[Став] Што е внатрешна хомофобија, и колку е поврзана со нападот во Орландо

Јавувањата дека напаѓачот од Орландо, Омар Матин, бил редовен посетител на геј ноќниот клуб кој го нападна и дека користел апликации за состанување за геј луѓе, доведоа до шпекулации дека бил мотивиран од внатрешна хомофобија. Но, што е таа, и дали е поврзана со најголемото масовно убиство во неодамнешната историја на Соединетите Американски Држави?

Истражувачите сè уште се трудат за засноваат што го довело 29-годишниот обезбедувач од Флорида да убие 49 луѓе и да повреди многумина, додека се забавуваат во популарниот геј бар Пулс.

Ги испитуваат индикациите дека Матин бил инспириран од радикален исламизам, откако беше откриено дека се заколнал на верност на Исламската држава и дека ФБИ го истражувале два пати претходно поради терористички врски.

Таткото на Матин потврди дека неговиот син имал цврсти анти-геј погледи, поради што многумина веруваат дека нападот е мотивиран од насилна хомофобија.

Но, како што се појавуваат повеќе информации за историјата на убиецот, се развива покомплицирана слика. Сведоците велат дека Матин го посетил ноќниот клуб неколку пати во изминатите три недели пред нападот, и комуницирал со геј мажи преку апликации за средби. Неговата бивша сопруга, Ситора Јусуфиј, изјави за CNN дека е можно тој да имал скриени чувства дека е геј.

Тоа ги доведе експертите да се запрашаат дали стрелецот бил предизвикан, барем делумно, од моќна омраза кон себеси поради неговата сексуалност. Може ли да биде поттикнат да мрази и повредува други бидејќи се мразел самиот себе?

„Иако не е често, не е непознато луѓе да бидат насилни кон другите лица кои се ЛГБТ како начин да компензираат за нешто поради што се борат со себеси“, вели Џеневив Вебер, која специјализирала во советување на луѓе кои патат од внатрешна хомофобија и предава на Универзитетот Хофстра во Њујорк.

„Може да биде дел од мислењето дека ако се доволно различни, сигурно не се геј“, додава.

Дефинициите за интернализирана хомофобија варираат, но претежно се јавува кога ЛГБТ индивидуите се среќаваат со негативни убедувања кон нив во општеството, да ги апсорбираат тие убедувања и да ги прифатат како точни.

Истражувачите велат дека се случува ненамерно, и иако Матин можеби е екстремен пример, тоа е проблем кој влијае на многу ЛГБТ индивидуи во некој дел од нивниот живот.

„За жал, тоа е многу едноставен концепт“, вели Илан Мејер, академик за јавна политика и закони за сексуална ориентација на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес. „Сите членови на општеството учат за конвенциите. Учиме за стигмата и предрасудите за одредени групи од многу мала возраст. Затоа, кога една личност почнува да препознава дека е геј, веќе постои таа негативност“.

Пораките за хомосексуалноста можат да дојдат од многу места, меѓу кои семејството, училиштето и медиумите, велат експертите.

Нетолеранцијата може да биле притајно комуницирана, можеби преку клевети или пејоративни изјави како „тоа е толку геј“, или отворено, како малтретирање или анти-геј уверувања во религиите кои не ги прифаќаат ЛГБТ правата.

„Има многу религии кои не се хомофобични“, вели Мејер. „Но, во некои случаи, кога си религиозен и слушаш негативни пораки постојано од луѓе кои се многу ценети во твојата заедница, ќе биде болна лекција“.

„Секако во христијанската евангелистичка заедница во САД, на пример, доколку одите на црква секоја недела, ќе научите страшни нешта“.

Сохаил Ахмед, млад муслиман од Лондон, вели дека неговата борба со сопствената сексуална ориентација довела до тоа да биде екстремен во неговите религиозни погледи – дотаму што дури и размислувал да организира терористички напад.

„Ги истражував сите исламски пресуди за тоа што треба да ти се прави доколку имаш хомосексуални чувства“, вели тој.

„Една работа која ме враќаше пак и пак беше дека треба да бидам порелигиозен, да обожувам повеќе. Звучи навистина парадоксално, но јас навистина станав порадикален во обидот да се излечам себеси од хомосексуалност“.

Ахмед вели дека ја криел својата ориентација од сите што ги познавал, па дури и почнал да верува дека е „зол“.

„Почнав да размислувам дека можеби сум геј како казна од Господ за нешто што сум направил. Тоа беше навистина застрашувачко чувство – да се будиш секое утро со глас во твојата глава кој ти вели дека си одвратен, дека си злобен“.

„Тоа беше магичен круг. Само ја зголеми мојата омраза за себе и другите геј луѓе. Тоа беше есктремно деструктивно“.

Ахмед подоцна се откажал од своите екстремистички погледи и сега им помага на другите да се оттргнат од радикализмот. Јавно признал дека е хомосексуалец и следи прогресивна гранка на ислам која ги прифаќа ЛГБТ луѓето.

Но, експертите предупредуваат дека внатрешната хомофобија може да има штетно влијание на менталното здравје на личноста. Може да предизвика депресија и анксиозност, што доведува до тоа луѓето да се чувствуваат неспособни да создаваат интимни врски, и да прават небезбедни избори.

„Внатрешната хомофобија сама по себе не е ментално заболување, но предизвикува проблеми со менталното здравје“, вели Мејер.

„Секако, ако се соочувате со тој многу тежок период да се прифатите себеси, многу е стресно. Може да води до алкохолизам или користење дрога“.

Луѓето кои патат од неа треба да сфатат дека тоа е состојба која може да се надмине, вели Џеневив Вебер.

„Со потребната помош од советник или некој кој навистина разбира како е, луѓето можат да бидат доведени до точка кога се сакаат себеси и сфаќаат дека има цела заедница која ќе ги поддржи“.

И Вебер и Мејер велат дека да се образова општеството како целина е од големо значење при овозможување на луѓето да избегнуваат да развиваат внатрешна хомофобија и нејзините потенцијално штетни ефекти.

„Училишните средини треба да бидат не само полни со прифаќање, туку и да ги учат децата за заедницата на хомосексуалците“, вели Мејер. Тој ги охрабрува сите кои можеби се борат со својата сексуалност да бараат позитивни приказни и слики на интернет.

Вебер вели дека е важно да им се понуди вистинска помош. „Треба да има луѓе во улоги во кои покажуваат прифаќање, и да се осигураме дека имаме медицински лица кои ги разбираат проблемите и кои се достапни до луѓето“.

Сè уште не е познато дали Матин се соочувал со внатрешна хомофобија и дали воопшто се обидел да најде поддршка.

Мејер вели дека нема доволно истражувања за да се докаже врска меѓу внатрешната хомофобија и насилното однесување.

„Но, знам дека Матин не би бил првата личност која искажувала хомофобија и внатрешно и надворешно“.

Примерите вклучуваат случаи кога конзервативни, анти-ЛГБТ политичари во јавноста биле експонирани од медиумите дека се геј, вели тој.

Но, кога станува збор за стрелецот од Орландо, ова е едно од многуте прашања кои остануваат неодговорени.

Џасмин Тејлор-Колман за ВВС