Сосем случајно, на Фејбук пред два дена го сретнав „Бели је победник“, видеото за кампањата на Љубиша Прелетачевиќ – Бели, кандидат за претседател на Србија. И иако пред сè го отворив за сеир и поради многубројните коментари на моите пријатели од Балканот (а сега и на цел свет!), феноменот Бели место како петминутна шега, го сфатив како многу сериозен симптом за заразната неверба на граѓаните, а пред сè младите, во нивниот систем.
За оние кои не знаат, Љубиша Прелетачевиќ – Бели, е всушност Лука Максимовиќ, студент по комуникологија, роден 1991 година. Максимовиќ, кој инаку се смета за комичар и политички активист, го создал Бели (презимето Прелетачевиќ е во чест на „прелетач“ – спрскиот термин за политички „сончоглед“ кој менува партии и страни за лична корист), како епитом на типичниот српски, мачо политичар, прав патриот и семоќен славјанин.
Бели се буди прв, Бели пие ракија, шета со згодна девојка под рака, фрла пари на улица и купува гласови, ветува вработување и на кампањските спотови прави склекови полугол. Носи бело, златен часовник и жезол. Има кампањски спот кој е преработка на легендарната „True Survivor“ на Дејвид Хаселхоф, од филмот „Kung Fury“. Неговата партија, „Сарму пробо ниси“, минатата година освои 12 седишта во Општинскиот совет на Младеновац. Нивното предизборно ветување? Оддел за евтаназија за пензионери во општинската болница, за да ја олеснат државата од трошоците кои ги плаќа за нив.
Сега Бели, кој повеќето од луѓето не сфаќаат дека не е српската „сељачина“ кој носи потписи за кандидатура на бел коњ (да, навистина ги достави потписите на бел коњ), туку интелигентен, млад човек кој сфатил со каква сатира најлесно резонираат луѓето на Балканот, според последните рејтинзи е најголем конкурент на Александар Вучиќ, актуелниот српски премиер. Иако според предвидувањата, Вучиќ има повеќе од половина од гласовите, а Бели помалку од десет проценти, 26-годишниот измислен кандидат е втор.
Претседателот на Српската напредна партија (Српска напредна странка, или српското ВМРО-ДПМНЕ), е во незгодна ситуација. Неговиот најголем конкурент – не постои! Сепак, српската државна изборна комисија реши да го уважи како легитимен кандидат.
И, што тоа може да ви каже за довербата на младите во системот?
Коментарите на социјалните мрежи и медиумите за Бели се речиси исти: „За прв пат имам желба да гласам!“, „Ќе има повеќе гласови од крадците и лажговците!“, „Неверојатно е колку е процентот на негативни коментари минимален. Гледам дека и во Србија е можна револуција“. Бели е „viral“, за него пишува и Индепендент. Младите велат дека ќе го гласаат, возрасните му честитаат на храброста, а медиумите го обожуваат.
И не може, а да не ми текне на епизодата „The Waldo Moment“, од серијата „Black Mirror“. Таму британската, имагинарна верзија на Бели е анимирана, вулгарна мечка, која ненамерно станува кандидат за пратеник. Но, младите порадо би гласале за Валдо, отколку за роботизираните, речиси невозможни да се испоставиш со нив, политичари.
Она што сакав да кажам е – сценариото на Чарли Брукер за „The Waldo Moment“, на некој начин се остварува преку српскиот претседателски кандидат. Во време на пост-вистина, пост-сарказам, алтернативни факти и глобално лудило, некој кој „уште нема завршено ни факултет, а ќе стане претседател“ (го цитирам Максимовиќ), на Србите им изгледа како помалку луда опција од вистинските „избраници на народот“. На 9,5 проценти од гласачкото тело во Србија, Сарму пробо ниси и нивниот кандидат им се најдобар избор. А, Србија не е толку далеку од нас. Ниту географски, но ни културолошки. Впрочем, може да се забележи македонскиот урнек и прогрес на владејачката партија, во владеењето на СНС.
Секако, Бели не е ни близу до победа – Вучиќ има завидни 56,2 проценти поддршка на последната анкета. Веројатно, она што Бели го прави од шега – фрлање пари на улица и купување гласови, на Вучиќ му го обезбедиле овој „мрсен“ процент. Но, барем за сите оние пасивни гласачи кои велат дека од сеир ќе гласаат за Бели, тој направил некаква промена.
За крај, да напоменам дека во моето проучување на „феноменот Бели“, прочитав и дека тој и неговите сопартијци сосема сериозно си ја извршувале функцијата на градски советници, а повеќе пати и пролонгирале гласање за „наместени“ урбанистички планови, редовно барале финансиски отчет од градоначалникот и укажувале на нетранспарентните одлуки во Општината. Така што, би можел од сеир и сарказам, навистина еден ден да дотурка до претседател. И онака политиката не може да стане поапсурдна од тоа што е. А за Бели, од Македонија и од мене, како млада, разочарана, саркастична личност: Само јако!
Стефанија Тенекеџиева