[Став] Што постигна Декадата на Ромите

Пред девет години, малку пред почетокот на Декадата на инклузија на Ромите, Штефан Ваврек бил млад студент поддржан од стипендија на REF (Roma Educational Fund). Откако ги завршил студиите, започнал програма за 250 ромски деца и нивните родители во неговиот роден град Римавска Сек во југоисточна Словачка и ја формирал волонтерската мрежа на ромски и неромски наставници наречена Ternipe.

Сето тоа резултираше со подобрени оценки, стапката на ученици кои се откажаа од основното образование се сведе на нула, а стапката на продолжување на основното со средно образование доживеа пораст од 95 посто. Благодарение на тоа, беше изградена динамична и растечка заедница.

Оттогаш, програмата на Ваврек доби официјално признание од ЕУ како најдобра пракса за превенција на предвремено напуштање на училиштето од страна на ромските ученици. Сега, при крајот на Декадата, Штефан е градоначалник на градот каде Ромите сочинуваат само 25 посто од населението.

Оваа и многу други успешни приказни покажуваат дека Деценијата за инклузија на Ромите не беше губење време. За многумина, одговорот на прашањето „Дали Декадата е успешна?“ е едноставно „не“. Но, за оние кои претпочитаат посложени одговори, Секретаријатот на Декадата има објавено два извештаи: A Lost Decade? Reflections on Roma Inclusion Since 2005 и Roma Inclusion Index 2015.

Овие публикации имаат строг поглед на тоа што се случуваше со инклузијата на Ромите во 11 земји во текот на изминатите десет години. Во нив е потенциран и неуспехот на владите да соработуваат со Декадата и да го затворат неприфатливиот јаз меѓу Ромите и остатокот на општеството во однос на домувањето, здравјето, вработувањето и образованието. Сепак, извештаите покажуваат дека можеби би било погрешно Декадата да се прогласи за губење време, особено кога станува збор за образованието.

Индексот за инклузија на Ромите е преглед на широк спектар на постоечки податоци кој покажува колку многу, односно колку малку напредок навистина бил направен за да се намалат разликите меѓу Ромите и останатото население. Податоците покажуваат дека образованието се истакнува како област каде напредокот е најзабележлив.

На пример, севкупниот ефект на десет години работа на REF од неговото формирање на почетокот на Декадата, резултираше со поголем број на деца Роми кои посетуваат предучилишно образование, завршуваат основно образование и преминуваат од основно на средно и високо образование.

Во 2005 година, REF успеа да собере 5000 донатори. Десет години подоцна, годишниот број на донатори се зголеми за 20 пати, и сега има повеќе од 100 000. Повеќе од 60 000 деца биле поддржани преку директно запишување на програмите за развој во раното детство, а програмите за превенција од напуштање на образованието им помогнаа на повеќе од 113 000 ромски ученици. Освен партнерствата со училиштата и градоначалниците, REF го зголеми зајакнувањето на ромските заедници и преку активно ангажирање на родителите.

Од друга страна, податоците покажуваат потенцијално влошување кога станува збор за прераспределувањето на Ромите во специјални училишта и за сегрегацијата воопшто. На пример, во Србија ромските деца имаат 36 пати поголема можност од другите деца да бидат сместени во специјални училишта. Сепак, позитивно е што запишувањето на ромските деца во предучилишните образовни институции е значително зголемено, од четири проценти во 2004 година, на 63 проценти во 2014.

За Албанија, извештајот покажува страшни резултати: девојчињата имаат полоши резултати од момчињата во секој аспект, а многу малку Роми завршуваат основно или средно образование. Во исто време, сегрегацијата се влошува.

Сепак, понекогаш има и добри вести. Минатата година, две општини во Албанија ги презедоа моделите за интервенција на REF во основното образование, за да овозможат вонучилишна помош за децата Роми.

Има причини да се очекуваат поохрабрувачки податоци во блиска иднина. На пример, во Романија денес основно училиште завршуваат  80 посто од ромскитедеца, за разлика од 66 посто пред 10 години. Во Словачка, писменоста кај Ромите пораснала за 18 посто.

Јасно е дека Декадата не го „затвори јазот“. Беше очигледно уште од самиот почеток дека се потребни многу повеќе од десет години да се поништат вековите на ексклузија. Но, успеа да ја подигне свеста за состојбата на Ромите како никогаш порано. Предизвика одговорност на владите да развијат стратегии за инклузија, и доведе до рамковните Национални стратегии за интеграција на Ромите на земјите на ЕУ.

Имајќи на ум дека милиони Роми и понатаму живеат во нехумани услови, тешко ми е да ги славам напредоците кои ги направивме од 2005 година. Но, верувам дека Декадата го постави темелот за промена. Кога ги гледам придобивките кои ги постигнаа ромските деца и нивните родители, го гледам потенцијалот на инклузијата на Ромите, и знам дека и покрај сите недостатоци, Декадата не беше залудна.

Пишува: Judit Szira

Извор: Open Society Foundations