирот за нивните држави.

Овој проект е многу значаен во борбата за мирот и слободата во светот преку одржување на настани и церемонијални годишнини кои го претставуваат вечниот идеал за свет во кој владеат мир и хармонија. Исто така, моето учество ја претставува Северна Македонија како држава борец за истите позитивни вредности и ја отсликува како земја која придонесува за подобро утре.

Секој млад човек кој се стреми да помогне и да создаде поубаво општество за сите, мора да учествува на вакви настани каде се истакнува дебатата, критичкото размислување, споделувањето на идеите и ставовите, позитивното влијаење врз народот. Вакви настани се можност за искуство и учење од луѓе од други култури и делови од светот, кои докажуваат едно нешто – дека сите сме исти.

Стефан Митиќ