[Став] Што губиме кога даваме награди на луѓето како Кејси Афлек

Преку бескомпромисно простување на насилните мажи, им кажуваме на жените дека насилството кое го претрпеле е помалку важно од правото на некој маж успешно да го промовира своето гледиште.

Белите мажи во индустријата на забава можат да се избават од сѐ. Таа една разочарувачка лекција неодамна беше вдлабена во главите на жените. Ја видовме ѕвездата на реалните ТВ шоуа, Доналд Трамп, како на видео снимка сексуално злоупотребува колешка и се смее за тоа дека може „да ги граба жените“ за нивните гениталии. Видовме и како Америка го избра за претседател неколку недели подоцна. Дознавме дека Бернардо Бертолучи и Марлон Брандо ја злоупотребиле актерката Марија Шнајдер на филм, за да создадат автентична сцена на силување во „Последното танго во Париз“. Кратко пред нејзината смрт дознавме и дека Шнајдер зборувала за тоа со години. Ја видовме и сликата на „рехабилитацијата“ на Мел Гибсон, од кого постои снимка на која на својата девојка и кажува дека изгледа како „плодна прасица и доколку е силувана од глутница Црнци ќе биде нејзина вина“, а потоа и се заканува дека ќе ја силува и убие самиот. На Оскарите, Гибсон седеше на првиот ред, редејќи награди за филмот Hacksaw Ridge и весело смеејќи се на шегите за О.Џ. Симпсон. А, Кејси Афлек ја однесе дома наградата за Најдобра машка улога.

Афлек, за оние кои не знаат, е обвинет за сексуално тероризирање на колешки на сетот на неговиот „мокументарец“ од 2010 година, I’m Still Here. Во обвиненијата се вели дека Афлек нанесувал секакви видови на насилство, од нарекувајќи ги жените на светот „крави“, па се до инсистирање една од неговите вработени, Аманда Вајт, да ја дели хотелската соба со него. откако го одбила, ја „бомбардирал“ со заканувачки СМС пораки. Друга жена, Магдален Горка, вели дека се разбудила во приватна хотелска соба и го нашла Афлек „до неа во креветот, носејќи само долна облека“, според нејзината тужба. Кога Горка успеала да го извади Афлек од својата соба, наводно ги собрал другите членови на персоналот да ја навредуваат и злоставуваат, додека не се откажала од проектот.

Наградата за најдобар актер на Афлек не е највознемирувачкото нешто на оваа листа. Но е сурова потврда за веќе добропознат шаблон. Оскарот обезбедува бесценет поттик на кариерата. Афлек веројатно ќе добие повеќе улоги, подобри улоги и поголема препознаеност на неговото име, благодарение на наградата. Како што станува се поуспешен, ќе станува и се понедопирлив. Што значи дека, доколку тие обвиненија се точни, жените на кои им наштетил ќе имаат се помала шанса да бидат слушнати. Тоа не е штетно само за индивидуите кои се вклучени во овој случај, туку и за сите жени кои се нашле себеси виктимизирани од моќни мажи.

Овие предвидувања можеби се чинат празни, но се извлечени од историја на институционално одобрување на уметничката продукција на проблематични мажи. Земете го за пример Роман Полански. Никој не се соимнева дека силувал 13-годишно девојче – го призна тоа не само во изјаснувањето пред суд, туку и во озлогласеното интервју во кое ја нарече негова „жртва“. Но, никој од Академијата не веруваше дека ќе претставува голем проблем за неговата кариера како режисер. Кога го доби Оскарот за најдобар режисер во 2003 за филмот Pianist, прогласувањето беше дочекано со стоечка овација, дури и од Мерил Стрип. Пресреќниот Харисон Форд ја прифати наградата за Полански, кој не можеше да дојде на церемонијата, бидејќи е осуден силувач на дете.

Полански не е исклучок. Потсетете се на Кејт Бланшет во 2014 година, велејќи дека нејзината награда за најдобра актерка за Blue Jasmine е „победа за сите жени“ и фалејќи го сценариото на Вуди Ален, и покрај фактот дека неговата возрасна ќерка, Дилан Фароу, штотуку објави отворено писмо во Њујорк Тајмс, повторувајќи го обвинението од 1992 година дека Ален ја силувал кога имала само седум години. Фароу конкретно посочила дека „актерите кои го воспевале Ален на доделувањата на награди“ е извор на екстремна траума.

Има и други, не толку озлогласени случаи – Еминем, чија рана музичка кариера се состоеше претежно од емоционална злоупотреба и закани до неговата сопруга, Ким Матерс, која често велеше дека насилството не било само вербални, освои Оскар за романтизирањето на сопствениот уметнички гениј во 8 Mile. За семејно насилство биле обвинувани многу актери, од номинираните Мајкл Фасбендер и Џони Деп, до два пати наградениот Шон Пен. Повторно, Мел Гибсон беше номиниран за најдобар режисер на последните Оскари – но шаблонот останува.

Белите мажи кои им прават неописливи нешта на жените никогаш не биле избркани од клубот на Академијата. Ние постојано инсистираме да се оддели уметникот од уметноста. А добивањето на наградата за најдобар актер, истата година кога беше обвинет, јасно покажува дека Академијата не научила ништо од случаите на Ален и Полански – не ни обраќаат внимание на дискусијата.

Да го поделат уметникот од уметноста би бил благороден сентимент, доколку редовно го применувавме за сите. Но, не го правиме тоа. Ако еднаш настрана ги тргнеме настрана начините на кои им судиме на жените, овој ист шаблон на простување и селективно слепило е сомнително отсутно, кога станува збор за црните уметници. Кога историјата на сексуални напади на режисерот Нејт Паркер беше откриена минатата година, неговиот филм The Birth of a Nation помина ужасно во кината. Паркер самиот од „златното момче“ стана отпадник преку ноќ. Слично, Мел Гибсон можеше да се смее на шегите за О.Џ. Симпсон, бидејќи Симпсон е се уште во затвор и засрамен, засекогаш лишен од славата која еднаш ја делеше со Гибсон.

Стандарното приговарање на одбивањето на Афлек, Полански или Гибсон од индустријата на забава, е дека тоа е „малограѓанско“. Да се исклучи било кој голем уметник, значи дека добиваме помалку уметност. Казните се одредуваат во судниците, не од страна на шефовите.

Сепак, како што Афлек станува поуспешен, станува повеќе финансиска придобивка за луѓето со кои работи, што значи дека се понаклони да го заштитат, а помалку наклонети да им дадат на неговите обвинители фер судење.

Се повеќе и повеќе жени ќе бидат приморани да работат со Афлек, и покрај опасноста која ја претставува тој за нивната физичка безбедност и ментално здравје, а ќе биде и поризично да пријават малтретирање.

На крајот, многу од жените кои ќе се решат да го пријават, ќе го направат тоа што го направија и Горка и Вајт – ќе се откажат, или од проектот,или од филмската индустрија наполно. Да се чуваат големите машки уметници наоколу, додека ги загрозуваат своите соработнички не е само неправедно, туку и активно го намалува борјот на големи женски уметници преку создавање на работно место во кое жените се пред се вреднувани поради нивната способност да се приспособат и интегрираат според сексистичките мажи, а не поради нивните вистински таленти.

Проблемот со Афлек или Гибсон или Полански или Ален и нивното добивање на награди не е само што е неправедно. Работата е во тоа што некој друг треба да ги добива тие награди. Некој друг треба да стои на таа сцена – можеби и да го држи трофејот за најдобар режисер. Досега, тоа го правела само една жена.

Преку бескрајно простување на насилните мажи, им кажуваме на жените дека насилството кое го претрпеле е помалку важно од правото на некој маж успешно да го промовира своето гледиште. Ги губиме приказните на тие жени и нивната уметност, бидејќи сме им кажале дека не значат.

Сејди Дојл