[Став] Што On This Day алатката на Facebook кажува за кршливоста на нашите „онлајн животи“?

Ако ја насочуваме нашата енергија во „твитови“ и статуси, каде создаваме нешто што ќе остане?

Можете ли да се сетите како сте се чувствувале на денешен ден минатата година? А пред три години? Facebook може, и ако сте редовен корисник на мрежата, веројатно сте забележале дека поголем дел од минатата година редовно ве потсетуваше на тоа.

„Ние се грижиме за вас и за сеќавањата кои ги споделувате овде“, топло посочува платформата, нудејќи ни фотографија покриена со конфети или статус од пред некоја година. Теоретски, ова е добра идеја – прикачуваме многу нешта на социјалните мрежи, и нашата секојдневна поврзаност со нив прави лесно да заборавиме што сме објавиле, а понекогаш е забавно на тоа да се потсетиме. Секако, би сакале да се потсетите дека свадбата на ваш пријател била на денешен ден пред шест години, и на тоа колку ви било забавно тогаш. Видете, пред три години сте објавиле нешто за вашето омилено кафуле, а денес го направивте истото. Добри времиња!

Проблемот е во тоа што алгоритамот избира објави на кои не секогаш сакаме да се присетиме, како што мисли Facebook. Во најдобар случај, има нешто комично во идејата дека би ценеле да се потсетите на фотографија од храна. Во најлош случај –објава дека сте ја изгубиле работата, фотографија од вашиот сега поранешен партнер или милениче кое починало, или пак болест на член од семејството се ископани без никакво предупредување, сервирано во вашиот ден заедно со веселата, интимна желба на Facebook за убав ден. Кога анкетирав корисници на Twitter да слушнам за посериозни грешки на алгоритамот, една личност пишуваше за случај кога Facebook „топло“ ја потсетил на оној пат кога споделила постер за исчезнато лице, за пријател кој бил најден мртов.

Друг корисник порано го користел својот Facebook за да ги известува семејството и пријателите за лекувањето на неговата мајка болна од рак. Таа сега е добро, но гледањето на тие стари дневни објави било непријатно потсетување. Застрашувачки времиња спакувани во „грижлива“ кутија со сеќавања од Facebook. Често пати, луѓето имаат прекрасни фотографии од свадби кои довеле до развод, или пријателства кои завршиле неславно.

Се чини декa Facebook сѐ уште експериментира со оваа опција, наречена On This Day. Во октомври додадоа филтри кои им овозможуваат на корисниците да ја контролираат алатката преку исклучување на одредени датуми и луѓе од можностите. Но, како и со многу други алатки на Facebook, тешко е за просечниот корисник да ги најде подесувањата, а нема ниту начин сосема да се исклучи On This Day опцијата.

Иако на многумина корисници On This Day не им се допаѓа, малкумина се изненадени. Веќе сме навикнати на непосакувани „услуги“ кои се множат на Facebook како печурки. Го толерираме ваквото мешање бидејќи многу од нас зависат од Facebook како место за социјални врски, секојдневни разговори и начин да комуницираме со луѓе кои не ги знаеме баш најдобро, но би сакале.

Но, има многу повеќе да  научиме од оваа алатка, отколку да ја гледаме како уште една лекција за тоа колку е Facebook морничав и колку е тешко да се побегне од него. Секако, нелагодноста која ја чувствуваме од недобредојдените „потсетувања“ делумно е поврзана со инвазивните квалитети на Facebook, и со откритието дека доброволно сме учествувале во голем дел од тоа. Но, дел од опипливата празнина јасно е дека доаѓа од фактот дека многу од нашите објави не биле наменети за да станат сеќавања. Овде се појавува значајно прашање: Која е целта на „согласноста“ која им ја даваме на платформите, ако е бескорисно при создавањето на барем малку значајна историја за самите себеси? Дали создаваме нешто што ќе остане, нешто што вреди да се присетуваме за него, или пак социјалните медиуми нѐ натераа да го вреднуваме само тоа што се случува во моментот?

Овие платформи доведоа до промена во секојдневното размислување и изразување на корисникот. Во свет на статуси и твитови, долгорочната идеја станува луксузна реткост. Нашето основно средство за добивање и процесирање на вести и култура станува „секвенцата“, дизајнирана за разговор за идеите на денот, не за авторитетот на постојаноста. Затоа, многу од нештата кои ги објавуваме губат од значење настрана од моментот кога се напишани. Дури и некои од моите сопствени колумни кои сум ги напишала за дневно актуелни проблеми ме зачудуваат, што за пет години – не, дури и за една година, контекстот бил одамна изгубен,оставајќи ги идеите да висат, нелогични и бескорисни вон нивното време.

Генерално ги гледаме социјалните медиуми како алатка да изјавуваме важни работи и да ги документираме значајните времиња, но исто толку често, ако не и почесто, социјалните медиуми се само телефон од лименка, канал преку кој ги фрламе баналните дрдорења во универзум кој не се грижи. Тие се форма на размислување на глас, прикажување на момент лично за нас на целиот свет.

Претежно бескорисната On This Day алатка јасно покажува колку станува кршлива нашата онлајн историја. Ако ја насочуваме нашата енергија кон дневно актуелни твитови кои зависат од контекстот и секојдневни статуси, каде ја складираме нашата вистинска историја?

Иако сум посветен и зависен корисник на социјалните медиуми, моето детство е документирано во кутија за чевли, во која има вистински фотографии и неколку тетратки. Моите родители чуваат неколку фото албуми и видео касети, и тоа е сѐ што имаме. Пораснав со идејата дека сеќавањата се интимни и мои, значајни настани и времиња спакувани со љубов и скриени во домот. Денес се тетеравиме под секојдневните податоци кои ни се сервирани без наша дозвола, од платформи на кои не треба да им веруваме, во формати кои малку ни значат, од исечоци и делумни мисли кои никогаш сме немале намера да ги запаметиме. Понекогаш е дури и невозможно засекогаш да ги уништиме нештата кои сакаме да ги заборавиме, и остануваат гравирани во бескрајното сеќавање на интернетот за туѓинци да ги најдат.

За 10 години, ќе сакате ли вашите дневни поплаки за времето и древните политички каузи, вашите молби за помош, вашите претходни врски и малите главоболки да се најдат во нечија туѓа сопственост? Како можеме да пристапиме до нештата на кои сакаме да се сеќаваме, наместо до менталниот неред кој сакаме да го заборавиме? Како би изгледала подолготрајна, поодржлива, повредна слика за нас онлајн. Кое би било решението за нејзино одржување?

Тоа е интересен технолошки и културолошки предизвик. Многу мои пријатели и колеги ја користат Timehop, апликација која постои долго пред On This Day. Timehop може да ја агрегира вашата историја на Facebook, Twitter, Instagram, Foursquare, Flickr, дури и Camera Roll опцијата на вашиот телефон ако ѝ дозволите. Нацртан диносаурус ви нуди дневен извештај за тоа што сѐ сте споделиле на тој датум претходните години, а можете да гледате и објави од вашите Timehop пријатели. Можете и повторно да ги споделите вашите сеќавања со наслов како „Сѐ уште точно“. За разлика од Facebook, Timehop нуди посветен и уреден простор, и неговите корисници имаат контрола над тоа што е споделено.

Leigh Alexander за The Guardian